Анализирањето на напредокот според нивоата на приходи на земјите ги истакнува разликите во светот: повеќето од администрираните дози биле во земји со повисоки приходи, додека само четири отсто од луѓето во сите земји со ниски приходи примиле барем една доза
Една година од почетокот на имунизацијата против ковид-19
Првата година од дистрибуцијата на вакцините против ковид-19 беше обележана со импресивни напори во голем број земји, но и со сериозен недостиг од снабдување за најсиромашните нации во светот. Сите одобрени вакцини, главно од кинески и западни производители, се покажаа како високоефикасни во заштитата на имунизираните лица од хоспитализација и смртен исход. Доказите покажуваат дека тие можат да го намалат ризикот од инфекција, иако сè уште не е одредено колку долго ќе трае таа заштита. За земјите со широк пристап до дози на вакцини, ова значеше клучна способност за ограничување на бројот на заразени додека во светот официјалната бројка на смртни случаи изнесува повеќе од пет милиони луѓе, а реалната е веројатно многу поголема. Заклучно со ноември, половина од светската популација примила најмалку една доза вакцина против ковид-19 (од кои повеќето се возрасни лица), а приближно 40 отсто се целосно имунизирани. Двете најнаселени земји во светот постигнаа извонреден напредок, со тоа што повеќе од три четвртини од кинеското население е целосно вакцинирано, а повеќе од половина од Индијците примиле барем една доза.
Бавна дистрибуција на вакцини во сиромашните земји
Анализирањето на напредокот според нивоата на приходи на земјите ги истакнува разликите во светот: повеќето од администрираните дози биле во земји со повисоки приходи, додека само четири отсто од луѓето во сите земји со ниски приходи примиле барем една доза. Африканските земји заостануваат најмногу со голема разлика во однос на водечките земји, затоа што многу од нив се потпираат на донации преку глобалната иницијатива на механизмот „Ковакс“ или директно од земји како Кина и од САД. Сепак, некои нации успеаја да се истакнат. Јужна Африка се бореше да добие дози заедно со своите соседи и покрај тоа што е меѓу најбогатите на континентот, додека Камбоџа се издвојува меѓу земјите со ниски приходи, со тоа што повеќе од три четвртини од нејзиното население е имунизирано. Побогатите нации ги зајакнаа своите ветувања за донирање дози во последните месеци, особено на самитот на американскиот претседател Џо Бајден за ковид-19 и на состанокот на Г20 во Рим. Сепак, тие ветувања бавно се претвораат во реалност, а поради доцнењето во испораката, од „Ковакс“ веќе информираа дека нема да ја постигнат целта да испорачаат две милијарди дози, првенствено во посиромашните земји, во 2021 година што предизвика жестока дебата за тоа кому треба да му се даде приоритет.
Загриженост од нови соеви
Сè уште високиот број на невакцинирани лица предизвикува загриженост за можноста за појава на нови варијанти, кои би можеле да се покажат поотпорни на сегашните вакцини. За да се забрзаат стапките на вакцинација, многу влади и бизниси во светот издадоа наредби, кои убедија некои луѓе да се имунизираат и ги поттикнаа другите, кои се двоумат, да протестираат. Покрај тоа, достапноста на вакцините против ковид-19 постепено се проширува и кај децата, при што тинејџерите први добиваат пристап во многу земји. Иако според експертите е малку веројатно постигнувањето колективен имунитет, поточно кога поголемиот дел од популацијата е вакцинирана и е имун на одредена болест, сепак глобалните напори продолжуваат, со цел да им се обезбеди на луѓето високо ниво на заштита и да се достигне точка каде што новиот коронавирус ќе може успешно да се контролира.
Подготвиле: Дејан Србиновски; Билјана Здравковска