Бугарските компании се наоѓаат во „заложништво“ на нивната државна стратегија и политика во однос на Македонија. И наместо заради економската соработка, раст и развој на граѓаните да ги тргне настрана своите историски предрасуди и заблуди, Софија вештачки ја инхибира трговската размена со Македонија, сакајќи да активира уште еден инструмент на притисок и принуда. Експертите тврдат дека бугарската државна политика е на нивото од времето кога Грција (како економски посилна држава) се обидуваше преку економското ембарго кон Македонија да издејствува политички бенефиции

Бугарија политички и вештачки ја инхибира трговската размена со Македонија

Унапредувањето на економските односи меѓу Македонија и Бугарија се ставени во дебела сенка поради наметнатиот спор од страна на Бугарија. Економистите и бизнисмените со кои контактиравме се согласуваат со ставот дека добрите политички односи меѓу две земји се предуслов за подобра соработка во областа на економијата, но нагласуваат дека клучниот фактор е постоењето заемни бизнис-интереси, за кои е виновна Бугарија со своите кусогледи политички ставови, кои се насочени кон минатото. Како посилна држава, исто како и своевремено Грција, таа ги става своите економски капацитети во политичка функција, за притисок и уцени, обидувајќи се да ја изолира нашата земја и инфраструктурно и со економски и бизнис-релации, со намалена размена или инвестиции… А потоа кога ќе се направат отстапките од наша страна, да покажат „волја на европски партнер“?!

Закрвените Србија и Хрватска покажуваат дека бизнисот треба да
тече заради граѓанскиот просперитет

Последен е примерот со преземањето на сопственоста на една хрватска банка од компанија што ја поседува српски бизнисмен, кој има повеќе компании што дејствуваат и на пазарот на Хрватска. Оваа трансакција се случува и покрај тоа што српско-хрватските политички односи се на константно ниско ниво, поради крвавите настани од последната војна по распадот на Југославија. И други српски компании се сопственици на хотели, земјиште, фарми…, што покажува дека колку и да се неповолни политичките односи, стопанствениците од двете држави наоѓаат начини да ја зголемуваат економската соработка.
Економскиот аналитичар Дамир Новотни, во изјава за „Ал џезира“, вели дека не постои никаков политички план и во основа се работи за движење на капиталот, на поодделни фирми од Србија и од истокот на Европа, кои се обидуваат да се позиционираат во Хрватска, која е наедно и нивен влез во Европската Унија. Тој потсетува и на фактот дека и многу хрватски компании дејствуваат во Србија. Тоа е еден од низата примери како бизнисот и капиталот треба да бидат ослободени од политички стеги и не треба да бидат контролирани и ставени во функција на државните анахрони политики за доминација и хегемонизам, кои сѐ уште силно се присутни на Балканот. Посебно политиките на економски посилните држави и членки на ЕУ, на пример Грција и Бугарија, нашата земја „на своја кожа“ ги почувствува многу силно, кога тие сакаат да спроведат нивни аспирации и стремежи, кои се далеку од меѓународното право, но се блиску до постигнување на нивните историски желби и заблуди. Во таква конотација тие ги (дез)активираат своите економски и бизнис-инструменти на стопанска размена со нас, со последици да ја изолираат и исцрпат Македонија.

Софија прави грешка и го пропушта регионалниот пазар поради историски заблуди

Според економските експерти, соработката со Бугарија требаше да биде далеку поголема од сегашната, на сите нивоа од стопанството: линиски инфраструктурно (патнички и железнички сообраќај), во делот од енергетското поврзување и инвестициите, неметалната и металната индустрија и челик, текстилот, туризмот итн. Иако со помош на ЕУ се направија повеќе напори за да се развие трансграничната соработка, најпрвин на локално прекугранично ниво, а потоа многу пошироко во таканаречениот еврорегион Софија – Скопје – Ниш, тој проект само малку заживеа. Имено, сите проекти на отварање канали на соработка што ги овозможуваше Брисел беа ставани во заложништво на политикантството на Софија, која полека, но сигурно ја изолира и пасивизира Македонија.
– Вината за помалото економско присуство на бугарските компании на македонскиот пазар е на нивна страна. Ние како најголема стопанска комора во Македонија сме целосно отворени за соработка со бугарските компании, кои се наоѓаат во „заложништво“ на нивната државна стратегија и политика во однос на Македонија. Со ваквото однесување, Софија прави грешка и наместо да ги надмине историските предрасуди, таа им го препушта пазарот на другите компании од соседството. Бугарската државна политика е на нивото од времето кога Грција се обидуваше преку економското ембарго кон Македонија да издејствува политички бенефиции. Но и во такви нарушени надворешнополитички односи меѓу двете земји, грчките компании први влегоа во приватизацијата на македонските компании. Во еден момент поседуваа околу 60 отсто од сопственоста на компаниите, но потоа беа принудени да се повлечат поради политиката што се креираше во Атина. Сега, истата грешка ја прават и од Софија – со жалење ни изјавија од компанија што е членка на најголемата бизнис-асоцијација во Македонија.
За обемот на економската соработка со Бугарија говорат и податоците за отворени фирми, кои во сопственичката структура се бугарски компании. Во Македонија, според економските извештаи за 2020 година, функционирале 636 бугарски фирми. Податоците од билансите за работењето на овие компании покажуваат дека приходите и добивките на годишно ниво се со недоволно растечки тренд. Така, во 2017 година вкупните приходи изнесувале 340 милиони евра, а за една година се зголемиле за 12,3 милиони евра. Најпрофитабилните бугарски бизниси во земјава се во рударството и трговијата на големо и на мало во секторот на поправка на моторни возила. Според бројот на вработени во фирмите со бугарско сопствеништво, предничи источниот регион каде што е генерирана и најголемата добивка од вкупниот износ на добивка што го испорачале сите бугарски фирми во земјава.


Динамизирана трговска размена како почеток на уважување и разбирање?

Трговска размена на релацијата Македонија – Бугарија

Според извори во бугарскиот завод за статистика, од јануари до август годинава Бугарија извезла стоки во Македонија во вредност од 670 милиони лева (330 милиони евра). Од Македонија, пак, во наведените осум месеци се извезени стоки во Бугарија вредни 462 милиони лева (230 милиони евра). Во трговската размена со Македонија, Бугарија е во позитива од речиси 100 милиони евра.