Закани, отруени кучиња и исечени стебла станаа секојдневие низ албанските шуми, каде што завладеа вистинска војна околу тартуфите, ценети и скапоцени печурки кои во оваа сиромашна европска држава се познати и како „црно злато“.
Евгенија Пано, 28 годишна берачка на тартуфи, секое утро оди во шума на албанскиот југ со сопругот и двете кучиња, Лајка и Бос, обучени да пронајдат и внимателно да откопаат гастрономски специјалитет со моќен мирис.
Таа повеќето тартуфи ги продава на трговците од Италија и Франција, традиционални подрачја на уживање на овој подземен десерт.
Ваквиот начин на живот можеби звучи идилично: за килограм црни тартуфи дневно може да се заработи и до 50 евра. Белите тартуфи се уште поскапи, тие можат да се продадат и до 140 евра.
Тоа се одлични пари во земјата каде што месечната плата е под 400 евра, а на село и пониска.
Но работата не е воопшто лесна.
Пано и другите албански берачи на тартуфи ги опишуваат опасните борби за територии, каде што соперниците меѓусебно се злоставуваат и немилосрдно ги напаѓаат скапоцените кучиња.
Се потсетува како еден ден група мажи и го блокирале патот и и се заканиле, барајќи од неа да престане да бара печурки на територија кои тие ја сметале за своја.
Случајот бил пријавен во полиција.
Но, многумина беа принудени да се откажат, како Бесмиј Лами кој деновите ги минувал на планината Дајти, над Тирана.
Морал да се повлече откако минатата година конкурентите му ги отруле неговите два јазовичара.
– Ме следеа, го пронајдоа местото (каде што барав тартуфи) и за да ме натераат да се откажам, ги убија двете мои кучиња – рече Лами, едвај сопирајќи ги солзите.
Недостатокот на прописи ги доведе албанските стебла, како и тартуфите, во опасност заради невнимателните берачи кои земјата ја обработуваат со остри алати.
Трговијата со тартуфи во Албанија започна пред десет години, кога Италијанците пристигнаа на спротивниот брег на Јадранот во потрага по печурки.
Некогаш бројни во Албанија, тартуфите денеска е тешко да се пронајдат, тврди Пано, сметајќи дека е виновна употребата на секири кои ги сечат корените на стеблата на кои инаку печурките растат.
-Уништеното стебло повеќе не произведува тартуфи – вели Пано, додавајќи дека сака властите да воведат строго лиценцирање и даноци заради контрола на дејноста.
– Во Албанија тартуфите не се одгледуваат и не се заштитени, а не постои ниту превенција и свест за спречување на нивното уништување – објасни нејзиниот сопруг Панајот Пано(39), кој во Албанија се вратил заради бизнисот со тартуфи по речиси две децении живот и работа во странство.
– И ние сме загрижени, но без јасни правила не може да се дејствува против несовесните копачи – рече Агим Хоџа, шумар во паркот Дивјаке-Караваста.
Тој додава дека тоа е како да се влезе во нечиј дом без налог за претрес.
Подрачните власти велат дека во тек е изработка на прецизна законска рамка за берење на тартуфи.
Во меѓувреме, пазарот е во „хаос“, тврди Енеа Ристани, 27 годишник кој печурките ги бере заедно со неговиот татко.
Тој додава дека работата привлекува и многу странци, како Италијанци, Грци, Романци и Французи.
Исто така, поголемото количество тартуфи завршува во странство, најчесто на западот на Европа каде што за нив може да се добие и до десет пати повисока цена.
Со цел што повеќе профит да се задржи на албанско тло, Ристани со татко му неодамна отвориле гурманска продавница на тартуфи во Тирана, со надеж дека ќе го поттикне апетитот на сограѓаните за таа скапоцена храна. Продаваат домашен сос од тартуфи, чипс и ракија.