Прва награда на конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“
Седам на клупа пред платото на операта. Зад мене е Вардар. На кој ли паметен му текнало да стави клупи со потпирачот свртени накај Вардар? Тој што седи на нив погледот го вперува во бетонот на операта. А и кон Вардар да сум свртен, пак ќе гледам во згради, но во процепите меѓу нив може и ќе ме запирка некое повардарче. Сега добро би ми дошло. Иако е септември, сонцето силно пече. А во овој бетонски парк ниту едно дрвце. Клупи и канделабри. Со исковано железо. Убави за око. Клупите се неудобни. Налето те горат, во зима те замрзнуваат. Но издржливи се. Го кревам погледот кон канделабрите. Секоја со по четири светилки опточени со украсно ковано железо. Не знам какви се навечер. Никогаш не сум седел тука навечер. Подзамижувам со едното око и замислувам како ја дисперзираат светлината кога светат. Мора низ кованиците да се протнува и да прави интересни шари. Може и не ќе е лошо да дојдам некоја вечер. Да си го пополнам денот. Да го активирам мозоков нешто да работи. Закржлаве веќе. Весници не читам, телевизија не гледам, со луѓе не комуницирам. Понекогаш ќе зборнам со некое куче скитник, ќе прашам некој минувач колку е часот, иако секогаш знам колку е, и без часовник, некој ќе одговори, некој не, што и не е толку важно, важно е да отворам уста – и така секој ден. Ќе ја сменам шемата кога ќе зазими. А може и не. Не знам, ќе можам ли секој ден да одам пешки од Лисиче до Ѓорче Петров – до Геријатрија. Таму ја сместив мајка ми пред неколку месеци. Не можев повеќе да се грижам за неа. Откако таа веќе не можеше да се грижи за себеси. Одамна не готвеше, не чистеше, не переше. Јас ги презедов сите овие обврски. Никогаш од тоа ништо не сум правел. Цел живот живеам со мајка ми. И од мајка ми. До мојата дваесетта и немав потреба да работам. Животот ме галеше. Или татко ми не ми обрнуваше внимание. Ќе си дојдеше дома од коцкање, ќе извадеше пари од џебовите, ќе го преспиеше денот и повторно на коцкање. Така до денот кога ни кажа да треба да се иселиме за еден месец, дека ја дал куќата под хипотека. Сега имам дваесет години повеќе. Не работам. Живеам во нешто што треба да личи на сопче, на некогашна мала фарма за свињи. Немам струја. Вода вадам од пумпа. Откако ја сместив мајка ми во домот, морав да го напуштам станот – го плаќавме со нејзината пензија. Сега со пензијата го плаќам домот. За мене не останува ниту денар. Затоа и одам секој ден во домот. Да ја хранам мајка ми. За ручек. Тргнувам пред изгрејсонце, одморам на една од клупите на платото кај операта, до тука ми е точно половината од мојата секојдневна маршрута, и точно за ручек сум во домот.
На почетокот не ме пуштаа внатре додека не заврши ручекот. Но за неколку дена увидоа дека мајка ми тешко се храни, па ми дозволија да ја хранам барем за ручек. Да имала еден асолен оброк. Јас, пак, за само неколку дена сфатив дека мајка ми и не е толку сенилна. Тоа што барала јас да ја хранам било таа мене да ме хранела. Првите денови штом ќе ѝ ја доближев лажицата до уста, ја затвораше и ја вртеше главата. Ја убедував дека манџата е вкусна. Третиот ден ми рече дека ако е толку вкусна, прво јас да ја пробам. Ја пробав. Помија. Си помислив, ако веќе мора да живеам на фарма за свињи, дека не мора да јадам помија. Јади, јади – ми вели таа. И јас ја сркнувам и втората лажица. И третата. И ја јадам цела манџа. Влегува негувателката. Задоволна е што гледа празна чинија. Ми честита на упорноста и вели дека би било убаво секој ден да доаѓам за ручек време и да ја хранам. И, еве, веќе неколку месеци го правам тоа. Одам во старечкиот дом за мајка ми да ме храни. Еден оброк на ден, и тоа топол. Си го истренирав стомакот да не бара повеќе. Имам и супа, и манџа со месо, и десерт. Плус две парчиња леб. Лебот ми е малку. Со години со мајка ми јадевме многу леб. Заситува. Но и две парчиња се подобри од ниедно. И додека си ги протегнувам нозете пред да почнам да го одам вториот дел од патот до мојот оброк, наеднаш пред моите нозе, претходно почешувајќи ми го носот одозгора, буквално од небо, паѓа ронка леб. Меѓу моите две стапала, на бетонскиот плочник има ни голема ни мала ронка леб. Се поднаведнувам да се уверам дали навистина е ронка леб. Беше. Се исправив со поглед кон небото, барам одговор од каде оваа ронка леб. Не сакав ни да помислам дека Господ ме сожалува и ми фрлил ронка леб. Колку и да бев верник, во такво нешто не верувам. Но ронката беше навистина ронка леб. Се наведнав повторно и ја зедов ронката леб. Ја гледав. Си реков колку подолго ќе ја гледам толку помалку ќе сакам да ја ставам в уста. Не издржав, ја ставив. Замижав. Го затнав носот. И ја голтнав.
Неколку дена потоа чекав повторно да падне ронка леб. Го подлажав стомакот. Почнуваше да ме копа штом ќе седнев на клупата. Едвај издржував, дури и ги трчав последните петстотини метри до домот, само што поскоро да ставам нешто в уста. И петтиот ден, недела, господов ден, повторно од никаде ми падна ронка леб.
Овој пат в рака. Ги држев за секој случај дланките отворени и свртени кон небото. Без размислување ја лапнав. Од каде ли паѓаат овие ронки леб? Чисто небо. Дури и без облаци. Над мене ништо. Освен над клупата од левата страна еден канделабар. Со четири светилки оковани со украсно железо. И во една од тие кованици – забележав птица. Иста боја како железната кованица. Толку мала што изгледа како дел од канделабарот. Јас знам дека птиците свиваат гнезда во крошни, под покриви, но за птица не на туку во канделабар не сум чул. Ех, колку сакав сега да имам крилја и да го следам врапчево! Можеби токму врапчето ќе ме преживее зимава. Затоа што, без сомнение, тоа ја испушта ронката леб покрај мене. И несомнено е едно исто врапче. Одлучив утре малку да скршнам од мојата маршрута. Можеби ќе го откријам патот, односно летот на ронката леб. Ми беше потребна цела седмица за тоа. Знаев само едно, дека во исто време мора да сум на клупата ако сакам ронка леб од небото. Во менувањето на мојата секојдневна патека, притоа строго внимавајќи на времето, на еден од мостовите на Вардар, оние новите, со скулптури со чудна големина, една госпоѓа секој ден рони ронки од леб под една скулптура. Околу неа се собираат гулаби, врапчиња, ластовици. Се заситуваат најверојатно со по една ронка леб и одлетуваат. Потоа слетуваат други птици. И тие, според мене, онака скромно, ќе стават во клунот по една ронка леб и одлетуваат. И сè така додека под скулптурата не ја снема и последната ронка леб. Заклучив дека моето врапче е лакомо. Или итро. Дека се враќа по вторпат со друго јато. Но дека стомакот не може да ја прими втората или третата или којзнае која по ред ронка леб. Но дека тоа сака да ја има во клунот. Сè додека не застане во канделабарот. Таму си го потчукнува клунчето во убавиот железен оков и ронката леб му испаѓа. Точно на мојата дланка. Се извештив како да не падне на земја. Иако ја зема од земја. Не мора и јас да ја земам од земја.
Така си обезбедив ронка леб како ужинка пред главниот оброк од мајка ми. Знам дека таа не може да ме најаде. Но ми ја храни душичката.
Автор: Лилјана Пандева