„Ова дело е необична вистинска приказна што ја оживува историјата на холокаустот и има цел да ги образова младите читатели за овој мрачен период, кога било извршено едно од најголемите историски злосторства кон еден народ“
Книги што опоменуваат
Во спомен на жртвите на холокаустот и на кобната Кристална ноќ, која се смета за почеток на погромот и злосторството врз Евреите низ Европа, неодамна во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија беше претставена книгата „Куферот на Хана“ од Карен Левин.
Наградуваното дело за деца од канадската авторка и новинарка Карен Левин, на македонски јазик е во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“, а е објавено во соработка со Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. Изданието е дел од едицијата „Читанки“ и е наменето за деца над 10-годишна возраст, преку кое, на суптилен образовен начин, ќе се едуцираат за тешката судбина на Евреите и за холокаустот.
На промоцијата на книгата се обратија Горан Садикаријо – извршен директор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, м-р Жаклина Мучева – претставничка на фондот, и Бисера Бендевска, уредничка во „Арс ламина“. Извадок од книгата читаше Теодора Велковска, ученичка во ОУ „Војдан Чернодрински“ од Скопје.
Горан Садикаријо во својот говор потсети на случувањата од 9 и 10 ноември 1938 година, кога во цела Германија и во делови од Австрија се случи Кристалната ноќ (или Ноќ на скршено стакло), чин на масовно прогонство на Евреите од нивните домови.
– Преку едукацијата треба да ја пренесеме колективната меморија од генерација на генерација за концептот „холокауст – никогаш веќе“ да биде начин за надминување на омразата, десничарскиот и левичарскиот екстремизам и тоталитарната идеологија. Кога велиме „Никогаш веќе“, тоа значи дека ние се обврзуваме да сториме сè што е во наша моќ за да се спречи дискриминацијата од секаков вид, ксенофобијата, шовинизмот и говорот на омраза – истакна Садикаријо.
„Куферот на Хана“ е необична вистинска приказна што ја оживува историјата на холокаустот и има цел да ги образова младите читатели за овој мрачен период, кога било извршено едно од најголемите историски злосторства кон еден народ.
М-р Жаклина Мучева, правејќи паралела со приказната од книгата, во своето излагање потсети на страшната судбина на децата во холокаустот. Зборуваше за гетото Терезин, што се наоѓало близу Прага и каде што престојувала Хана Бради, девојчето од романот, пред да биде депортирана во Аушвиц.
– Повеќе од 30.000 луѓе умреле во самото гето од студ, глад, болести и ужасни услови за сместување и хигиена. Само неколку стотици деца преживеале од околу 15.000 депортирани во Терезин. Од гетото Терезин биле испратени 63 транспорти со 87.000 затвореници, повеќето од нив во логорот за истребување „Аушвиц – Биркенау“. „Логорот гето“ во Терезинштат постоел три и пол години, од 24 ноември 1941 година до 9 мај 1945 година. По завршувањето на Втората светска војна, бегалците и раселените лица барале исчезнати деца низ Европа. Барањето продолжува и денес… Една ваква потрага нѐ води и до приказната за Хана Бради. Имено, во 2000 година, директорката на еден мал образовен Центар на холокаустот во Токио, Фумико Ишиока, добива една многу важна пратка за изложбата што ја подготвува. Меѓу другите артефакти испратени од музејот „Аушвиц“, пристигнува и еден празен куфер. На него стои испишано името на сопственичката: Хана Бради, 16 мај 1931, сираче. По ова почнува потрагата по приказната за Хана, која ја води до братот на Хана, Георг Бради, кој го преживеал логорот – раскажа Мучева.
Децата што го посетувале Центарот во Токио имале наплив од прашања: Која била Хана Бради? Од каде потекнувала? Како изгледала? Како станала сираче? Што ѝ се случило?
Поттикната од љубопитноста на децата и од сопствената потреба да стигне до одговорите, Фумико се впушта во детективска работа, трагајќи низ светот по делчиња од сложувалката за животот на Хана Бради.
– „Куферот“ во Јапонија служи како образовна алатка што ги подучува децата на толеранција, почит и сочувство. Далечните и анегдотални сеќавања на Георг Бради, преживеаниот брат на Хана, ја оживуваат нејзината приказна и ни овозможуваат поглед одблизу на девојчето со топло срце, чијашто радост од животот и очекувањата за иднината ги покоси нацистичкото злосторство. Како еден од најдобрите експонати во музеите, куферот на Хана покажува како фактите и предметите можат да се поврзат за да оддадат почит на односната тема на многу личен и начин полн со љубов – рече Бисера Бендевска, уредничка на книгата.
Таа додаде дека „Куферот на Хана“ е интернационален феномен. Правата за оваа книга се продадени во 40 земји низ светот. Книгата доживува драмска адаптација, а и адаптација во документарен филм, чијашто премиера била во 2009 година.
– И покрај тоа што „Куферот на Хана“ не е книжевно дело, постапката што ја применува авторката овозможува и од методолошки аспект да се разгледува како такво. Имено, таа наизменично ги менува ракурсите во претставувањето на двете хроники – приказната на Фумико Ишиока од Токио и приказната на Хана Бради во Чехословачка – вели Бендевска.
Да не ги разбудиме децата
Навечер, откако ќе ги пратеа Хана и Георг на спиење, мајката и таткото седеа покрај радиото и ги слушаа вестите. Често доаѓаа пријатели и им се придружуваа, па разговараа до доцна во ноќта за вестите што ги слушнале. „Ќе зборуваме тивко“, велеа тие, „за да не ги разбудиме децата.“
Разговорот на возрасните беше толку напнат, дискусиите толку вжештени, што ретко го слушаа чкрипењето на подните штици во затемнетиот ходник, додека Хана и Георг одеа на прсти кон своето тајно место за слушање, веднаш пред дневната соба. Децата го слушнаа разговорот за новите антиеврејски закони во Австрија. Слушнаа за „Кристалната ноќ“ во Германија, кога групи нацистички насилници талкаа низ еврејските населби, кршејќи прозорци на куќи и продавници, палејќи синагоги и тепајќи луѓе по улиците.
„Ова не може да се случи тука, нели?“, Хана му шепна на својот брат.
„Пссст“, рече Георг. „Ако зборуваме сега, ќе нè слушнат и ќе нè пратат назад в кревет.“
Една ноќ, нивниот сосед, г. Рот, им претстави шокантна идеја на возрасните. „Сите ние чувствуваме дека доаѓа војна“, почна тој. „Овде не е безбедно за Евреите. Сите треба да заминеме од Нове Место на Мораве, да заминеме од Чехословачка, во Америка, во Палестина, во Канада. Каде било. Да заминеме сега, пред да биде доцна.“
Другите беа вчудовидени. „Дали сте луд, господине Рот?“, праша еден од нив. „Ова е нашиот дом. Овде припаѓаме.“ И така заврши овој разговор.
И покрај лошите времиња, семејството Бради беше решено да го прослави доаѓањето на 1939 година. На новогодишната ноќ, по гозбата што се состоеше од мисирка, колбаси, салама и пудинг, децата се подготвија да ја играат традиционалната игра за предвидување на иднината. На Хана, Георг и нивните млади братучеди од соседните градови им дадоа по половина орев во кој сите прицврстија по една мала свеќа. Среде собата донесоа голем леген со вода. Во него сите деца ставија по еден мал чамец од лушпа од орев. Чамецот на единаесетгодишниот Георг се нишаше во водата, се вртеше во круг и најпосле застана, навален на едната страна. Неговата свеќа и понатаму гореше. Осумгодишната Хана го пушти својот чамец и за миг чамецот се лизна по површината на водата без да се затресе. Потоа се затресе, се заврти настрана, а свеќата падна во водата и се изгасна…(Извадок од книгата „Куферот на Хана“)
За авторката
Карен Левин (родена 1955 година) е канадска радиопродуцентка и писателка. За своите радиодокументарци „Изгубена невиност: Децата од Втората светска војна“ и „Убиство во соседството“ има добиено две награди „Пибоди“, во 1989 и во 2001 година. Повеќе од 30 години има работено за Канадската радиодифузна корпорација („Си-би-си“).
Нејзиниот радиодокументарец „Куферот на Хана“ освои златен медал на Меѓународниот радиофестивал во Њујорк. Во 2002 година ја објави книгата заснована на тој радиодокументарец. Книгата стана интернационален бестселер и има добиено повеќе престижни признанија, како книжевната награда „Сиднеј Тејлор“, за повозрасни читатели, Наградата за книга на годината на Канадското библиотечно здружение за деца, наградата „Флора Штиглиц Штраус“ и Меморијалната награда на Исак Фришвасер, за детска литература. Влезе во потесниот избор за признанието „Норма Флек“ и за наградата на Генералниот гувернер за литература за деца на англиски јазик. Книгата доби и театарска адаптација, во режија на Емил Шер, а за неа беше снимен и документарен филм, во 2009 година, „Во куферот на Хана“.
Книгата е достапна во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.