Забележано, ненапишано
Годинава, кога го одбележуваме големиот јубилеј 100 години од раѓањето на Блаже Коневски (19 декември 1921 година, во с. Небрегово – 7 декември 1993 год., во Скопје), со овој текст сакам да дадам скромен прилог во одбележувањето на јубилејот. Тоа е повод да се потсетиме за македонскиот генијалец, кого го красеа многу епитети: скромност, трудољубивост, објективност, патриотизам, прецизност, точност итн. Во текстов пренесувам дел од белешките во мојот дневник и сеќавања (необјавени) од неврзаниот разговор што го имавме во гостиварското ателје на вајарот Томе Серафимовски.
Тмурно ноемвриско попладне во 1983 година, мојот град Гостивар е во есенска идила. Само што се вратив во станот од неколкучасовната прошетка покрај кејот на реката Вардар, на телефон ми се јави скулпторот Томе Серафимовски, тогашен директор на спомен-домот на културата „АСНОМ“, мој добар пријател, кој ме замоли да појдам во неговото ателје да го фотографирам со академикот Блаже Конески. Со задоволства ја прифатив поканата, бидејќи одамна мечтаев да имам непосредна средба со поетот што се потпишал на многу антологиски песни, „Тешкото“, „Везилка“ и други, кои ги учев напамет и ги рецитирав, во нив се пронајдов, не ми претставуваше тешкотија да ги научам, туку тоа ме исполнуваше и ме привлече да го засакам поетот.
Кога влегов во ателјето, академикот Конески седеше на столче и му позираше на вајарот, кој ги вршеше последните корекции на бистата изработена во гипс (пред да се лее во бронза), а со будно око ги следеше академикот Матеја Матевски, кој ја имаше улогата на ликовен критичар, корекциите ги одобруваше, укажуваше што треба да се поправи, каде да се истружи гипсот, или да се пополни празнина на образите итн. Додека Серафимовски ги вршеше последните корекции на бистата, направив повеќе фотографии. Како неутрален набљудувач, побараа и мое мислење. Сеансата заврши. На подиумот во ателјето имаше кружна маса и неколку столчиња. Академикот Конески ми рече да седнеме, а Томче ќе нѐ почести со понекоја ракија. Наздравивме со домашна ракија препек, констатиравме дека е вкусна, ама без мезе не се пие.
Конески го повика домаќинот Серафимоски, кој на другата страна на ателјето разговараше со академикот Матевски: „Томче, ние не сме Полјаци, ние сме Македонци, кога пиеме – мезиме, ракијата да лизга, ако мезето уште е галичко сирење, ќе биде полн погодок!“. Томче, ја повика сопругата Иванка и ѝ рече да ни донесе мезе сирење и туршија.
Разговорот го продолживме, академикот ми вели дека чита мои текстови, особено репортажите во весникот „Нова Македонија“, кои му се допаѓаат и ме запраша од каде ми се корените. „Од центарот на духовната, културната преродба на Мијачијата, од Галичник, село што има дадено најмногу преродбеници во 19 век на Македонија“, му одговорив како од пушка.
-За Галичник, кој некогаш бил град, многу сум читал, пријателите и колегите ми раскажувале, имав добиено претстава дека се работи за исклучиво место со многу особености, посакував да го посетам, лично да се уверам и да ги потврдам сознанијата, лично да го доживеам. Никогаш нема да ја заборавам првата средба со неповторливиот и преубав Галичник. Тоа беше во далечната 1950 година, на 9 јули, неколку дена пред селската слава Петровден и галичките свадби. Сѐ беше во знакот на претстојната слава. Поводот на посетата беше да говорам на свеченоста на отворањето на Спомен-музејот на родната куќа на Ѓорѓија Пулевски, мијачки и македонски великан, лексикограф, историчар, војвода од 19 век. Спомените ми се свежи, никогаш нема да избледат од мојата меморија: куќите палати, дворовите средени со планински цвеќиња, доминираа трендафилите во разни бои, најзастапена е црвената, уредени градини со земјоделски култури, чисти улици, прекрасни луѓе облечени во традиционална галичка носија, од дечињата до највозрасните… – академикот подзастана, ми вели – да се напиеме по една голтка за наше здравје и за Галичник да продолжи да живее.
По мала пауза, академикот продолжи да говори: – Штета што денес, по триесетина години од првата посета на Галичник, не е ист, многу рушени куќи, без жители, ги читав твоите репортажи за планината Бистра, за овчарството, за обновата на напуштените куќи и за изградбата на нови, за туристичката манифестација „Галичка свадба“, добро е што се негуваат свадбарските ритуали и обичаи, свадбарските песни и носијата, треба да го зачуваме Галичник, богат со историја, култура, архитектура, уметност… да го истражуваме, проучуваме богатството од секој аспект, создавано со векови.
Разговорот го водевме со паузи, ќе помезевме, ќе се напиевме понекоја голтка ракија, академикот ќе кажеше понекоја анегдота… Ни се придружија Матеја и Томче.
Кипро ми ги оживеа сеќавањата за Галичник, за културното богатство, за црквите и манастирите, за природните убавини и реткости на Мијачијата, на Кораб, Шар Планина, за реката Радика и радичката пастрмка… ме врати низ годините и ме поттикна да ви откријам една тајна. Корените на мојата фамилија Конески се од Мијачијата, од селото Лазарополе. Сė уште ги немам истражено сите детали и факти за кои ми зборуваа родителите, дедо ми и поблиските роднини.
Во тоа има вистина, низ вековите имало миграција, многу фамилии од Мијачијата, во потрага по подобар живот, се преселувале во Мариово, во велешките села Папрадиште и Согле, во Крушево и Смилево и во други наши места – објаснуваше Конески, а ние го слушавме со нескриено интересирање бидејќи ни пренесе навистина несекојдневно сознание.
Така зборуваше човекот што е основач и прв претседател на МАНУ (1967 – 1975), истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог, јазичар, преведувач, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, ректор на скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“, еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, наградуван и преведуван на многу светски јазици. Така зборуваше тој, а така забележав и јас, за еве, по толку време, да го споделам овој редок момент со читателите. За жал, никогаш не го довршивме разговорот, поточно не успеав да дознаам дали можеби ги проширил своите истражувања за сопственото потекло, за да ги потврди првичните информации од своите најблиски роднини.