Покрај без планинарскиот дом „Копанки“, кој се запали пред нецели девет години, љубителите на Пелистер деновиве останаа и без „Ловечката куќа“, која откако
беше целосно реновирана и опремена, исто така изгоре во пожар. „Ловечката куќа“ беше единственото место каде што планинарите, како и вработените во предавателниот пункт на Пелистер, можеа да се засолнат, да одморат или да преноќат
По Копанки, сега изгубена и „Ловечката куќа“
Пред неколку дена на Пелистер, кај местото Широка, речиси до темел изгоре „Ловечката куќа“. Каква иронија. Токму планинарите на ПСК Пелистер и љубителите на планината во Битола се израдува по добивањето на пресудата на Вишиот управен суд, со која беа поништени сите претходно донесени решенија за одземање на планинарскиот дом „Копанки“ од страна на претходната локална самоуправа, на Пелистер се случи нов пожар, кој целосно ја уништи „Ловечката куќа“.
Така, освен без планинарскиот дом „Копанки“, кој се запали пред нецели девет години, љубителите на Пелистер деновиве останаа и без „Ловечката куќа“, која откако беше целосно реновирана и опремена, беше единственото место каде што планинарите или љубителите на планината, како и вработените во предавателниот пункт на Пелистер, можеа да се засолнат, да одморат или да преноќат.
Сега, откако по домот „Копанки“ изгоре и „Ловечката куќа“, на патот што води до Антена, планинарите или љубителите на Пелистер немаат ни каде да се одморат, ни каде да се засолнат од евентуалното невреме на Пелистер.
Сопственикот на сноуборд-клубот Пелистер, Коче Мушуланов, кој заедно со планинарското друштво „Димитар Илиевски Мурато“ се грижеа за „Ловечката куќа“, е многу погоден од пожарот.
Немам зборови со кои би ги искажал моите чувства. Откако пред околу девет години, заедно со планинарското друштво „Димитар Илиевски Мурато“ ја зедовме на управување „Ловечката куќа“, која беше целосно запуштена и уништена, вложивме многу труд и средства целосно да ја реновираме и да ја опремиме со сите потребни работи, почнувајќи од нови легла, кујна, санитарија греење… Во „Ловечката куќа“ имаше вкупно 15 легла. Секој еден, планинар или љубител на планината, што сакаше да престојува таму, откако ќе ни се најавеше можеше да се смести во неа и да ја користи – ни објасни со очаен глас Мушуланов.
„Ловечката куќа“ доста често ја користеле и собирачите на боровинки, кои до неа изградиле помошна просторија, која честопати ја користеле додека собирале боровинки.
Во неделата, 21 ноември, јас бев тој што последен престојуваше таму и откако решив да се вратам во Битола, проверив дали е сѐ во ред и ја заклучив куќата. По три дена, поточно во средата, на 24 ноември, кога одеше смената на предавателниот пункт на МРТВ на Антена, добив информации дека „Ловечката куќа“ била целата изгорена. Кога ги видов сликите што ми ги испратија по Вибер буквално се стаписав. Ни самиот не знам што ни се случува. Откако пред повеќе од осум години, по пожарот останавме без планинарскиот дом „Копанки“, сега останавме и без „Ловечката куќа“. Како дошло до пожарот, не знам. Едвај чекам полицијата да утврди како настанал пожарот. Засега немам никакви информации и сѐ што знам, знам од медиумите – ни вели Кочо.
Со оглед на тоа што никој не го забележал пожарот како се случил и кога се случил, а истражните органи сѐ уште собираат информации, тешко е да се каже кога и од што изгоре објектот. Планинарскиот дом „Ловечка куќа“ е сместен на околу 1.950 метри надморска висина, на местото Широка. Опкружен со прекрасна природа, овој планинарски дом беше одлична дестинација за кратки пешачки и велосипедски екскурзии, или како попатна станица за посетителите чија крајна цел се Големо Езеро или врвот Пелистер, наречен Димев Врв.
До „Ловечката куќа“ води макадамски пат, кој е особено погоден за пешачки тури, планински велосипеди и теренски возила.
Искусниот планинар и новинар Петар Ставрев вели дека „Ловечката куќа“ ја изгради Македонската радио-телевизија, за да можат пред да го почнат искачувањето за на Антена, таму да се одморат или да ги остават возилата и ратракот или, пак, доколку временските услови не им дозволуваат да се искачат на Антена, да преспијат во „Ловечката куќа“. Според Ставрев, никој не знае зошто оваа куќа го носи името „Ловечка“.
„Ловечката куќа“ е сместена во долниот дел на местото Широка, па затоа некои ја нарекуваат и планинарска куќа Широка. До месноста Широка најчесто се доаѓа по планински макадамски пат, од Информативниот центар (поранешната вила на Лазо), преку Палиснопје и Цапарска Пресека. За многумина собирачи на шумски плодови, Широка е локацијата од каде што собираат боровинки и разни видoви чаеви, особено мајчина душичка.
Но Широка нуди убавини, независно од годишното време. Идеалната поставеност на Широка во форма на потковица овозможува и безбедно скијање, бидејќи сите патишта водат и завршуваат на едно место, а тоа е изворот на Цапарска Река во близината на „Ловечка куќа“ – вели колегата Петар Ставрев, кој секој слободен ден го користи да се искачи на врвот Пелистер.
Љубителите на Пелистер, по пожарот на „Ловечка куќа“, се загрижени и се прашуваат дали овој дом, сега, кога е целосно пеплосан, може да го снајде истата судбина како и планинарскиот дом „Копанки“ и да не може да се обнови.
Концесионерот Коче Мушуланов, иако е силно погоден од пожарот, сепак има одредена доза оптимизам.
Во овој момент најважно е да се утврди како настанал пожарот, дали е случаен, се случил намерно или од негрижа, или пак е подметнат. Откако истражните органи ќе ја утврдат вистината, ќе размислуваме за неговата иднина, како натаму… Но не смееме во никој случај да дозволиме да ни се случи тоа што ни се случи со домот „Копанки“, да не може и по девет години од пожарот да се обнови – вели Коче.
Во целата несреќа голема среќа, според планинарите, е што поради местоположбата на „Ловечката куќа“, која е лоцирана на Широка во околината на куќата нема дрвја и немало ветер, па пожарот не се проширил и не ја зафатил моликата.
Доколку се случеше тоа, ќе беше катастрофа. Пожарот можеше да ја зафати моликата и да се прошири и да зафати голем дел од националниот парк Пелистер – велат ренџерите на националниот парк Пелистер, кои се грижат за безбедноста на планината.
Инаку, пожарот не бил пријавен во Противпожарната единица во Битола и затоа таа не интервенирала. И во СВР-Битола отпосле, откако веќе сам се изгаснал, дознале за пожарот.
Иако засега нема „сведоци“ за тоа како се случил пожарот, сепак ако се знае дека националниот парк Пелистер во добар дел е покриен со камери, токму за да се заштити од пожари, може да се очекува токму така да се утврди вистината. А дотогаш планинарите ќе мора да бидат трпеливи и да почекаат на одговорот на надлежните истражни органи.