Наспроти Европската Унија, која досега не се изјасни директно по ова прашање, САД имаат став, кој со оглед на утврдените позиции на раководствата на државите што останаа надвор од иницијативата, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, не е охрабрувачки
ВОЗДРЖАНОСТ НА ЕУ И НА САД ЗА ПОДДРШКА НА БАЛКАНСКИОТ ПРОЕКТ НА ПОВРЗУВАЊЕ
Воздржаноста на клучните меѓународни фактори, Соединетите Американски Држави и Европската Унија, во однос на иницијативата „Отворен Балкан“, која засега ја сочинуваат Србија, Македонија и Албанија, произлегува, пред сѐ, од фактот што во неа сѐ уште не се вклучени сите шест држави од Западен Балкан, како и поради процените дека шансите за тоа, барем според досега утврдените позиции, се многу мали. Тоа се оцените на упатените по последната конференција на иницијативата насловена „Отворен Балкан – Пат кон стабилизација, соработка и просперитет на регионот“. Наспроти Европската Унија, која досега не се изјасни директно по ова прашање, САД имаат став, кој со оглед на утврдените позиции на раководствата на државите што останаа надвор од иницијативата, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, не е охрабрувачки.
– Доколку во иницијативата „Отворен Балкан“ не бидат вклучени сите шест држави од Западен Балкан, таа нема да успее – изјави на конференцијата пратеникот на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, нагласувајќи дека регионалните иницијативи мора да бидат еднакво отворени за сите земји.
Ескобар додаде и дека САД се подготвени да им помогнат на регионалните иницијативи, сѐ додека тие не ја попречуваат европската интеграција.
– Ние сме подготвени да ви помогнеме на тој пат, да ги исполните меѓународните стандарди, да станете партнери со Европа за да се осигуриме дека овој регион ќе стане една од најважните економии во Европа – рече Ескобар.
Но најголем проблем во остварувањето на замислата на Ескобар претставува Босна и Херцеговина, која, според сите процени, сѐ уште е далеку од тој процес.
Имено, додека Милорад Додик, српскиот член на Претседателството на БиХ, тврди дека ја поддржува иницијативата, бошњачкиот член на Претседателството, Шефик Џаферовиќ, во неа не гледа некаква перспектива.
– Лично се заложував за таа иницијатива во Претседателството и таа беше усвоена, но потоа сѐ беше блокирано. Се сеќавам на седницата на која рековме дека ѝ пристапуваме на иницијативата, која, според тоа, сега требаше да биде и оперативно спроведена. Но ние сме далеку од тоа зашто политичарите во Сараево сметаат дека тоа е српско подметнување. Се надевам дека еден ден ќе се вклучиме во иницијативата – објаснил Додик.
Џаферовиќ, пак, и по разговорот со Ескобар на оваа тема имаше сосема поинаков став.
– Потребно е државите од Западен Балкан да соработуваат во рамките на регионалниот економски пазар, во рамките на Берлинскиот процес, под покровителството на Европската Унија. Босна и Херцеговина, лани во Софија, како и сите држави од Западен Балкан, потпиша повеќе документи за регионална економска соработка. Мора да се расчистат некои прашања кога станува збор за иницијативите што доаѓаат од Белград, Тирана и од Скопје во однос на „Отворен Балкан“. Што се однесува до мене, БиХ треба да оди по патот на регионалната соработка и да пристапи кон имплементирањето на документите од Софија – изјави Џаферовиќ.
Инаку, одлуката за вклучување во иницијативата „Отворен Балкан“ треба да ја донесе Претседателството на БиХ, кое е надлежно за водење на надворешната политика. А како што одговорија од службата за информирање при Генералниот секретаријат на Советот на министрите на БиХ, ставот на неговиот претседавач Зоран Тегелтија е дека треба да му се пристапи на проектот, бидејќи тој е во интерес на граѓаните.
– Тоа не е никаква замена за процесот на проширувањето на ЕУ, но некои работи можат да се реализираат и преку иницијативата „Отворен Балкан“ до зачленувањето во ЕУ – се вели во информацијата.
Со сличен став е и премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ, кој објасни дека неговата земја не ѝ пристапила на иницијативата „Отворен Балкан“ бидејќи слични иницијативи веќе постојат и дека фокусот сега треба да биде ставен на нив.
– Не гледам голема разлика помеѓу Берлинскиот процес и „Отворен Балкан“. Единствената разлика е во тоа што едната ние би ја воделе, а другата другите ни ја водат. Јас сум за тоа да бидеме самостојни, но под услов да постојат институции што ќе имаат надлежност да го обезбедат тоа. Ако тие веќе постојат во рамките на Берлинскиот процес и на Советот за регионална соработка, зошто да правиме некакви исчекори – прашува Кривокапиќ.
Многу подиректен во одбивањето да ѝ пристапи на иницијативата беше косовскиот премиер Албин Курти, кој не ја поддржува бидејќи, како што рече, Србија е затворена за Косово. Освен тоа, Курти уверува дека „со затворена Србија, Балканот не може да биде отворен“.
– Не им припаѓам на политичките лидери што веруваат дека Балканот самиот на себе си е доволен, ниту на лидерите што се собираат за постојано да се жалат на ЕУ. И јас критички сум настроен кон ЕУ, но без цинизмот и огорченоста – објасни Курти.
Инаку, учесниците на иницијативата и по последната конференција упатија повици до другите земји од регионот да им се приклучат, а македонскиот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров нивното колебање го објасни со констатацијата дека целиот регион страда од синдромот на „имплементирачка болест“.
– Ова е прашање на убедување на другите, но мислам дека колку повеќе резултати овозможиме, толку поочигледно ќе стане за другите дека е вредно да се приклучат. А за иницијативата да биде успешна, како што господинот Ескобар веќе кажа, таа мора да остане отворена и е отворена за сите заинтересирани – рече вицепремиерот Димитров.
Слични покани упатија и премиерите на Србија и на Албанија, Ана Брнабиќ и Еди Рама, но оцените и прогнозите на експертите од регионот не оставаат многу простор за оптимизам, пред сѐ поради недовербата во добрите намери на Србија, која, според нив, премногу се инволвира во внатрешните прашања на другите земји од регионот, во обид да ги реализира сопствените регионални и глобални интереси.
– Тоа им е своевидна компензација со оглед на фактот дека апсолутно не се во состојба да го решат проблемот на Косово – смета Дражен Барбариќ, политиколог од мостарскиот универзитет.
А дека во случајот не станува збор за политика насочена кон земјите од регионот, туку за политика свртена кон надворешните фактори што се вклучени во регионалната политика на Балканот, убеден е директорот на Институтот за политички студии во Тирана, Ментор Беќа.
– Србија игра и други сценарија што се засновани на реалната политика – заклучил, меѓу другото, Беќа оценувајќи дека „Отворен Балкан“ е многу покомплексно прашање отколку што некои го доживуваат.
Иницијативата за соработка „Отворен Балкан“, во која се вклучени Србија, Албанија и Македонија, предвидува меѓу трите земји да има слобода на движење на капитал, стоки, луѓе и услуги. Д.М.М.