Лидерите во технологиите за обновлива енергија треба да им помогнат на учесниците во нивните развојни програми, но и на други нации во постигнувањето на целите за намалување на јаглеродните емисии, пишува Еко Сие за СЦМП
Енергетската транзиција во фокусот на напредните држави од Истокот
Кина може да им понудат на земјите во развој нов пат кон транзицијата од фосилни горива кон чиста енергија, како што истакна висок кинески владин претставник за креирањето на еколошките политики. Ли Џунфенг, кој е основачкиот директор на Националниот центар за стратегија за климатски промени и меѓународна соработка (НЦСЦ), рече дека Пекинг не треба само да размислува за сопствената енергетска транзиција, туку и да работи со земјите во развој на постигнување на нивните цели за јаглеродна неутралност.
Комерцијализација на обновливите извори на енергија
Многу напредоци во енергетските технологии во изминатите пет години, на пример во нуклеарната и во соларната енергија, беа комерцијализирани во Кина, како што соопшти Ли на една конференција за заштита на животната средина што неодамна се одржа во Пекинг.
– Можеме да креираме и да воведеме програми заедно со развиените земји за да им помогнеме во нивната енергетска транзиција, вклучувајќи ги земјите од иницијативата „Појас и пат“ и програмата за соработка „Југ-југ“ – порача тој.
Инаку, Ли е висок советник во НЦСЦ, националниот институт поврзан со кинеското министерство за екологија и животна средина. Како експерт за еколошки и енергетски политики, Ли помогна во подготовка на кинескиот акционен план за климатски промени и нејзиниот закон за обновливи извори на енергија и беше главен автор на извештаите за климатските процени на ОН на земјата.
Експертски извештаи од Западот
Иако спаѓа меѓу земјите кои имаат највисока емисија на јаглерод диоксид, сепак Кина е лидер во развојот на обновливите извори на енергија. Речиси 80 отсто од светските соларни панели се произведуваат во Кина. Меѓу 2008 и 2013 година, кога новата кинеска индустрија за производство на соларни електрични панели беше во зародиш, таа помогна глобалните трошоци за енергија да се намалат за 80 отсто, според научното списание „Сајантифик американ“.
Кина исто така изгради повеќе нови дополнителни капацитети за ветерни полиња во 2020 година отколку што беа изградени заедно во светот една година претходно, според извештајот на „Њу енерџи фајненс“ на „Блумберг“, што беше објавен на почетокот од оваа година. Во друг посебен извештај беше наведено дека државата ќе располага со речиси половина од светскиот кумулативен копнен ветерен капацитет до 2030 година, што ќе претставува зголемување од годинашните 40 отсто.
– Околу половина од производите за добивање на ветерна енергија во развиените земји се произведуваат во Кина, не од страна на кинески компании туку од фабрики на мултинационални конгломерати. Тие се произведени во Кина и потоа се продаваат во странство – истакна Ли.
Иновации во нуклеарната енергија
Што се однесува до нуклеарната енергија, Кина во моментов е единствената држава која може да започне со масовно производство на нуклеарни реактори од третата генерација. Неколку од нив веќе се во функција во државата, вклучувајќи го „Хуалонг еден“. Реакторот во нуклеарната централа „Фучинг“, во југоисточната провинција Фуџијан, започна со комерцијални операции во јануари.
Во нуклеарната централа „Шидаован“, во источната провинција Шандонг, првите два реактори на високотемпературно ладење на гас во светот достигнаа нормални работни услови на почетокот од овој месец и се очекува да се поврзат на електричната мрежа до крајот на годинава.
– Енергетската транзиција во светот има иста цел, а тоа е намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Во транзицијата не станува збор само за намалувањето на потрошувачката на јаглен, туку и на намалување на потрошувачката на нафта и гас. Ако земјите постигнат јаглеродна неутралност околу средината на 21 век, тогаш нивните патишта треба да бидат во основа исти, односно да вклучат висок процент на нефосилни горива во нивните енергетски резерви. Технологиите се многу конзистентни, па затоа треба да обрнеме внимание на споделувањето искуства и на меѓународната соработка – посочи Ли.
Поддршка за земјите во развој
Хондакер Голам Моазем, истражувачки директор во Центарот за политички дијалог во Дака, Бангладеш, изјави дека откако државите како Кина, Германија, Велика Британија и САД станале лидери во производството на обновливи извори на енергија, тие би можеле да помогнат во поддршката за земјите во развој во однос на прифаќањето на обновливите енергии во транзицијата.
– Обновливите извори на енергија се главна опција за енергетската безбедност на луѓето во овој момент – посочи тој.
Ветерните и соларните енергии сочинуваат само три отсто од производството на електрична енергија во Бангладеш, што е далеку под целта за зголемување на уделот на обновливите извори во енергетскиот микс на 10 отсто до крајот на годината.
– Кина е главен инвеститор во Бангладеш и двигател на неговиот развој. Ние очекуваме таа да има можност да понуди долгорочни пакет-решенија за чиста енергија за Бангладеш, а тоа ќе вклучува не само производство на електрична енергија, туку и пренос и дистрибуција на обновливи извори на енергија. Ние исто така разбираме дека барем за одреден временски период, енергетската безбедност ќе се базира на фосилните горива. Но, ние всушност очекуваме државите да го поддржат Бангладеш во транзицијата кон чиста енергија – рече Моазем.