ДЕЈМОН ГАЛГУТ, ЛАУРЕАТ ЗА 2021 ГОДИНА
Јужноафриканскиот писател Дејмон Галгут е годинешниот добитник на Букеровата награда за романот „Ветувањето“, во кој пишува за бело јужноафриканско семејство во годините по апартхејдот.
– Ова беше одлична година за африканската литература. Ја прифаќам наградата во име на сите раскажани и нераскажани приказни, писатели што биле слушнати и не се од тој извонреден континент од кој доаѓам – рече Галгут, при примањето на наградата, додавајќи дека се надева дека луѓето сега малку посериозно ќе ја сфатат африканската литература.
Тој е третиот Јужноафриканец награден со „Букер“ и првпат ја добива оваа престижна книжевна награда во вредност од 50.000 фунти, и покрај тоа што веќе двапати бил во потесниот избор. Романот, според жирито на „Букер“, е „моќен, недвосмислен коментар на историјата на Јужна Африка и самото човештво што најдобро може да се сумира во прашањето дали има вистинска правда на овој свет.
Дејмон Галгут е роден во Преторија во 1963 година, првиот роман „Сезона без грев“ го напишал на 17 години, а „Ветувањето“ е негов деветти и прв по седум години. Во него, писателот ја развива приказната околу четири последователни погреби, од кои секој се случува во различна деценија. Тоа е приказна за семејството Сварт што живее на фарма надвор од Преторија, а насловот на романот се однесува на ветувањето на Свартови дека ќе ѝ дадат – и не успеваат да го исполнат со текот на годините – дом и земја на црна жена што работела за нив цел живот.
Галгут, кој пораснал во Преторија, каде што се наоѓа продавницата со назив „Ветувања“ и сега живее во Кејп Таун, го опиша семејството Сварт како еден вид спој на сето она со кое пораснал во Преторија.
– Тие се мешавина од Англичани и Африканци, а исто така се мешавина од религии и верувања. Ова не е невообичаено за овој дел од светот. Но она што ја прави книгата посебна не се ликовите, туку времето во кое тие во живеат.
Сакав да го истражам периодот по апартхејдот за да документирам како е да се живее со надежите и разочарувањата што ги донесе тој период – рече писателот во едно интервју.
Како што објасни, „Ветувањето“ обработува тешки теми, како погреби, смртни случаи, урнатини, а важна компонента е хуморот, кој, како што вели, бил начин да пишува за човечката страна на нештата, бидејќи книгата всушност не е за мртвите, туку за живите. И идејата дека дејствието се одвива околу четири погреби му дошла по едно „полупијано попладне, слушајќи како пријател ги опишува погребите на неговите родители, брат и сестра“. Говорејќи за својот начин на пишување, Галгут го споредува со работата на филм. Работата на пишување сценарио му помогнала да сфати, имено, дека „нараторот може да се однесува како камера, да се приближи, а потоа одеднаш да се оддалечи, да скокне од еден лик на друг сред сцена, па дури и реченица, или да оди во некоја споредна акција што нема врска со главната“.
Жирито на „Букер“ беше особено импресионирано од неговиот необичен наративен стил, „кој ги поместува границите и сведочи за процутот на романот во 21 век“, а некои книжевни критичари ја поврзуваат експерименталната проза на Галгут со автори како Вирџинија Вулф, Џејмс Џојс и Вилијам Фокнер.
– Пред да почнеме да зборуваме за поединечните наслови, имавме поширока дискусија за тоа што мислиме дека ја прави книгата победничка. Еден од членовите во жирито направи разлика помеѓу многу добро и одлично. За мене „Ветувањето“ успева да ги комбинира сите квалитети на одличното раскажување со екстремно внимание на структурата и литературниот стил. Секое читање на оваа книга открива нешто ново – рече претседателката на жирито, историчарката Маја Јасаноф.
Сепак, не сите се согласуваат со мислењето на жирито на Букер, па така, на пример, критичарот на „Телеграф“ смета дека жирито требало да биде похрабро и оти со изборот на Галгут оделе на сигурно.