Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) информираат дека во изминатата недела, односно од 15 до 21 ноември, 49 граѓани по вторпат се заразиле од ковид-19, со што вкупната бројка на заразени по вторпат се искачила на 870 граѓани
Колку се чести реинфекциите од ковид-19 и како се случува едно лице повторно да се зарази од коронавирусот? Овие прашања се во фокусот на интерес на јавноста, особено сега во процесот на вакцинација и инсистирањето на здравствените власти дека лицата што прележале ковид треба да се вакцинираат 45 дена потоа, иако во најголем дел од европските држави тој рок е по шест до 12 месеци? Статистиката покажува дека реинфекциите се можни, но во многу мал процент. Од тие причини се поставува прашањето кои се клучните фактори за реинфекција? Дали е опаднатиот имунитет кај луѓето, или, пак, во прашање се новите мутации?
Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) информираат дека во изминатата недела, односно од 15 до 21 ноември, 49 граѓани по вторпат се заразиле од ковид-19, со што вкупната бројка на заразени по вторпат се искачила на 870 граѓани.
– Регистрирани се и 49 реинфекции. Заклучно со 21 ноември вкупно се пријавени 870 реинфекции, што е 0,4 отсто од вкупниот број на досега заразени, кој изнесува 212.375 лица – велат од ИЈЗ.
Оние што претходно прележале ковид-19 се прашуваат колку силно се заштитени од зараза со делта-варијантата.
Според епидемиолозите, имунитетот по претходна инфекција, во многу случаи, ги штити луѓето од реинфекција. И кога ќе се појави болеста има тенденција да биде лесна. Но имунитетот варира од човек до човек, па некои можат да имаат силен имунолошки одговор што ги штити од делта-сојот по претходна инфекција, а некои имаат слаб имунолошки одговор и може да бидат ставени во ризик.
Некои доктори препорачуваат оние што прележале ковид да се вакцинираат со една доза за да го зголемат нивото на антитела, а други, пак, посочуваат да се вакцинираат целосно со две дози.
Микробиологот Никола Пановски објаснува дека реинфекција значи некој по вторпат да се разболи од истата болест.
Причините за тоа, според него, се повеќебројни, од паѓање на имунитетот кај одреден човек, до мутациите на ковид-19, па сѐ до можноста првиот или вториот пат да не се работи за болест, туку за контаминација, поради лажен ПЦР-тест, или, пак, во еден од случаите да се работи за асимптоматски случај.
– Овие случаи на реинфекции се занемарливи и се доказ дека прележаните многу ретко се разболуваат по вторпат. Кај нас масовната вакцинација почна во мај. Бројот на комплетно вакцинирани и заразени е некаде над 10.000 лица. Но тој број официјално го немаме. Бројот на смртни случаи што биле по вторпат заразени е само осум. Во таа насока е нелогична мерката што прележаните по 45 дена можат да се вакцинираат. Најдобро е прележаните да се вакцинираат некаде по шест месеци од прележувањето – заклучува Пановски.
Според него, во случајот со реинфекции, најзаштитени се прележаните и вакцинираните.
– Многу ретко по вторпат се заразуваат прележаните и вакцинираните. Но немаме податоци колкав е нивниот број. Кога би се признал сертификатот за прележување на пример шест месеци, многу луѓе навремено ќе се тестираат
ќе има стимул да се пријават дека се позитивни – додава тој.
И директорот на Институтот за имунобиологија и хумана генетика при Медицинскиот факултет на УКИМ, Александар Петличковски, веќе неколкупати има изјавено дека е невозможно да имаме во земјава поголем број на реинфицирани со ковид, бидејќи тоа е многу редок случај и во светски рамките се регистрирани десетина случаи.
– Теоретски реинфекцијата е можна, но тоа е толку многу редок настан што нема шанси во Македонија да има толку случаи на реинфицирани. Тоа би значело дека од околу 100 илјади заразени, околу 10 отсто имаме реинфицирани и дека никогаш нема да излеземе од кругот на пандемијата, а тоа не е случај – рече Петличковски.
Претпоставува дека станува збор за поинакво толкување на тие позитивни ПЦР-тестови.
– Во тие не се исклучува можноста дека можеби првиот тест не бил веродостоен. Но можно е во тие три-четири месеци што поминале од прв до втор тест човекот никогаш да не се негативизирал. Но за да потврдиме дека некој човек се реинфицирал мораме да имаме податоци за варијантата на вирусот првиот пат кога го инфицирала, да имаме јасни податоците дека во меѓувреме тој е излекуван и податоци за новата варијанта. Тоа се многу тешки студии за кои ние не сме подготвени да ги направиме – вели Петличковски.
Тој вели дека позитивниот ПЦР-тест не мора да значи дека лицето ќе ја развие болеста.