На ЕП во Словенија судам со уште осум судии, по два меча дневно, надгледувам осум партии и досега нема никаков проблем, вели Кироски

ТОНИ КИРОСКИ, МЕЃУНАРОДЕН ШАХОВСКИ СУДИЈА, ДЕЛ ОД ЕП 2021

Меѓународниот шаховски судија Тони Кироски е единствениот од Македонија што ја дели правдата на Европското првенство (ЕП) во Словенија, што, секако, е чест за македонскиот шах. Кироски, кој со највисоката шаховска судиска титула е од 2019 година, играчката титула интернационален мајстор (ИМ) ја освои во 1996 година, сениорски првак на Македонија бил во 1999-та, а го делел првото место со ИМ Јован Софревски во 1990 година.

Како е да се биде шаховски судија на турнир од ваков голем тип?
– Физички не е напорно, но партиите обично долго траат и тоа постепено создава замор. Тука судам со уште осум судии на машкиот турнир, по два меча дневно, односно надгледувам осум партии, а распоредот каде ќе бидам во салата го прави главниот судија. Од доаѓањето во турнирската сала, за да се наместат и проверат фигурите, часовниците, формуларите, пенкалата, па сѐ до заминувањето од салата по завршувањето на партиите, поминувам по седум часа. Досега нема никаков проблем, никаква рекламација или жалба до мене од шахистите, а и воопшто до судиите на женскиот и на машкиот турнир.
Постои ли строга контрола пред влезот во салата за играње?
– Секој шахист и шахистка детално се проверуваат за случајно да не носи некаков помошен електронски уред, во салата има и двајца контролори, кои во секое коло ги проверуваат масите, столовите, фигурите од истата причина, а по завршувањето на сите партии, по случаен избор се одбираат 10 шахисти од двата турнира за спроведување антидопинг-контрола.
Во што се состојат и како се спроведуваат ковид-мерките?
– Ковид-протоколи, секако, има. Додека шахистите се на масата и играат, не мора да носат маска иако не им е забрането да носат, но штом станат од масата и се движат низ салата, задолжително е носењето маска. Ковид-тестови на целото ЕП се предвидени двапати и тие се веќе направени, пред почетокот на ЕП и по петтото коло, за време на слободниот ден.
Каков е квалитетот на партиите и дали се игра борбено?
– На ова ЕП не е дозволено ремизирање на партии пред 30-от потег, освен ако има позиции во кои шахистите повторувале трипати исти потези пред 30-от потег, при што на друга маса се прави реконструкција на партијата и завршната позиција за да се докаже ремито. За борбеноста доволно говори фактот што во петтото коло судев една партија што заврши со реми во 122-от потег, од кој 28 потези се играа во позиција на два против еден ловец, што е теоретско реми, но противникот беше упорен во желбата да победи.
Какво е расположението на македонските репрезентации?
– Македонските шахисти и шахистки се мошне расположени, атмосферата е оптимистичка. Ги посети и претседателката на Шаховската федерација на Македонија, Александра Гакидова, ги охрабри и им посака на нашите репрезентации многу успех во продолжението на ЕП. Во текот на ЕП се одржа и состанок на делегатите на Европската шаховска унија, на која Македонија ја претставуваше Александра Гакидова. На состанокот, на кој присуствуваше и претседателот на Светската шаховска федерација, Аркадиј Дворкович, беа донесени одредени заклучоци, меѓу кои следното ЕП, во 2023 година, да се одржи во Црна Гора.