Македонскиот народ има сопствен светоглед и тој најмногу може да се забележи кај преданијата поврзани со небото, небесните појави и Земјата, вели Ванчо Стојкоски, еден од иницијаторите на „Етноастрономија“, портал што ги истражува народните верувања поврзани со небесните појави
Веб-порталот ethnoastronomy.mid.org.mk, поддржан од Министерството за култура, преку фотографии со докажана научна и уметничка вредност, видеоанимации и текст, дава појасна претстава за народните верувања и обичаи поврзани со небесните појави. Проектот е дело на Македонското истражувачко друштво.
– Обединетите нации во 2004 година го прогласија небото како светско наследство. Во тие рамки, а подразбирајќи ги верувањата поврзани со небото како наше културно наследство што треба да се спаси од заборав, членовите на нашето друштво во минатото преку разни форми на организирање, а сега организирани во Македонско истражувачко друштво (МИД), во континуитет работат на собирање на овие информации и нивна презентација пред стручната и широката јавност кај нас и во светот – вели Ванчо Стојкоски.
Етноастрономијата обработува едно многу важно поле – космологијата, или кажано со други зборови, светогледот. Тоа е една од најважните карактеристики што го дефинира еден народ и го разликува од друг. Македонскиот народ има сопствен светоглед и тој најмногу може да се забележи кај преданијата поврзани со небото, небесните појави и Земјата.
– Овие преданија според традицијата во најголем дел се пренесувале од генерација на генерација по устен пат. Денес, поради современиот начин на живот и создадениот генерациски јаз, старите верувања се забораваат и исчезнуваат. Со тоа се губи и една многу важна супстанција што го одржува нашиот народ како посебен. Веб-порталот за етноастрономија е еден од начините да се одржи жив светогледот на Македонците – потенцира Стојкоски.
Од 1982 година на територијата на Македонија се спроведува систематско собирање на народните претстави за небото и за небесните тела, Земјата, времето и за климатските промени. Над триесет теренски истражувачи имаат поминато повеќе од 130 села низ целата држава при што се интервјуирани околу илјада главно постари лица.
– Резултатите од теренските истражувања покажаа дека на небото меѓу ѕвездите народот гледа претстави на некои секојдневни предмети и појави со кои луѓето постојано се опкружени. Но појавите на некои непредвидливи небесни појави, како што се кометите, затемнувањата на Сонцето и Месечината, невремињата и громовите се толкувале како лош предзнак или како борба на митолошки суштества како што се змејови и ламји. Тоа докажува дека многу од преданијата имаат корен некаде длабоко во минатото во изминатите милениуми. Планетите во народот не се познаваат како такви, но се знае за Венера, која обично се нарекува ѕвезда Деница и Вечерница, зависно од периодот кога може да се види на небото. Најдовме и информации за Деница, која има вулгарна содржина со соодветно објаснување – вели Стојкоски.
Постојат и информации за Јупитер, кој се нарекува Мамикарван.
Името го носи поради тоа што во старите времиња кога немало часовници, карваните тргнувале на пат рано наутро кога ќе се појавела ѕвездата Деница и се очекувало наскоро да се раздени. Но понекогаш, можеби и неколку часа пред Деница, може да се појави Јупитер и со својот голем сјај да ги измами карваните порано да тргнат. Тие тогаш оделе со часови ноќе, изложувајќи се притоа да бидат нападнати од арамии, дополнува тој.
– Главно е тоа што народот ги гледа Земјата, Сонцето и Месечината како живи суштества и им придава такви атрибути. Ѕвездите ги поврзуваат со луѓето и нивните животи. Кога ќе се роди бебе, се раѓа нова ѕвезда. Ако таа е сјајна, тоа дете ќе биде некој моќен и богат човек, но доколку е слаба, му претстои сиромашен живот. Кога некоја ѕвезда ќе „падне“ (метеор), тогаш некој човек умира. Доколку во кратко време се видат многу „ѕвезди што паѓаат“ (метеорски рој или метеорски дожд), тогаш тоа значи дека некаде се случува некаква голема несреќа или војна каде што умираат многу луѓе – објаснува Стојкоски.
Македонски народни верувања
Облаците носат дожд, толку потребен за опстанокот на луѓето, но можат да донесат и невреме. Се верува дека облаците ги водат орли што кружат и летаат пред нив за да им го покажат патот. Народот верувал дека Месечината се менува на секои 15 дена. Во селото Ранковце се вели дека некоја „маѓесница“ ја симнувала Месечината кога била гладна и ја јадела. Затоа таа станувала како срп. Потоа ја враќала на место и чекала 15 дена за повторно да се наполни. Потоа повторно ја симнувала и ја јадела. Ете, затоа Месечината се менувала на секои 15 дена… Ова е парче мал дел од народните верувања во Македонија споделени на порталот.