Акцент да се стави на развивањето на регионалната инфраструктура за подобро поврзување со европските држави, како и на креирањето заеднички регионални синџири за снабдување и настап на трети пазари, упатуваат експертите
За подобро и полесно позиционирање на пазарот, остварување деловни партнерства, интернационализација, иновации и отворање нови работни места, малите и средните претпријатија (МСП) треба да ја искористат Европската мрежа на бизнис-можности, апелира Стопанската комора на Македонија.
Според Комората, неопходно е и интензивирање на регионалната соработка за поголема конкурентност на овие претпријатија.
– Регионалната соработка и интеграција се клучни компоненти за поттикнување на конкурентноста на МСП, за поддршка на претприемачката култура и промоција на нивниот пораст и интернационализација на европските пазари. Неопходно е да се развиваме како единствена инвестициска дестинација, со истакнување на различните компаративни предности што ги има секоја економија од регионот, фирмите од земјите во соседството да ја унапредат колаборацијата за да го подигнат нивото на конкурентност на регионот на пазарот на ЕУ – истакна Влатко Стојановски од Комората.
Тој додаде дека акцент треба да се стави на развивањето на регионалната инфраструктура за подобро поврзување со европските држави, како и на креирањето заеднички регионални синџири за снабдување и настап на трети пазари.
Европската мрежа на бизнис-можности постои десетина години, застапена е во околу 60 држави, а во неа се вклучени 600 партнерски организации и 3.000 експерти. Преку македонскиот конзорциум, минатата година поддршка за партнерство добиле 119 домашни компании, вкупно 137 странски покажале интерес за соработка со наши фирми, а остварени биле 36 бизнис-партнерства.
– Годишно, на глобално ниво, повеќе од 250.000 мали и средни претпријатија добиваат некаква услуга од партнерските организации на мрежата, а 52.000 добиваат совети за унапредување на нивната иновативност, пораст и интернационализација. Над 20.000 компании, пак, преку мрежата учествуваат на меѓународни настани – истакна Стојановски.
Според Натали Мартинез Парамо од Европската комисија, ЕЕН-платформата постигна импресивен број на активности и резултати и овозможи малите и средните претпријатија да ја подобрат својата позиција на пазарот, да ги намалат трошоците и да отворат нови работни места.
– Улогата на овој регион во постигнувањето на овие заеднички цели станува сѐ поважна. Eвропската комисија на почетокот од оваа година ја усвои Стратегијата за кредибилна перспектива за проширување и зајакнување на ангажманот на ЕУ со Западен Балкан, а со тоа ја потврди и европската иднина на регионот. Целиот Западен Балкан сега има вистинска шанса да оди напред по нивниот европски пат – нагласи Мартинез Парамо.
Како што истакна таа, Југоисточна Европа добро напредува во оваа област, не само во однос на услугите туку и преку воведување на „Хоризонт 2020“, а стратегијата на ЕЕН-мрежата има важна улога врз ЕУ-интегративните процеси на земјите од Западен Балкан.
Европската мрежа на бизнис-можности е најголемата мрежа за деловна соработка во Европа, која им помага на компаниите да го подобрат своето работење и да воведуваат иновации преку партнерства, размена на информации и професионални советувања.