Политичкиот театар во Македонија продолжува и понатаму на неодредено време. Најновата дилема е само дали оставката на премиерот на неодредено време ќе значи и криза на неодредено време. Но каде водат сите овие политички случувања и какви се последиците врз граѓаните и државата? Зашто додека политичките актери од власта и од опозицијата се преокупирани со оставката и со мнозинството, отворена е „берза“ со пратеници, а граѓаните и стопанството ги мачат сосема други проблеми со растот на цените, енергетската криза, порастот на заразени од ковид-19 итн. Во вакви околности, клучното прашање е која е најбрзата опција за стабилизација на државата и за ставање во погон на сите нејзини капацитети за решавање на другите кризи, во интерес на граѓаните и општеството во целост
ПОЛИТИЧКИТЕ ИГРИ БЕЗ ГРАНИЦИ ГИ ДЕСТАБИЛИЗИРААТ ДРЖАВАТА И НАЦИЈАТА
Едногласната одлука на Извршниот и на Централниот одбор на СДСМ за одложување на неодредено време за процесирање на оставката на премиерот и лидер на партијата, Зоран Заев, која ја најави вечерта на 31 октомври, по објавување на првичните резултати од локалните избори, во голема мера веќе беше очекуван епилог за дел од македонската јавност. Барањето и одлуката на партијата до нејзиниот лидер да ги одложи оставките сѐ додека не се нормализираат процесите во државата, од премиерот Заев беше прифатено како негова обврска „да помогне за да се стабилизира парламентарното мнозинство и по можност да се зголеми“. Во политички контекст кога опозицијата има поднесено иницијатива во Собранието за гласање (не)доверба на Владата, повлекувањето на најавената оставка на премиерот се толкува и како прифаќање предизвик.
Дајте ја најбрзата опција за стабилизација на државата и за ставање во погон на сите нејзини капацитети
Но каде водат сите овие политички случувања и какви се последиците врз граѓаните и државата? Зашто додека политичките актери од власта и од опозицијата се преокупирани со оставката и со мнозинството, отворена е „берза“ со пратеници, а граѓаните и стопанството ги мачат сосема други проблеми со растот на цените, енергетската криза, порастот на заразени од ковид-19 итн. Во вакви околности клучното прашање е која е најбрзата опција за стабилизација на државата и за ставање во погон на сите нејзини капацитети за решавање на другите кризи, во интерес на граѓаните и општеството во целост.
Во динамиката на изјавите и случувањата во контекст на опцијата за ново парламентарно мнозинство и евентуално нова влада што би ја составила сегашната опозиција, сепак „одложената оставка на неодредено време“, предизвика мноштво недоумици.
– Формулацијата „оставка на неодредено време“, и правно и граматички, е нелогична и неодржлива. Тоа е нешто како „дрвено железо“, или „трајно идно време“ – оксиморон, т.е. непостоен феномен. Но од политиколошка гледна точка, се чини дека изнаоѓањето формулации што треба да аргументираат одредено политичко дејствување и однесување е оправдано функционално. Сепак, оставката како политички акт е индивидуален и морален чин. Тој што се одлучува за таков чин, по самоосознавање дека веќе не може да одговори на задачите и предизвиците што ги презел со функцијата, тоа го прави без задршки и нови изговори за средување на околностите. При морален чин не се ставаат предвид околностите. Понудена оставка не е никаква оставка. Тоа што Уставот предвидува оставка е веќе во доменот на правната процедура, што многу често преминува и во правна и општествена тортура – вели професорот по уставно право Светомир Шкариќ.
Во наредниот период ќе треба да издржиме криза во која институциите ќе престанат да функционираат, а Владата ќе продолжи да работи
Во општествената генеза на понудените оставки во периодот од независноста на Македонија, професорот Шкариќ гледа еден емпириски парадокс. Обично политичарите што понудиле оставки (а не ги ефектуирале) наместо да бидат деградирани, тие биле унапредени. За тоа како случувањата во Собранието со гласање (не)доверба на Владата ќе имаат влијание на идните општествени текови, како и на економијата, односно кое решение би донело побрзо стабилизирање и предвидливост на состојбите, професорот Шкариќ проценува дека каков било исход во моментов нема да донесе суштински промени.
– Дури и ако падне Владата, таа пак останува да функционира сѐ до изборот на нова влада. Како што стојат работите, се чини дека ќе биде потешко да се формира нова влада отколку да се урне актуелната. Така што во наредниот период ќе бидеме сведоци, па и ќе треба да издржиме криза, во која институциите ќе престанат да функционираат, а Владата ќе продолжи да работи – проценува професорот Шкариќ, нагласувајќи дека повторно демократијата ќе ја учиме од искуство, колку и да имаме прочитано книги.
Всушност, професорот укажува дека веќе сѐ е напишано во книгите, но политичарите немаат време да ги читаат, па државата тапка во место.
Влегувањето во нова политичка криза на Македонија, според економскиот експерт Горан Рафајловски, преставува зголемување на постојаниот стрес во кој работат компаниите во земјата и немањето никаква развојна црта, никакво унапредување.
– Политичката криза во Македонија практично не е ни запрена во последниве шест години. Во овој шестгодишен период, може да се каже дека едно кратко време имавме полустабилна влада, но тенкото мнозинство во Собранието по ланските парламентарни избори претставува континуиран период на политичка криза. Тоа сериозно се одразува на стопанството. Можеби некои бројки покажуваат извесен раст, но оние на странските инвестиции се во сериозен пад, што се должи на политичката нестабилност.
Сивата економија, во овие шест години се зголеми на 40 отсто, од претходните околу 20 отсто. Неплаќањето даноци во државата, значи бавна смрт на компаниите. Кога на тоа ќе се додаде состојбата дека имаме сѐ помалку стручен и образовен кадар што може да одговори на потребите на стопанството, доаѓаме до проблемот со иселувањето, што е втора бавна смрт на економијата и македонското општество. Ковид-кризата што предизвика енергетска криза, а прашање на време е кога ќе се прелее во финансиска инфлаторна криза, како на светски така и на домашен план. Продуцирањето политички кризи во Македонија претставува несериозно поигрување на некои што сакаат да ја освојат власта, а другите не сакаат да ја напуштат. Начинот на кој се води политиката го јаде стопанството и создава ризик да ја дотепа и така фрагилната економија. Водењето политика во Македонија создава постојан стрес и непредвидливост во работењето на компаниите, што предизвикува тие да немаат развојна линија и речиси никакво напредување. А треба да се справиме со сериозна економска, енергетска и финансиска криза, додека се играат политички игри за освојување власт – вели економскиот аналитичар Горан Рафајловски.
Средба на премиери во оставка
Холандскиот премиер Марк Руте, кој вчера беше во Македонија, е во слична политичка состојба во својата земја како македонскиот премиер Зоран Заев. И Руте во јануари годинава поднесе оставка, но не си замина од функцијата.
Целата холандска влада поднесе оставка поради скандалот во кој илјадници семејства беа неправедно обвинети за проневера на детски додаток, по што од нив беше побарано да ги вратат парите.
На семејствата им беше нанесена „невидена неправда“, а даночните службеници, политичарите, судиите и државните службеници ги ставија во беспомошна положба, беше ставот на холандските пратеници.
Поради тоа, Руте ја поднесе својата оставка дури и пред кралот на Холандија.