Можната промена на власта во Унгарија би можела да означи крај на безгрижниот егзил за поранешниот македонски премиер Никола Груевски, но за неговата екстрадиција ќе биде потребно повеќе отколку само политичка волја, пишува „Балкан инсајт“.
Неодамнешниот подем на Петер Марки-Зај на унгарската политичка сцена, како лидер на здружената опозиција во пресрет на изборите во април в година, сигнализира дека би можела да се влоши политичката клима за Груевски.
– Ќе ги избркаме криминалните мигранти донесени од Фидеш. Ќе ги екстрадираме Никола Груевски од Македонија и Заид Нафа од Јордан, како и другите криминални мигранти населени во Унгарија од Фидеш – објави неодамна Марки-Зај на Фејсбук.
Но, за азилот на Груевски ќе биде потребно повеќе од политичка волја, како што истакнуваат правните експерти за „БИРН“, односно ќе станува збор за компликуван и долг правен процес.
– Во демократска земја каде што има владеење на правото, ниедна влада или премиер има право за одземање на бегалскиот статус – истакна Андраш Ледерер од унгарскиот Хелсиншки комитет во изјава за „БИРН“.
Груевски избега во Унгарија во 2018 година за да избегне затворска казна во Македонија, по што доби политички азил по забрзана постапка и се наоѓа под заштита на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Но, дури и доколку биде повлечен статусот на азилант на Груевски, тој би можел да се жали за одлуката до унгарскиот суд, а процесот за екстрадиција би можел да биде покренат како понатамошен чекор, заклучува „Балкан инсајт“. Унгарскиот суд веќе го одби барањето за екстрадиција на поранешниот македонски премиер во 2019 година. А унгарските служби надлежни за миграцијата периодично спроведуваат ревизија на статусот на бегалците на секои три години.
– Во новиот процес, ако има барање за екстрадиција од Македонија и ако Груевски веќе нема бегалски статус, тој би можел да биде екстрадиран. Но унгарскиот суд треба да утврди дали тој има право на фер судење во неговата татковина – објаснува Ледерер, додавајќи дека процесот би можел да трае со месеци, а можеби и со години.