Околу хидроакумулацијата Газивода се испреплетуваат економските и националните интереси. Со водниот прилив, кој доаѓа главно од Србија, се задоволува половина од потрошувачката на струја на цело Косово
Познатата реченица на српскиот претседател Александар Вучиќ: „Не ја даваме Газивода“ ја одразува непопустливата позиција на Србија во однос на преговорите со Косово. Некогаш градено за потребите на југословенската држава на реката Ибар, акумулацијата Газивода денеска претставува меѓународно прашање и точка околу која спорат Белград и Приштина. Една третина од езерото се наоѓа на српска територија, а две третини се на сегашно Косово. Сливот на водите, сепак, е на страната на Србија и на Црна Гора. Зошто Газивода е толку важна и проблематична за решавањето на српско-косовскиот јазол, е прашањето за кое „Дојче веле“ се обиде да најде соодветно објаснување.
За Белград овој капацитет е од големо значење за опстанок на српската заедница во северниот дел на Косово, па оттука и може да се разбере инсистирањето на Вучиќ својата минатонеделна посета на „јужната покраина“ да ја почне токму од оваа акумулација. Во тој контекст, шефот на Канцеларијата за КиМ, Марко Ѓуриќ, рече дека црвените линии за Србија во преговорите, што се однесуваат за енергетскиот дел, се Трепча, хидроелектричната централа „Газивода“ и трафо-станицата Валач. Од друга страна, и приштинските власти сакаат овој капацитет да го приклучат кон енергетскиот систем на Косово.
Албанската страна во јуни годинава го доведе во прашање одржувањето на техничкиот дијалог, што се води во Брисел, со инсистирање да се спроведе енергетската спогодба, а Белград тоа го услови со воспоставување на заедницата на српските општини. Затоа Газивода станува клучен дел во косовската сложувалка.
Заменик-главниот уредник на „Нови магазин“, Мијат Лакучевиќ, во изјава за „Дојче веле“ вели дека околу Газивода се испреплетуваат економските и националните интереси. Водниот прилив што доаѓа главно од Србија задоволува половина од потрошувачката на струја на цело Косово.
– Не е само прашањето на управувањето на овој ресурс и приходите од него. Дополнителен проблем е што хидроелектричната централа е направена со кредит од Светска банка, која го зела и го вратила Србија. Со ова и двете страни се повикуваат на правото на сопственост – вели Лакучевиќ.
Претседателот на Србија вели дека немаат постигнато никаква енергетска спогодба со Приштина, а оваа тема е спомената само со неколку штури реченици, за тоа дека треба да се применуваат законодавствата на ЕУ, како и за основање нова електроенергетска компанија за снабдување со електрична енергија. Белград и Приштина, на свој начин ги толкуваат овие неколку одредби. Србија смета дека со споменатите ресурси треба да располага идната заедница на српски општини, а албанската страна нив ги смета за имот на Косово.
– Теоретски, Србија би можела водите што го полнат езерото Газивода едноставно да ги пренасочат во друг правец, но со тоа езерото би било без вода, а Косово без струја, но на тој начин би се загрозила безбедноста на Србите, кои би можеле да бидат жртви – забележува Мијат Лакичевиќ.
Експертот за водостопанство и заштита на околината Љубиша Мијачиќ, на прашањето зошто езерото има стратегиско значење, вели дека комплетната инсталација се наоѓа на територијата на општината Зубин Поток, во која живеат Србите.
– Освен платите за вработените, српските жители на Косово немаат никаква друга финансиска корист. Оваа хидроакумулација „Ибар-Лепенец“ е управувана од Приштина и во неа нема ниеден Србин. Со ова постои дисбаланс во користењето на природните ресурси. Езерото Газивода е голема спорна точка, затоа што Косово без езерото нема да има и економија – вели Мијачиќ.
Како можно решение за овој спор, тој предлага да се изврши поделба на производниот дел и на дистрибуцијата, а Србите и Албанците да се натераат на соработка. Ова би значело, српската страна да ги поседува производните капацитети, а Косово дистрибутивните. На овој начин, Србија би произведувала и би испорачувала одредени количества вода на Косово, а за тоа би добила соодветен надомест. Косово тие квоти би ги доставувала до потрошувачите и би ги наплатувало. Така, двете страни ќе бидат натерани на заемна соработка од која би имале корист. Србите би имале приходи од кои би се финансирал нивниот иден развој, а Косово би добило гарантирана испорака на вода на долг рок.