Сведоштва на мигрантите заглавени на полско-белоруската граница
Јас сум на работ, но подготвен сум да поместам планини за да ја осигурам безбедноста на моето семејство, вели Раки Сроур, мигрант од Сирија кој со својата бремена сопруга Сафа и својот татко се обидуваат преку Полска да стигнат до Германија каде што живее дел од семејството на Сафа. Но, тоа што ги спречува се полските гранични патроли. Откако семејството ја преминало белоруско-полската граница, семејството на Сроур талка низ полската дивина веќе две недели, без храна и вода, а спијат во мочуришта за да не бидат откриени од полските гранични патроли, пренесува „Радио Слободна Европа“.
– Поминавме четири ноќи во мочуриште и речиси десет дена без вода за пиење. Нѐ третираат како животни – вели Карар, ирачки Курд кој исто така патува со неговата сопруга.
Тие потрошиле над 6.000 евра за да стигнат до Полска, но по поминувањето на границата, полските патроли ги фаќаат и враќаат на територијата на Белорусија. Тоа досега им се случило седум пати.
Мигрантите поминуваат долги студени ноќи без храна и вода, а паѓањето на температурите ќе значи и голем број на смртни случаи на територијата меѓу Полска и Белорусија. Ситуацијата е темпирана хуманитарна криза за Европската Унија, која пак, ја обвинува владата на Александар Лукашенко за „хибридно војување“, како своевиден одговор на санкциите наметнати откако белорускиот претседател прогласи убедлива победа на изборите во август минатата година, кои се сметаат за наместени.
Локалните активисти во градот Хајновка организираат ноќни акции со цел да ги доведат семејствата во една од безбедните куќи организирани од тамошното население, кое пак, ризикува затвор поради помагање на бегалците. Активистите сметаат дека Полска лесно може да се справи со 30.000 бегалци.
– Можеме и мораме да ги пуштиме овие луѓе да поминат. Проблемот е што нашата влада благодарение на нив победува на изборите со тоа што ги држи надвор – вели Анджеј Квјатковски, активист кој неодамна се преселил од Варшава во Хајновка за да им помогне на мигрантите.
Локалните жители во Хајновка и другите градови близу границата се подлежени на редовни полициски контроли за време на рутинските одења на работа или во маркет, додека воени камиони се движат по улиците.
– Се чувствувам како да живеам во воена зона. Единствените луѓе што се движат ноќе се бегалците, шверцерите и активистите – вели Касија Вапа, жителка на Хајновка која им помага на мигрантите.
Доколку бидат фатени и вратени во Белорусија, бегалците се принудени од страна на белоруските гранични служби да се упатат кон Полска. Некои бегалци плаќаат големи суми мито за да бидат со автомобили пратени во Минск, каде што бараат друг начин за да го продолжат патувањето кон Германија, или се враќаат во земјите од кои се обидувале толку долго да заминат.
Во Белорусија има повеќе од 10.000 луѓе кои се подготвени да ја преминат полската граница. Полскиот министер за одбрана, Мариуш Блашчак, на Твитер соопшти дека повеќе од 12.000 војници се распоредени на границата.