Продлабочувањето на политичките кризи во Босна и Херцеговина, Македонија, Косово и во Црна Гора е резултат на неисполнетите ветувања на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан, а сѐ поголемите барања и услови, сметаат политичките набљудувачи и аналитичари во регионот и во Европа
ЕУ постојано испорачува зголемени очекувања, а сѐ помалку помага
И граѓаните и владите од земјите на Западен Балкан се длабоко разочарани од политиките за проширување на ЕУ. Во некои од земјите во регионот тоа гласно се порачува, а и се рефлектира во изборните процеси. Тоа, според аналитичарите, се политики на сврзани садови, при што таквите незадоволства генерираат и политичка криза во државите на Балканот. Дури прашањето што го поставуваат е дали токму тие политички кризи се со умисла генерирани, контролирани и менаџирани од некоја „длабока ЕУ“
Случајот „БиХ“
Босна и Херцеговина се наоѓа во најголема политичка криза од завршувањето на војната во 1995 година, а тоа може да се пренесе и во регионот. За сериозната состојба во земјата предупреди и високиот претставник на меѓународната заедница за БиХ, Кристијан Шмит, кој во последниот извештај презентиран во Обединетите нации, посочи дека изгледите за судири и поделба на БиХ се реални. Изминатите денови се случија повеќе настани што доведоа до продлабочување на политичката криза, а, како што е познато, српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, најави дека ентитетот Република Српска ќе ги преземе надлежностите од државниот обвинител, Агенцијата за разузнавање, Управата за индиректно оданочување и другите државни тела, а најавени се и едноставно повлекување на РС од државните оружени сили и формирање ентитетска војска.
Професорот и декан на Факултетот на политички науки во Сараево, Сеад Турчило, во разговор за „Ал џезира“, очекува дека Народното собрание на РС ќе „воспостави параинституции“, но дека по ова ќе застане со намера тоа да се претстави како компромис со меѓународната заедница.
– Европа и Западот во овој момент не се свесни дека дестабилизацијата на БиХ може да има некој вид домино-ефект во целиот регион на Западен Балкан, односно да предизвика дестабилизација на Косово и Македонија, но и во Црна Гора, која веќе е дестабилизирана – вели Турчило.
Американските преставници задолжени за Балканот ја отфрлија можноста за „нова војна во БиХ“, но најавија засилена дипломатска офанзива во надминувањето на тензиите во земјата. Наредната недела, претставникот на Вашингтон, Габриел Ескобар, ќе разговара со претставници во федералните власти во Сараево. Желба да посредува меѓу трите етнички заедници во БиХ изрази и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој би учествувал на заедничка средба со лидерите на трите конститутивни народи, на која би присуствувале и турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и српскиот претседател, Александар Вучиќ.
– Верувам дека единствено во таков амбиент може да се најде задоволително решение. Значи, секоја страна ќе има некој на кој може да му верува – изјави Милановиќ.
Повеќето политички аналитичари сметаат дека долгогодишната агонија низ која поминуваат граѓаните во Босна и Херцеговина е одраз на „незаинтересираноста на меѓународната заедница за стабилизирање на земјата и на регионот“.
– ЕУ не ја сака и не се интересира за Босна суштински поради страв од исламски екстремизам. Но општо е познато и докажано дека религиозниот екстремизам зависи од очајните социјални и економски услови на одредена популација. Да се остави Босна во мизерија, како и целиот регион на Западен Балкан со 20 милиони жители надвор од ЕУ, наместо да се интегрира, само ќе ги влоши тие очајни состојби и ќе ја зголеми опасноста од стравовите што ја плашат токму ЕУ. Не само тоа, туку целата ЕУ може само да добие ако милиони луѓе во нејзиното соседство живеат подобро и добијат некаква социјална и економска перспектива. Но Европа, како и секогаш низ историјата, повторно ги изневерува Босна и Сараево. Босна е доказ дека политиката може да биде продолжување на воена состојба со други средства – пишува Ивор Мицковски во колумна за „Дојче веле“.
Каква е ситуацијата со другите земји од регионот?
За индиферентниот однос на ЕУ кон регионот и неисполнувањето на ветувањата од Брисел кон земјите од Западен Балкан се посочуваше неколку месеци пред да се одржат локалните избори во Македонија.
– ЕУ мора да го исполни даденото ветување за почеток на пристапните преговори со Македонија и со Албанија – порача тогаш германскиот министер за надворешни, Хајко Мас.
Тој додаде дека го разбира разочарувањето во регионот поради малиот напредок на процесот на проширување во текот на минатата година и се заложи за негово повторно придвижување.
Иднината на сите шест држави од Западен Балкан е во ЕУ. Германија е целосно посветена на оваа цел. Ако испорачате вие, ние исто така испорачуваме. Тоа мора и во иднина да биде нашиот пристап кон проширувањето на Европската Унија – изјави Мас на онлајн средба со неговите колеги од земјите од Западен Балкан.
„Потребно е Македонија и Албанија веднаш да започнат пристапни преговори со Европската Унија“. Ова е пораката што вчера речиси истовремено е соопштена во јавноста од официјални извори на ЕУ.
Специјалниот европски посредник во преговорите меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, на самит од Солун, препорачува „да започнат, без задоцнување, пристапните преговорите со Албанија и со Македонија и да се испорача безвизен режим за граѓаните на Косово“.
– Ние, Европската Унија, за жал, не можевме да го исполниме нашиот дел. А како последица на тоа, загубивме партнер што беше многу лојален на европската идеја и многу конструктивен и посветен, еден од најдобрите партнери во регионот. За мене ова е јасен сигнал дека регионот не може да чека на нас и време е ние, Европската Унија, да дејствуваме, бидејќи во спротивно ќе губиме уште повеќе проевропски партнери – истакна Лајчак.
Во исто време, од Будимпешта, Парламентарното собрание на Советот на Европа донесе резолуција во која се повикува „ЕУ да го забрза процесот на интеграција на Западен Балкан, со продолжување на преговорите со Србија и Црна Гора и започнување преговори за членство“ со Албанија и со Македонија, да ѝ додели кандидатски статус на Босна и Херцеговина и да воведе безвизен режим за народот на Косово“.
Долгото време од неисполнетите ветувања на ЕУ, како што се наведува во документот, „предизвика разочарување, губење на надежта, поттикна етноцентрични аспирации и националистички копнежи, што ја уништи довербата во ЕУ кај јавноста во регионот и го отвори патот за други геополитички фактори“.