Бараките се небезбедни бидејќи се направени од ламперија и шперплоча, а покривите им се од азбест, кој на висока температура пука, па деловите што летаат можат да бидат како шрапнели. Бараките се како кибрити. Конструкцијата им е направена од дрво, за разлика од цврстите градби, каде што ѕидовите не се толку лесно пропустливи на оган и топлина, вели Владимир Симоновски, командант на Противпожарната бригада на Град Скопје
Опомена oд командантот на противпожарната бригада на Град Скопје
Старите изградени бараки пред повеќе од педесетина години во кои сѐ уште живеат голем број граѓани и во кои се сместени голем број државни, локални институции, градинки, па и болници, во изминатиот период ја докажаа аксиомата дека сѐ што е старо има свој рок на траење. Голем број од избиените пожари се токму во ваквите привремени објекти, кои се направени со цел привремено да се користат, меѓутоа кај нас нивниот рок на користење е доста продолжен. Доволен доказ за тоа дека бараките се крајно небезбедни е и неодамнешниот пожар што изби во напуштената барака на Судот за прекршоци, кој, за среќа, брзо беше локализиран од страна на противпожарната бригада.
СЀ УШТЕ НЕПОЗНАТИ ПРИЧИНИТЕ ЗА ПОЖАРОТ
ВО БАРАКИТЕ НА ПРЕКРШОЧНИОТ СУД
Време е бараките да заминат во историјата, барем оние што сѐ уште се користат од страна на државните и јавните институции, бидејќи минатото покажа дека истите тие се крајно небезбедни и лесно запаливи, поради материјалите што се користени за нивната изградба.
Дека тоа е навистина така, доволен доказ е неодамнешниот пожар во бараката што е во сопственост на Основниот кривичен суд – Скопје, каде што пожарот многу брзо и лесно се ширеше токму поради материјалите, но и дотраеноста на објектот. За среќа, посериозни последици немаше, пожарот брзо беше локализиран, а околните објекти претрпеа материјална штета.
Според информациите, во бараката имало и документација оставена по селењето на Одделот за прекршоци во судската зграда на стариот кривичен суд во комплексот судови.
– На 26.10.2021, во 16 часот, во СВР-Скопје било пријавено дека на улицата Јордан Хаџиконстантинов-Џинот настанал пожар во бараките на поранешен суд за прекршоци. Повредени лица нема, а од страна на бригадата за противпожарна заштита на Скопје пожарот бил изгаснат. Увидот е во тек и се преземаат мерки за расчистување на случајот – информираат од Министерството за внатрешни работи.
Сепак, останува енигма прашањето за точната причина за пожарот. Најдобро ќе покаже времето. Дали е игра на случајности или затскриен интерес зад кој стои желба за атрактивното земјиште во Градскиот парк, останува да покаже времето.
БАРАКИТЕ СЕ ЛЕСНО ЗАПАЛИВИ
Според пожарникарите, бараките се можеби едни од најнебезбедните објекти што се користат во земјава.
Според Владимир Симоновски, командант на Противпожарната бригада на Град Скопје, бараките се направени од лесно запалив материјал, кој лесно гори, а уште полесно се шири.
– Бараките се небезбедни бидејќи се направени од ламперија и шперплоча, а покривите им се од азбест, кој на висока температура пука, па деловите што летаат можат да бидат како шрапнели. Бараките се како кибрити. Конструкцијата им е направена од дрво, за разлика од цврстите градби, каде што ѕидовите не се толку лесно пропустливи на оган и топлина – вели тој.
Според него, пожарот во напуштените бараки на Судот за прекршоци можел да се случи од многубројни причини, но вели дека не може да се каже со сигурност која е причината и дека за тоа ќе покаже истрагата.
– Бараката била празна и не се користела повеќе од шест години, па затоа и е тешко да се каже која е точната првична причина од она што го видовме на терен. Постои можност и да е подметнат пожарот од страна на бездомници, кои виделе напуштен објект, го запалиле и заминале – вели тој.
Сепак, Симоновски потенцира дека пожарникарите дејствувале брзо и успешно го спречиле ширењето на пожарот.
Потребен е нов објект за ГРАДСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА
Она што загрижува е фактот што голем број државни институции, но и седишта на локални власти, градинки и болници сѐ уште се сместени во вакви привремени објекти, кои претставуваат опасност за граѓаните, но и вработените во овие институции. Градската администрација на Скопје е една од локалните самоуправи што функционираат во бараки. Оттаму велат дека се работи на набавка на нов објект за потребите на администрацијата.
– Град Скопје работи на набавка на нов објект за потребите на администрацијата, во согласност со насоките од Одлуката за набавка на недвижен имот – објект со намена деловен објект во Централното градско подрачје – Мал Ринг за потребите на Град Скопје, која беше донесена од страна на Советот на Град Скопје минатиот октомври.
Дополнително, заедно со јавните претпријатија работиме на наоѓање соодветни објекти за вработените, каде што објекти имаат и ЈП „Водовод и канализација“, „Лајка“, „Дрисла“ и „Комунална хигиена“, како и делумно ЈП „Градски паркинг“ (централата во центар, додека во монтажни објекти се сместени пунктовите на терен каде што имаме отворени паркиралишта).
Сѐ уште во бараки се администрацијата на Град Скопје, ЈП „Улици и патишта“ и „Паркови и зеленило“ – информираат од Град Скопје.
ПАЦИЕНТИТЕ СЕ БЕЗБЕДНИ
И голем дел од објектите посветени на здравјето на луѓето се бараки. Во Клиничкиот центар во Скопје има голем број бараки каде што секојдневно влегуваат пациенти за своите здравствени потреби, но и голем е бројот на медицински лица што работат таму.
Од Министерството за здравство велат дека клиниките каде што има пациенти што се на лекување и што лежат се во цврста градба.
– Министерството за здравство првпат по 70 години реновира и реконструира голем број клиники, интернистички блок, ортопедија, торакална хирургија, здравствени домови, брза помош, хируршки сали, дотраени заеднички простории, санитарни јазли, чекалници, стара, оштетена и непропорционално димензионирана внатрешна и надворешна столарија, дотраена обработка на ѕидовите и подовите. Продолжуваме со грижата за пациентите и обезбедување современи здравствени услуги – велат од здравство.
И ГРАДИНКИте да се дислоцираат од БАРАКИТЕ
Иако општините се тие под чија надлежност се градинките и тие одлучуваат за реновирање и преуредување на објектите, сепак, за сето тоа се доставуваат барања до Министерството за труд и социјална политика.
– Општините како основачи и сопственици на установите за деца имаат обврска да водат контрола, како и реновирање и преуредување на постојните објекти. Министерството за труд и социјална политика по доставени апликации (барања) од општините во рамките на планираниот годишен буџет врши реновирање или изградба на објекти. Владата и МТСП во изминатите четири години изградија и реновираа 60 градинки според највисоките европски стандарди. До крајот на годинава се планира пуштање во употреба на нови 10 градинки. Во таа насока МТСП на дело покажа огромна посветеност во создавањето подобри услови за децата – информираат од министерството.
Оттаму додаваат дека врз основа на одредбите во Законот за локална самоуправа и соодветните измени и дополнување на Законот за заштита на децата, со „Одлуката за пренесување на основачките права и обврски над постојните јавни установи за деца – детски градинки, на општините и на општините во Град Скопје и пренесување на правата на сопственост на објектите“ („Службен весник на РМ“ бр 51/2005), Владата на Република Македонија во 2005 година ги пренесе постојните објекти на 51 јавна установа на 40 општини.
– Мал дел од овие установи располагаат со објекти што биле изградени како бараки.
Сите објекти изградени по 2009 година се градени во согласност со правилник за стандардите и нормативите за вршење на дејноста на детска градинка („Сл. весник на РМ“ бр. 35/09) и правилник за стандардите и нормативите за вршење на дејноста на установите за деца („Сл. весник на РМ“, бр.28/2014), со кои е уредено дека објектите за згрижување и воспитание на децата треба да бидат изградени од цврста градба, во согласност со техничките прописи и стандарди за градба на објект – велат од МТСП.
Надлежните ТРАЈНО ДА ГО РЕШАТ ПРОБЛЕМОТ
Од Владата, пак, велат дека најголем дел од подрачните единици на министерствата се сместени во бараки што се под ингеренции на локалните самоуправи.
– Владата последните четири години трајно го реши просторниот проблем за околу 30 институции меѓу кои, Управата за финансиска полиција, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, Министерството за животна средина и просторно планирање, Агенцијата за примена на јазикот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, Обвинителството за организиран криминал, Медиумската информативна агенција, Агенцијата за одземен имот и други.
Во моментов, Службата за општи и заеднички работи располага со простории во зградата на МРТВ и доколку некоја од институциите побара да ги користи, поднесува барање за кое одлучува Владата на седница – информираат од Владата.
Оттаму додаваат дека според планот, идната година во просториите на националната арена „Тоше Проески“ почнува сукцесивно вселување и на други институции, со што трајно ќе го решат просторното прашање.