Кога светските лидери ќе се сретнат во Глазгов неделава, за да разговараат за глобалниот одговор на климатските промени, спортските организации ќе бидат вклучени и ќе гледаат на состанокот со голем интерес. Екстремните временски настани веќе почнаа да имаат значително влијание врз спортот во претходниве години. Спортот е огромен бизнис, со единствен глобален досег и ангажман, а многумина го гледаат како клучна алатка за комуникација низ целиот свет. Во Глазгов се очекува да присуствуваат и клучни личности од најголемите светски спортски организации, а главните резолуции на конференцијата би можеле да влијаат на спортот
Самитот за климата, КОП26, е серија годишни состаноци, но овој од многумина се смета за најзначаен досега, со голем научен извештај на Обединетите нации (ОН), кој предупредува дека климатските промени се „аларм за човештвото“, може да има импликации и за спортот, пишува „Би-би-си“. КОП е годишен состанок на 197 земји, кои ја потпишаа Рамковната конвенција на ОН за климатски промени.
Екстремните временски настани веќе почнаа да имаат значително влијание врз спортот во претходниве години. Во 2014 година тениски мечеви на надворешните терени на Австралија опен беа прекинати поради жештини. Средби на Светското првенство во рагби во 2019 година беа откажани поради тајфун. Маратонот на ЛОИ во Токио беше поместен поради загриженоста од екстремни горештини. Се проценува дека до 2050 година речиси секој четврти терен во англиската фудбалска лига може да биде поплавуван секоја година.
– Гледањето на големите глобални спортски настани е интересен начин за разбирање на влијанијата на климатските промени врз општеството и откриваме дека не можеме да ја земеме здраво за готово идната одржливост на некој од овие настани.
Намалувањето на емисиите на стакленички гасови од нациите низ светот ќе избегне многу, но не сите најлоши влијанија на климатските промени врз луѓето, бизнисите и природата, вклучувајќи го и спортот. Науката покажува дека ќе биде потребна и адаптација заедно со намалувањето на емисиите – вели д-р Фаи Фунг за „Би-би-си“.
Спортот е огромен бизнис од повеќе милијарди долари, со единствен глобален досег и ангажман. Многумина гледаат на спортот како клучна алатка за комуникација низ целиот свет. ОН го препознаваат ова во форма на нивната рамка за акција „Спорт за клима“, која бара од спортските тела да потпишат пет клучни принципи: преземање систематски напори за промовирање поголема одговорност за животната средина, намалување на целокупното влијание на климата, едукација за климатски активности, промовирање одржлива и одговорна потрошувачка и застапување за климатска акција преку комуникација. Спортот утре ќе биде во фокусот во Глазгов.
Се очекува да присуствуваат клучни личности од најголемите светски спортски организации, вклучувајќи го и Интернационалниот олимписки комитет. Спортистите ќе се соберат заедно за да се обидат да го зголемат притисокот врз индустријата да дејствува, како и да испратат позитивна порака до обожавателите низ светот, пишува „Би-би-си“. Формула 1 е единствениот официјален спортски партнер на самитот, а олимпијците, како Пола Редклиф и Хана Милс, Ф1-тимот Вилијамс, поранешниот Ф1-возач Нико Розберг и амбасадорот на Тотенхем, Ледли Кинг, треба да присуствуваат. Главните резолуции на конференцијата би можеле да влијаат на спортот затоа што ќе имаат цел да се справат со емисиите и климатските промени насекаде.