Уставниот суд реагираше на иницијативите за преиспитување на уставноста на одлуката за распишување на референдумот на 30 септември и објави дека ќе расправа за нив на седница, закажана за 19 септември 2018 година.
Дали тоа може да значи и стопирање на целата постапка, уште во сегашната фаза, или потоа оспорување на добиените резултати, останува нејасно. Правните експерти, пак, имаат свое толкување на целата ситуација
Како што одминува кампањата за референдумот на 30 септември, на кој граѓаните на Македонија треба да одлучат дали се за членство во ЕУ и во НАТО, со прифаќање на спогодбата меѓу Македонија и Грција, се добива впечаток дека поддржувачите на различните опции за оправданоста на неговото одржување имаат и различни видувања за тоа што значи успешен односно неуспешен референдум. За премиерот на Владата на Македонија, Зоран Заев, референдумот е неуспешен само во една варијанта – ако од сите излезени гласачи, мнозинството се изјасни против.
Притоа, прашањето за цензусот се релативизира, бидејќи референдумот бил консултативен. Сепак, кампањата за поддршка на референдумот најмногу е насочена кон апел до граѓаните да го искористат своето право на плебисцитарно изјаснување. Такви се и пораките на сите странски лидери и политичари (европски и американски), кои речиси секојдневно доаѓаат во Македонија да укажат дека референдумот е првиот „волшебен“ клуч за една од многуте врати што треба да се отворат до членството на Македонија во ЕУ и во НАТО. Оние што повикуваат на бојкот, како трета опција за искажување на граѓанскиот став за „понудата“ во референдумското прашање (покрај за и против), инсистираат на фактот дека без постигнување цензус, односно одзив на нешто повеќе од 900.000 гласачи, значи дека референдумот е неуспешен.
Но настрана од сферата на политичките комбинаторики и калкулации, од суштинска важност секако е правната рамка, односно што предвидуваат Уставот и законите во однос на референдумското изјаснување, почнувајќи од почетокот на постапката па до нејзиното завршување.
Уште при распишување на референдумот и објавувањето на референдумското прашање од страна на Собранието, правниците укажуваа на низа прекршувања на Уставот и на Законот за референдум по повеќе основи во неговото распишување. Таквите укажувања резултираа со неколку претставки до Уставниот суд од правно-политички субјекти, за оценка на уставноста на процедурата за референдумот, со барање за привремена мерка за запирање на референдумот.
Уставниот суд во екот на кампањата реагираше на овие иницијативи и објави дека ќе расправа за нив на седница, закажана за 19 септември 2018 година, со почеток во 9.30 часот. Дали тоа може да значи и стопирање на целата постапка, уште во сегашната фаза, или потоа оспорување на добиените резултати, останува нејасно. Барем до идната недела.
Една од иницијативите за оспорување на одлуката за распишување референдум е поднесена од политичката партија Левица.
– Нашиот правен сектор смета дека постојат сериозни формалноправни и материјалноправни причини за оспорување на наведената одлука како противуставна и противзаконита бидејќи таа не е во согласност со Уставот на РМ, Законот за референдум и другите облици на непосредно изјаснување на граѓаните, како и со воспоставените европски стандарди и добри референдумски практики утврдени од страна на Венецијанската комисија – се вели во претставката на Левица.
Тие бараат од Уставниот суд целосно да ја поништи одлуката за референдум, а доколку одлуката ја донесе по референдумот, тогаш да ги поништи резултатите.
Најновата одлука на Уставниот суд за разгледување на иницијативите за оцена на уставноста и законитоста на референдумот, еден од иницијаторите, професорот по правни науки Димитар Апасиев, ја оценува како добар знак.
– Не би сакал да прејудицирам што ќе одлучи Уставниот суд, но самиот факт што е закажана седница за иницијативите пред референдумот е добар знак, со оглед на тоа што некои наши претставки во СЈО не се разгледуваат по 2 години. Не прејудицирам, само ги разгледувам правните основи за одлука за поништување на референдумската одлука. Првата основа е манипулативноста на прашањето, втората е во фактот што во одлуката на Собранието за распишување на референдумот ги нема наведено сите елементи што ги бара законот (не е испочитувана законската форма), а третата основа е во тоа што според актуелниот устав не постои опцијата за консултативен референдум.
Ние, како партија Левица, баравме привремена мерка да се стопира одржувањето на референдумот на 30 септември. Постои можност Уставниот суд да не ја усвои привремената мерка и да не изрече решение за запирање на референдумот, но да ја прифати претставката. Тоа би значело дека референдумот би се одржал, но Уставниот суд си остава простор да ја разгледува претставката потоа, со што референдумските резултати би „виселе“ – размислува професорот Димитар Апасиев.
Од друга страна, иако кампањата за референдумот е веќе забревтана и понатаму како сите да го избегнуваат одговорот на прашањето што значи успешен референдум, според Уставот и законот, како правни стандарди.
Според условите во кои е распишан, сите чинители ангажирани околу референдумот се повеќе расположени неговата (не)успешност да ја мерат со политичко-прагматични мерни единици, отколку според важечката правна регулатива. За правните експерти, пак, нема дилема што влегува во категоријата за успешност и како се мери тоа.
– Според тоа како гласи референдумското прашање, („Дали сте за влез во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција), успешен референдум значи одзив поголем од 50 отсто од запишаните во избирачкиот список, (околу 904.000 гласачи) и сите да гласаат за! На вака поставеното прашање, се активира членот 120 од Уставот, конкретно ставот 3, кој гласи: „Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена, ако на референдум за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи“. Тоа значи дека во таков случај, цензус претставува целиот избирачки список (околу 1.800.000 избирачи), а за успешност на референдумот позитивно треба да се изјаснат околу 50 отсто +1 од целиот избирачки список. Сѐ друго: непостигнување на цензусот, немање мнозинство…, едноставно значи неуспешен референдум, според Уставот.
А со неуспех на референдумот на 30 септември, останува да важи одлуката од референдумот во 1991 година – смета професорот Димитар Апасиев.