Убаво би било ЕУ да ја потсети Бугарија дека е недолично таа да ѝ дели совети за почитување малцински прашања, говор на омраза и правилно поимање на историјата, на држава што со огромна меѓународна поддршка веќе дваесетина години ги усовршува стандардите за политичка, културолошка и лингвистичка разноликост и инклузивност. Дополнително, лицемерно е држава што има 17 пресуди од Европскиот суд за човекови права (меѓу кои за прекршување на правото за мирни собири и здружување на македонското малцинство) да се поставува како етички доајен на меѓународната сцена. Изгледа гротескно, но пред сѐ е непримерно и опасно, вели Ида Мантон, професорка по меѓународни преговори и медијација
Европските универзални вредности и принципи спакувани во токсична бугарска обланда
Неразбирливите бугарските услови и образложувања за блокадата за почеток на преговорите на Македонија за членство во Унијата, сѐ повеќе стануваат предмет на вдлабочени размислувања и несогласувања од страна на другите 26 земји-членки на ЕУ. Тие можеби ја прифатија консензуалната форма на одлучување, меѓутоа со содржинскиот дел на бугарските услови и образложувања имаат сѐ повеќе недоумици. Токму тоа е моментот што сѐ повеќе ги мотивира бугарските политичари да креираат наратив за кој мислат дека ќе биде (по)разбирлив и одржливо прифатлив за ЕУ.
Бугарската обланда за ЕУ наречена „одбрана на европските вредности“
Таквата нова „бугарската приказна за ЕУ“ во суштина се сведува на обидот нивните национално-историски уцени за Македонија да бидат претставени како „одбрана на европските вредности“. По сѐ уште актуелниот претседател Румен Радев, кој на самитот ЕУ – Западен Балкан испорача шест услови за Македонија, кои треба да бидат исполнети до декември, за да се отстрани ветото, неодамна со нови пораки до македонската страна се огласи и поранешниот претседател на Бугарија, Росен Плевнелиев. Тој во интервју за бугарски медиум порачува дека членството на Македонија во ЕУ е можно само ако се спроведат реформи и се почитуваат европските вредности, а како клучни тој ги наведува: почитувањата на правата на Бугарите во земјата, откажувањето од говорот на омраза и владеење на правото, кое подразбира почитување на Договорот за добрососедство. Тој потсетува дека Софија го поддржала членството на Македонија во НАТО, но дека тоа е геополитика. Додека за членството во ЕУ, Плевнелиев објаснува дека Бугарија всушност со блокадата за македонските преговори ги брани европските вредности.
– Европската Унија е сојуз на вредности! Бугарија тука го има целосното право да ги посочи проблемите со исполнувањето на европските вредности и да каже дека единственото возможно решение на спорот меѓу Софија и Скопје е со почитување на европските вредности. Друго решение не може да има – вели Плевнелиев. Тој ѝ порачува на македонската јавност дека со притисок и со лобирање нема ништо да се постигне.
– Ќе биде со реформи, кои докажуваат дека европските вредности се имплементираат и се исполнуваат од општеството и од управувачките органи на државата… Каде се проблемите? Европска вредност е владеење на правото. Но договорот потпишан меѓу владите на Република Македонија и Република Бугарија не се исполнува. Тоа е нарушување на владеењето на правото. Дајте да го почитуваме тој договор, инаку нема како Бугарија да даде зелено светло. Второ: европска вредност се правата на сите граѓани во едно општество, но денес сѐ уште во Македонија граѓаните на Бугарија ги немаат истите права како што ги имаат Србите, Албанците, Турците и сите други. Дајте им ги правата на тие граѓани на РС Македонија… – вели Плевнелиев.
Лекциите за европските вредности ненаучени од бугарските политичари, а тие
сега држат предавања за тоа?!
Имајќи ја предвид состојбата со правата на малцинствата во Бугарија, најексплицитно илустрирана со одбивањето и одолжувањето спроведување на 17 пресуди на Европскиот суд за човекови права, за што е соочена со ризикот да биде суспендирана и од Советот на Европа, лекциите за европските вредности на бугарските претседатели (актуелни и бивши) создаваат недоумица за призмата низ која тие ги гледаат овие состојби. Дали тоа што Бугарија се гледа себеси како „бранител на европските вредности“ се совпаѓа со перцепцијата на истите вредности гледани од македонска, но и од перспектива на ЕУ? Професорката по меѓународни преговори и медијација, Ида Мантон, цени дека ваквите лекции на бугарските политичари „изгледаат гротескно, но пред сѐ непримерно и опасно“.
– Убаво би било ЕУ да ја потсети Бугарија дека е недолично таа да ѝ дели совети за почитување малцински прашања, говор на омраза и правилно поимање на историјата, на држава што со огромна меѓународна поддршка веќе дваесетина години ги усовршува стандардите за политичка, културолошка и лингвистичка разноликост и инклузивност. Во рамките на процесот за асоцијација ЕУ го прави тоа. Штотуку излезе извештајот за оваа година. Дополнително, лицемерно е држава што има 17 пресуди од Европскиот суд за човекови права (меѓу кои за прекршување на правото за мирни собири и здружување на македонското малцинство) да се поставува како етички доајен на меѓународната сцена. Изгледа гротескно, но пред сѐ е непримерно и опасно. Затоа е неопходно ЕУ, но не е лошо тие пораки да дојдат и од другите мултилатерални форуми и заеднички да ја потсетат Бугарија дека времето на еднострани историски вистини е одамна напуштено од прогресивните либерални демократии на Европа и веќе со децении се работи на менаџирање на различностите, не на прекројување вистини и граници во момент кога ќе се почувствувате помоќни. Премолчувањето може да биде поопасно и да го продлабочи јазот. Затоа решението на овој спор не смее да се бара избрзано, не во билатерален процес во даденава констелација и не треба да биде услов за нашите евроинтеграции. Во интерес на сите е тоа да биде професионално структуриран процес, воден од експертски тим што добро ги владее меѓународните закони, заложби и препораки. На преговарачката маса каде што ние со Бугарија би зборувале за коректни соседски односи и почитување на вредностите (јас не ги нарекувам само „европски“, затоа што тоа се вредности што ние ги градиме и во ООН, ОБСЕ и СоЕ) мора да седат и експерти од мултилатералниот, супранационален ешалон што ние го градиме веќе 76 години – вели Ида Мантон, професорка по меѓународни преговори и медијација.
Бугарија во противречност со самата себе
За новата стратегија на бугарските политичари да го прикажат спорот со Македонија пред ЕУ како одбрана на „европските вредности“, универзитетскиот професор по филозофија Љубомир Цуцуловски вели дека тоа треба да претставува предизвик за самите нив да поведат иницијатива за менување на бугарскиот устав, за малцинствата во нивната држава да можат вистински да ги почувствуваат таквите вредности.
– Очигледно е дека Бугарија е во противречност со самата себе, бидејќи бара признавање на нејзино малцинство во Македонија, додека самата не признава македонско малцинство во својата држава. Нивното „објаснување“, односно повеќе „вадење“ е дека во бугарскиот устав не се предвидени малцинства. Но во тој случај нека си го променат Уставот (како што бараат од Македонија да го внесе во својот устав бугарското малцинство), па тогаш и тие ќе имаат малцинства. И на тој начин тие ќе ги признаат правата на малцинствата во сопствената земја, со што ќе се изедначат и со европските вредности. Така, и во Бугарија, етничките заедници ќе ги имаат своите права (вообичаени во европските земји), како на пример: да се изјаснуваат на својот мајчин јазик, да се изјаснат за својата етничка припадност, да формираат културни друштва, да имаат настава на својот мајчин јазик во основните училишта. Како уште еден пример за Бугарија, во Хрватска (исто членка на ЕУ), постојат македонски друштва чијашто работа ја финансира државата, но и во голем дел од европските земји – вели професорот Цуцуловски.
И покрај однесувањето на Бугарија пред ЕУ, според поговорката слушајте ме што зборувам, не гледајте ме што правам, за Македонија и понатаму останува предизвикот да изнајде решение за бугарското вето.
– Во моментов, 26 земји-членки на ЕУ содржински се поблизу до македонското гледиште на европските вредности отколку до бугарското. За 26 земји-членки на ЕУ се неразбирливи нивните барања насочени спрема Македонија, како услов за отстранување на ветото. Од друга страна, Македонија доби нов позитивен извештај од Европската комисија за спроведување на реформските процеси. Но очигледно тоа ништо не значи за Македoнија, кога има исфрустриран источен сосед, кој се нашол во ситуација да си ги исполни своите „влажни“ национални соништа. И ние треба со оваа ситуација да се соочиме како возрасни луѓе, дека за амбицијата да си ги исполнат соништата ќе манипулираат со сите можности што им ги дава ситуацијата дека се членка на ЕУ – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.