Она што претходно го направи Грција, поврзано со промената на нашето уставно име, а сега продолжува да го прави Бугарија, со негирањето на македонскиот народ и јазик, како и на неговата историја, е во целосна спротивност со Декларацијата на УНЕСКО усвоена уште во далечната 1982 година во Мексико. Токму во таа декларација се наведува дека секоја нација може да се изјасни како што сака и дека никој нема право да ѝ го оспорува тоа!
Професорот Јанев предупредува на ново прекршување на меѓународното право
Почитувањето на меѓународното право што ѝ овозможува на секоја нација да се изјасни како што сака е неприкосновено и загарантирано според два документа на Обединетите нации, еден од 1982 година и друг од 2007 година, во кои јасно се посочува дека никој нема право да условува некого како ќе се нарекува.
Она што претходно го издејствува Грција од меѓународната заедница, при што се направи промена на уставното име на земјава, а сега што продолжува да го прави Бугарија со негирањето на македонскиот народ и јазик, како и на неговата историја, е во целосна спротивност со Декларацијата на УНЕСКО усвоена уште во далечната 1982 година во Мексико. Токму во таа декларација се наведува дека секоја нација може да се изјасни како што сака и дека никој нема право да ѝ го оспорува тоа.
Имено, во воведниот дел на оваа декларација, која очигледно македонската страна воопшто не ја користеше како аргумент во преговорите со Грција, а очигледно е ист случајот и во актуелните преговори со Бугарија, јасно се посочува дека секој народ има право на самоопределување.
– Затоа сега е поважно од кога било да се воспостави поблиска соработка меѓу народите, за да се гарантира почитување на правата на другите и да се обезбеди остварување на основните слободи на човекот и на народите и нивното право на самоопределување – се наведува во воведниот дел од Декларацијата на ОН.
Тоа уште поубедливо е наведено во документот на ОН од 13 септември 2007 година, што претставува најсеопфатен меѓународен инструмент за правата на домородните народи, во случајот и на македонскиот народ, кој е домороден на овие простори со векови, а кој постојано низ историјата е цел на асимилирачките политики на соседните држави.
Токму поради ваквите етноцидни политики во светот, со кои буквално се збришуваат цели народи, ОН донесоа документ со кој се воспоставува универзална рамка на минимални стандарди за опстанок, достоинство и благосостојба на домородните народи во светот и ги разработува постојните стандарди за човекови права и основни слободи како што се однесуваат на домородните народи.
Ако сакаме, можеме да бидеме и Марсовци! Меѓународното право ѝ дава право на секоја нација да се изјасни како што сака – вели професорот Игор Јанев, научен советник и познавач на меѓународното право на Универзитетот во Белград.
Тој го наведува токму документот на ОН во кој се гарантираат правата на секој народ да може себеси да се декларира онака како што сака, посочувајќи на Грција и на Бугарија како земји што ги прекршуваат фундаменталните човекови права и вршат отворен етноцид врз македонскиот народ, прекршувајќи ги основните постулати од документите на ОН со негирањето на правото на самодекларирање на еден народ, неговиот јазик и историја.
Во членот 2 од овој документ на ОН од 2007 година се наведува дека домородните народи и поединци се слободни и еднакви со сите други народи и поединци и имаат право да бидат ослободени од секаков вид дискриминација во остварувањето на нивните права, особено оние врз основа на нивното домородно потекло или идентитет.
Тука и Грција и Бугарија флагрантно го прекршија овој член, бидејќи не им дозволуваат на малцинствата во своите држави, особено на македонското, слободно да го декларираат своето потекло и идентитет.
Во членот 3 уште поексплицитно се истакнува дека домородните народи имаат право на самоопределување и врз основа на тоа право тие слободно го одредуваат својот политички статус и слободно го остваруваат својот економски, социјален и културен развој.
Двете соседни држави особено тука го прекршија меѓународното право, инсистирајќи тие да диктираат како еден народ ќе се нарекува себеси и својата држава.
Македонскиот народ е домороден на овие простори со векови, така што, во согласност со правата што ги уживаат сите народи во светот, и тој има право да се самоидентификува и да се нарекува како што сака, а тоа треба да му го гарантираат ОН.
За професорот Јанев, ова е уште едно флагрантно прекршување на меѓународното право, така што, според него, единствен начин за исправање на неправдата и враќање на почитувањето на словото на законот тој гледа во едностраното раскинување на двата договора и воспоставување на уставното име на земјата, Република Македонија, како и прекин на секакви преговори за идентитетот, јазикот и историјата на македонскиот народ.