Професионалните возачи што речиси секојдневно се на пат од еден до друг град сведочат за застрашувачки сцени, како од хорор-филмови, што ги демнат секојдневно додека тие професионално си ја вршат својата работа. Излетувањето на домашни и диви животни на автопатиштата и регионалните патишта воопшто не е реткост во земјава, а ризикот е преголем и може да чини човечки животи, затоа што при брзина од 120 километри на час, доколку излета животно на улица, жртва нема да биде само животното туку и оние што се возат во возилата
ЖИВОТНИТЕ СТАНУВААТ СЕРИОЗНА ОПАСНОСТ И РИЗИК ЗА ВОЗАЧИТЕ
Домашните животни не се проблем само за урбаните средини, каде што може да се видат на булеварите, на средишните жардиниери по должината на булеварите, во парковите среде урбаните средини, каде што пасат или, пак, трчаат слободно. Можеби уште поголем, а слободно можеме да го наречеме и смртоносен проблем се за патиштата низ земјава, и тоа за оние низ целата држава, па и автопатиштата и регионалните патишта. Професионалните возачи што речиси секојдневно се на пат од еден до друг град сведочат за застрашувачки сцени, кои како излезени од хорор-филмови ги демнат секојдневно додека тие професионално си ја вршат својата работа. Излетувањето на домашни и диви животни на автопатиштата и регионалните патишта воопшто не е реткост во земјава, иако можеби официјалната статистика на Министерството за внатрешни работи има релативно мал број на случаи во кои несреќи се случиле со некое животно што поради сплет на околности се нашло на погрешно место во погрешно време. Ризикот е преголем и може да чини човечки животи, затоа што при брзина од 120 километри на час, доколку излета животно на улица, жртва нема да биде само животното туку и оние што се возат во возилата.
ВОЗАЧИТЕ ДА ВОЗАТ СО ОТВОРЕНИ „ЧЕТИРИ ОЧИ“
Делницата од автопатот Скопје – Велес и обратно, патот кон Охрид, почнувајќи од Гостивар, па до Кичево, се само мал дел од патиштата во земјава каде што постои сериозен проблем со домашни и диви животни што излетуваат на коловозите.
Возачите велат дека вакво нешто не смее да се случува и да е проблем во 21 век, кога постојат толку многу механизми и начини за заштита и обезбедување на сообраќајниците. Тие тврдат дека ризикот по нивниот живот е огромен, особено во вечерните часови, кога фреквенцијата на возила е помала, а природата заспана. Тогаш дивите животни се будат, во мир и тишина да истражуваат и да бараат начини за да се прехранат.
– Иако сега температурите на воздухот опаѓаат, па познавачите ќе речат дека дивите животни немаат храна, па затоа се спуштаат пониско на планините во обид да преживеат, сепак мора да кажам дека тоа воопшто не е така. За жал, и во летните периоди зајаци, срни, лисици излетуваа на регионалните патишта. Делот каде што се тргнува кон Маврово, Стража, Пресека, се само некои од делниците каде што особено во вечерните часови буквално врие од диви животни. Изминатиов месец дури шест пати пред автомобил ми има истрчано диво животно. Иако најчесто се зајаци, сведок сум дека има и срни и лисици. Срните се поплашливи па побрзо реагираат кога им се приближувам, но на пример дивите свињи не реагираат толку брзо, а нивниот габарит не дозволува многу маневрирање на ваквите патишта, бидејќи коловозот е двонасочен, па ако ја избегнувам дивата свиња, може да налетам на возило од спротивната насока – вели професионалниот возач Зоран Костовски.
Тој вели дека ова не е проблем само за него туку и за сите негови колеги. Опасноста, според него, е преголема кога и покрај приспособената брзина на возење, ризикот за неговиот и животите на сите учесници во сообраќајот на овие улици е огромен.
– Како професионален возач, јас не смеам да ги прекршувам законот и сообраќајните знаци. Ако некаде пишува дека е дозволено 80, јас возам толку, па и помалку. Секогаш и секаде ја почитувам пропишаната брзина, бидејќи возам патници, па одговорноста не е само кон мене и мојот живот туку и кон тие луѓе и нивните семејства – вели тој.
Според Горан Трпчевски, кој заедно со Зоран врши професионално возење на патници, уште поголем проблем се домашните животни, кои слободно шетаат по автопатиштата и регионалните патишта.
– Кај Петровец има секакви домашни животни, почнувајќи од кучиња, овци, кози, крави, понекое говедо, а има и кокошки и петли што шетаат, па дури и стојат на банкините. Сопствениците на домашните животни без никаква совест и одговорност ги пуштаат животните слободно да шетаат, воопшто не размислувајќи за тоа дека претставуваат опасност за возачите. На автопатиштата проблем е и тоа што нема заштитна ограда што ќе го спречи ваквото излетување на домашни животни, а сведоци за тоа сме не само ние туку и мршите од удрените животни на коловозите – вели Трпчевски.
Според него, мршите се исто толку голема и сериозна опасност за возачите како и животните што претрчуваат, бидејќи овие вториве можат да избегаат и да си го спасат и својот и животот на возачот, а првите може да бидат кобни за возачите и нивните сопатници.
ЗА НЕЦЕЛИ ТРИ ГОДИНИ, 505 СООБРАЌАЈКИ ПРЕДИЗВИКАНИ ОД ЖИВОТНИ
Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, за три години, односно за 2019, 2020 и оваа година, заклучно со август, низ земјава се случиле дури 505 сообраќајни несреќи предизвикани од животни.
Најголемиот број од нив, дури 199 сообраќајки се евидентирани во СВР-Тетово. Веднаш потоа следува СВР-Скопје, каде што е евидентирани 74 сообраќајни несреќи за овие речиси три години. Во СВР-Велес, пак, евидентирале 68 сообраќајки предизвикани од животни. Во СВР-Охрид регистрирале 66, СВР-Куманово 33, СВР-Штип 28, СВР-Битола 23. Најмал број сообраќајки предизвикани од животни се евидентирале во СВР-Струмица, каде што бројот изнесува 14.
– По однос, пак, на ваквите настани на автопатот Скопје – Велес, за посочениот период на оваа делница се случиле вкупно 19 такви сообраќајни незгоди. Десет во 2019-та, седум во 2020-та и две во текот на осумте месеци од оваа година – информираат од МВР.
ЦРНИ ТОЧКИ СЕ КЛУЧКИТЕ ВО БЛИЗИНА НА НАСЕЛЕНИТЕ МЕСТА
Според надлежните од Јавното претпријатие за државни патишта, најголемиот број сообраќајни незгоди сепак се случуваат во близина на патните јазли предизвикани од неконтролирано движење на домашни животни, за чие движење се надлежни сопствениците. Оттаму додаваат дека, според нивните сознанија, ретки се сообраќајните незгоди со диви животни.
– Членот 129 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата вели дека „на автопат, експресен пат или пат резервиран за моторни возила не смеат да се движат пешаци, велосипеди, мобилни машини, мотокултиватори, трактори, запрежни возила и добиток, ниту возила што според овој закон не се сметаат за моторни возила. Членот 41-а од Законот за јавни патишта, пак, вели дека „заради обезбедување посебен режим на сообраќај на автопат и магистрален пат на кој е воведен систем на наплата на надоместок за употреба на патот, како и за да се спречи неконтролирано движење на луѓе и диви животни на коловозот, на надворешниот раб на патниот појас континуирано се поставува заштитна ограда“. Според членот 68, „инспекциски надзор над спроведувањето на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши за државните патишта Државниот инспекторат за транспорт преку Државните инспектори за патишта, а за општинските патишта и улици овластениот инспектор за патишта на општината, односно Градот Скопје.“ Јавното претпријатие за државни патишта при изградба на автопатишта и експресни патишта, резервирани исклучиво за моторен сообраќај, поставува заштитната оградна мрежа за спречување на влегувањето диви животни во патниот појас. На регионалните патишта што се наменети за мешан сообраќај не се поставува оградна мрежа – информираат од претпријатието.
Оттаму потенцираат дека за одржување на заштитната оградна мрежа е надлежно Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта („Македонија пат“), кое во најкраток можен рок ги санира местата на нелегално отстранетата оградна мрежа.
РЕДОВНО СЕ ОБЕЗБЕДУВААТ АВТОПАТИШТАТА, НО ГРАЃАНИТЕ ЈА КРАДАТ МРЕЖАТА
Од „Македонија пат“, пак, велат дека се запознаени со проблемот, особено со застапеноста на домашните животни на автопатиштата низ земјава.
– Нашите автопатишта се со клучки на секои два километри, каде што од левата и десната страна има населени места и не постои можност да ги заштитите, односно не можете да спречите животните да излезат на автопатот. Најголем проблем се домашните животни што се пуштени слободно да пасат. Кога ние во зимските периоди истураме сол, солта се раствора, а домашните животни повеќе ја сакаат тревата каде што водата ја однела солта – информираат од „Македонија пат“.
Оттаму велат дека и кога ќе се случи сообраќајна несреќа со домашно животно што е обележано и за кое е јасно дека има сопственик, сопственикот најчесто не се јавува затоа што знае дека ќе треба да преземе одговорност.
– Ние постојано сме на терен и поставуваме заштитни мрежи, но не можеме да бидеме чувари и постојано да седиме на едно место. Мрежите постојано се крадат од страна на луѓето. Имаме пример кога само што ја поставивме мрежата, на делот кај Петровец, вечерта таа беше украдена. Најчесто ја вадат за да можат полесно да претрчаат преку автопатот или за да излезат со возила. И тој проблем постојано се појавува на исти локации. Некои делови во една година се обновуваат и повеќе од пет пати, но повторно мрежите се крадат – велат оттаму.
Од „Македонија пат“ велат и дека несовесните граѓани успешно крадат и 50, па и 100 метри заштитна мрежа, а со тоа не само што прават трошок туку и ги ризикуваат животите на возачите.
– Сепак, кога ќе се случи сообраќајка со животно, одговорноста е наша и кај нас се обраќаат за обесштетување. Мрежата е невозможно сама од себе да се уништи. Ниту животните можат да го сторат тоа. Најчесто излетуваат крави и бикови, а доколку би имало мрежа, тие не би оделе преку неа – нагласуваат оттаму.