Пред започнувањето на војната, „Македонец“ под команда на Карден честопати ги посетувал американските пристаништа, извршувајќи различни државни задачи. Во текот на овие мисии, Карден се спријателил со Декатур. Капетанот Карден честопати вечерал со Декатур и неговата сопруга Сузан, а во текот на овие дружби, на шега се обложиле во капетанската шапка за исходот од битката на нивните бродови. Останува нејасно дали по поморската битка капетаните останале пријатели и дали Карден го исполнил обложувањето
„Македонец“ е првата воена британска фрегата што беше заробена од страна на Соединетите Американски Држави во текот на Американско-британската војна. На 25 октомври 1812 година, неколку стотини километри западно од Канарските Острови, во Атлантски Океан започна 90-минутна битка помеѓу британската фрегата „Македонец“ и американската фрегата „Соединети Американски Држави“. Британскиот воен брод бил вооружен со 38, а американската фрегата со 44 топа. „Македонец“ бил под команда на Карден, а „Соединети Американски Држави“ под команда на Декатур. Во текот на поморската битка, американската тешка фрегата успеала да ги уништи сите три јарболи на „Македонец“ и на крајот Британците се предале. Бродот најпрво бил однесен во Род Ајленд, а подоцна во пристаништето во Њујорк.
Заробувањето на „Македонец“ предизвика национална сензација во Соединетите Американски Држави и стана предмет на мистификација. Беа создадени неколку уметнички слики на кои беше претставена поморската битка помеѓу „Македонец“ и „Соединетите Американски Држави“, уништувањето на јарболите и заробувањето на британскиот брод. Една од уметничките слики беше изложена во просториите на Академијата за ликовни уметности на Пенсилванија, во 1848 година, а оригиналното поморско знаме на „Македонец“, запленето по битката, е изложено во свечената сала на Американската поморска академија како воен трофеј.
Постои интересна приказна што ѝ претходела на самата поморска битка. Имено, пред започнувањето на војната, „Македонец“ под команда на Карден честопати ги посетувал американските пристаништа, извршувајќи различни државни задачи. Во текот на овие мисии, Карден се спријателил со Декатур. Капетанот Карден честопати вечерал со Декатур и неговата сопруга Сузан, а во текот на овие дружби, на шега се обложиле во капетанската шапка за исходот од битката на нивните бродови. Останува нејасно дали по поморската битка капетаните останале и понатаму пријатели и дали Карден го исполнил обложувањето.
По заробувањето, „Македонец“ бил поправен од страна од американската држава, го задржал своето име и ѝ бил ставен на располагање на младата и мала американска флота. Како американски воен брод, „Македонец“ учествувал до крајот на Американско-британската војна. Но тука не завршуваат неговите мисии. На 20 мај 1815 година, „Македонец“ заминува за Средоземно Море, каде што се придружува на флота од десет американски воени брода под команда на Декатур. На овој начин, „Македонец“ учествува во Американско-алжирската војна. Поморската акција на САД имала цел да ги спречи пиратските бродови што ги вознемирувале американските трговски бродови. На 17 јуни 1815 година, „Македонец“ учествува во воената мисија во која е заробена алжирската фрегата „Машуда“. По завршувањето на војната, „Македонец“ патролира на потегот од Средоземно Море до источниот брег на САД, со задача да им се овозможи нормално функционирање на трговските бродови.
Во периодот помеѓу 1819 и 1821 година, „Македонец“ ги заштитувал трговските бродови што се движеле во Тихи Океан покрај бреговите на Јужна Америка, во текот на латиноамериканските војни за независност против Шпанската Империја. По враќањето во Соединетите Американски Држави, „Македонец“ функционирал како банкарски брод, а во април 1822 година го напуштил Бостон како дел од флотата што заминала за Западните Инди, со задача да ги заштитува американските трговски бродови и да го ограничи дејствувањето на пиратите.
„Македонец“ својата последна мисија ја извршил во 1826 година, а во 1828 година бил повлечен од американската флота. Во текот на последното патување на „Македонец“, меѓу неговиот екипаж се наоѓал и Леонард По, братот на американскиот писател Едгар Алан По.