Балканското криминално подземје е мешавина на етнички ограничени криминални организации, кои се организирани преку режимот на ќелии и така создаваат криминална мрежа, со која ги покриваат Европа, САД, а преминуваат и на австралискиот континент
Европа е најчестото одредиште за балканските криминални организации, а тоа го покажуваат и бројот на уапсените лица и количеството запленети наркотици. Специјалност за балканските групи е транспортот на дрога, пред сѐ на кокаин, од Јужна Америка во Европа. Се проценува дека една третина од дрогата во Холандија пристигнува преку босанско-српските канали. Балканот останува да биде транзитен регион за трговијата со дрога, пред сѐ преку пристаништата во Албанија, Црна Гора, Грција, Хрватска и во Словенија.
Но регионот станува и центар за производство на марихуана и синтетички дроги. Истовремено, американскиот ФБИ ги идентификувал балканските криминални организации како подготвени за усвојување нови технологии. На територијата на САД, тие се занимаваат со фалсификување пасоши, кражби, измами во здравството, перење пари, трговија со дрога, шверцување луѓе, проституција и изнуда. Балканските криминалци во 2015 година се означени и како најголема закана за Австралија. Австралиската полиција предупреди дека балканските групи повеќе не дејствуваат по етнички линии, туку прават сојузи и регрутираат млади лица од Балканот што се преселиле во Австралија, се анализира во текстот објавен на Радио Слободна Европа.
– Во Европа е можно да се заработи двапати повеќе од шверцувањето кокаин од Јужна Америка, отколку во Северна Америка. Килограм кокаин во САД се продава до 28.000 долари, а цената на нелегалниот пазар во Европа се движи од 40 до 80 илјади долари – вели Саша Ѓорѓевиќ од Глобалната иницијатива за борба против транснационалниот организиран криминал, кој е координатор за Србија и за Црна Гора.
Криминалните групи се најприсутни во Белгија, Холандија, Шпанија и во Германија. Само во Шпанија дејствуваат околу 100 организирани криминални групи од Балканот. Балканските криминалци имаат добри и директни врски со клановите што го произведуваат кокаинот во Јужна Америка, се наведува во извештајот на Глобалната иницијатива за борба против организираниот криминал, која е невладина организација со седиште во Женева.
Меѓу различните етнички групи има воспоставени врски преку албанските криминални организации со шверцување марихуана, како и со шверцот на оружје, кој е поврзан со групите од поранешна Југославија, објаснува Ѓорѓевиќ во разговор за РСЕ.
Според него, ваквата состојба на теренот претставува погодна почва за формирање наднационални криминални групи од регионот, по примерот на Скандинавскиот картел, во кој соработуваат етнички кланови од Данска, Шведска и од Норвешка. Балканските криминалци засега се далеку од такво нешто, иако не е исклучено тоа да се случи, но сепак според експертите, потребно е да се совпаднат повеќе предуслови, кои засега се сериозна пречка. Пред сѐ, повеќе криминални организации да направат сојуз, односно подолго време да соработуваат под водство на неколку шефа и еден главен лидер. Вториот услов е да го покриваат целиот циклус на тргување со дрога.
– На пример, главните мексикански картели, како што се Синалоа и Хуарез, дистрибуираат дрога во градовите низ САД. Тие се состојат од различни криминални организации и ќелии, кои одговараат директно на водачите на картелите во Мексико или индиректно со посредници во САД. Секоја од тие организации има посебна функција, производство на дрога, транспорт, дистрибуција и перење пари.
Засега нема сознанија дека криминалните организации од Балканот произведуваат кокаин, со што би го заокружиле целиот синџир околу работата со наркотиците. Поточно, балканските групи засега набавуваат кокаин од латиноамериканските картели на самиот извор на производство, а потоа го транспортираат во Европа. Она што е интересно е фактот дека станаа многу истакнати во оваа работа – вели Ѓорѓевиќ.
Моментално не може да се говори за единствен балкански картел, односно сојуз со криминални организации со цврста хиерархија и истакнат лидер, чии членови се со потекло од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Грција, Хрватска, Романија, Македонија, Србија и од Косово. Балканското криминално подземје е мешавина на етнички ограничени криминални организации, кои се организирани преку режимот на ќелии и така создаваат криминална мрежа.
Кај балканските криминални организации врските настануваат врз основа на заедничкиот јазик и националност. Така, постојат криминални организации во кои доминираат поединци од албанското говорно подрачје и криминални организации во кои доминираат поединци од подрачјето на српскохрватскиот јазик од поранешна Југославија. Пресудна важност има потеклото во географска смисла, односно членовите на групите да имаат блиска поврзаност и лојалност меѓу членовите на криминалните организации.
Таков пример се криминалците од Цетиње, кои се вклучуваат во меѓународната трговија со дрога, а почнаа со воспоставување врски во регионот и во Европа, а подоцна и директно со производителите во Латинска Америка.
Неодамна словенечката полиција уапси членови на ќелија на црногорската криминална организација што дејствувала во Словенија. Меѓу уапсените 48 лица има припадници од различни етнички заедници, односно од Словенија, Србија, БиХ, Хрватска, Црна Гора и од Македонија. Во 2019 година е разбиена мрежа на криминалци што со приватни авиони шверцувале кокаин во светот, а беа уапсени 16 лица во Хрватска, Чешка, Србија, Швајцарија и во Хонгконг. Истрагата откри дека балканските криминалци не дејствувале само во Европа и во Јужна Америка туку и во Азија, што значи дека тие се разгранети низ целиот свет.