За операција на катаракта во јавното здравство се чека со месеци, како и за операција на жолчка. Неодамна четириесетина хирурзи реагираа дека во болница секојдневно функционираат само две хируршки сали дневно, наместо полниот капацитет, кој би бил шест сали во текот на денот. Кои се причините за ваквите состојби и каде треба да се бараат решенија

ХИРУРШКИТЕ САЛИ ФУНКЦИОНИРААТ СО НАМАЛЕН КАПАЦИТЕТ

Речиси две години од почетокот на пандемијата, а сѐ уште е проблем во јавното здравството да се добие термин за одредена хируршка интервенција или операција. Пациенти реагираат дека ако не се итни случаи, не можат да стигнат на ред за хируршка интервенција, плашејќи се дека нивното здравје може да се влоши. Затоа, многумина одлучуваат оперативниот зафат да го направат во некоја од приватните болници во земјава. Преостанатите, пак, чекаат на листите за операција за слободен термин.
Матичната докторка Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари, вели дека искуствата на пациентите се различни, па, така, некои за операција на катаракта чекаат со месеци, како и за операција на жолчка.
– Постојат листи за операции. Итните случаи, особено оние со малигни дијагнози се приоритет. Другите, кои не се итни, чекаат. Но сѐ е индивидуално, како ќе се договорите со докторот. Сепак, пациентите најмногу се упатуваат на операција во Скопје, зашто во другите градови е паднато нивото на здравството, односно има недостиг од хирурзи, анестезиолози итн. – објаснува таа.

Вакцинираните пациенти полесно до термин

Д-р Љубен Арсенков, директорот клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, позната како поранешна Градска болница, вели дека оваа болница го презела најголемиот товар за лекување на пациентите што не се поврзани со ковид-19.
– Пациентите што се ставени на редовна програма за операција прво одат во изолацискиот дел, каде што ги чекаат резултатите од ПЦР-тестот. Токму затоа понекогаш е намален капацитетот на операции. Иако итните случаи се приоритет, особено онколошките случаи, во зависност од патологијата и болеста на пациентот толку и се чека за операција. Далеку од тоа дека сме вратени во истото темпо од пред пандемијата, но работата значително ни ја олеснуваат вакцинираните пациенти, на кои им правиме брз тест и веднаш ги ставаме на програмата за операции – објаснува д-р Арсенков.
Сепак, тој го истакнува проблемот со медицински персонал, особено со анестезиолози.
– Месечно правиме 200-250 операции, а годишно околу 3.000 оперативни зафати – заклучува директорот.

Викторија Јовановска, директорката на Клиниката за гинекологија во Скопје, посочува дека изминатава година и половина не вратиле ниту една трудница што била истовремено ковид-позитивна или, пак, имала ризична бременост.
– Во тој дел програмата не ни е редуцирана. Единствено малку поднамаливме во август, кога не се оперираат бенигните промени кај пациентките, поради високите температури, но и поради персоналот, кој мораше да го искористи годишниот одор. Имаме пет операциони сали – заклучи таа.

Недостигот од анестезиолози сериозен проблем

Последната реакција токму на оваа тема дојде од градската болница „8 Септември“, каде што четириесетина хирурзи со писмо реагираа дека во болницата секојдневно функционираат само две хируршки сали дневно наместо полниот капацитет, кој би бил шест сали во текот на денот.
Нивните барања се да се овозможат услови во болницата за да може таа да им даде хируршка здравствена заштита на поголем број пациенти чии болести не исчезнуваат поради пандемијата.
– За надминување на ситуацијата постојат неколку решенија и отворени сме за дополнителни предлози – стои во реакцијата потпишана од 40 хирурзи.
Министерот за здравство Венко Филипче неодамна оствари средба со претставници на хируршкиот колектив на ГОБ „8 Септември“ и со директорот на болницата Христијан Костов, на која било заклучено дека во моментов во таа болница се лекуваат 100 пациенти со ковид, па дека оттука е и редуцираноста на бројот на хируршки одделенија.
– За време на средбата се најде привремено решение за оперативната програма за следната недела, а во текот на престојните денови ќе разговараме и за трајно решение за предизвикот. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, најголем број пациенти се невакцинирани и тоа сериозно го оптоварува здравствениот систем -посочи Филипче.

[email protected]