Фокусот на конференцијата, која се одржа во организација на Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје, беше издигнување на свеста за неоходноста од јакнење на безбедносната култура во деловната заедница во нашата држава и пошироко, со учество на повеќе странски и домашни експерти што се занимаваат со сајбер-безбедност
МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА СТАНДАРДИЗАЦИЈАТА И МЕСЕЦОТ НА САЈБЕР-БЕЗБЕДНОСТА
Во организација на Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје се одржа меѓународна конференција на темата „Сајбер-безбедноста – реалност за компаниите“.
Организаторот на конференцијата, проф. д-р Атанас Козарев, првиот човек на асоцијацијата, истакна дека фокусот на конференцијата е издигнување на свеста за неоходноста од јакнење на безбедносната култура во деловната заедница во нашата држава и поширко.
– Иако последните две години вниманието на човештвото беше свртено кон една од досега посериозните здравствени закани, сепак сајбер-нападите не престанаа, туку напротив, манифестираа исто така нова феноменологија. На овие сајбер-закани не се имуни ниту нашата држава, нејзините граѓани и деловниот свет. Во 2018 година, Владата на РСМ ја донесе Националната стратегија за сајбер-безбедност 2018-2022, со цел, покрај другото, и заради промовирање култура за сајбер-безбедност, со што ќе се постигне сеопфатно разбирање на сајбер-заканите, како и градење и унапредување на потребните капацитети за заштита – рече Козарев.
Со Акцискиот план се настојуваше да се зајакне институционалниот капацитет преку формирање национален совет за сајбер-безбедност и формирање тело со оперативни капацитети за сајбер-безбедност како новоформиран самостоен орган (агенција, дирекција) или како новоформирана организациска единица, односно орган во рамките на постоен орган, дополни Козарев.
– Сите овие активности се во функција на превентивно-репресивната борба против сајбер-криминалците, кои злоупотребувајќи ги достигнувањата и придобивките на информатичката технологија извршуваат софистицирани кривични дела со исти или слични криминалистички карактеристики – посочи во своето излагање организаторот на конференцијата.
На крајот, Козарев истакна дека е особено значајно за оваа конференција што се одржува во месецот што е означен како меѓународен месец на сајбер-безбедноста.
Модераторка на пленарните сесии на конференцијата беше г-ѓа Виолета Лузевска Рајчевска од „Македонски телеком“. Меѓународниот карактер на конференцијата го збогатија предавањата на проф. д-р Никола Протрка од Полицискиот колеџ во Хрватска, експерт за дигитални докази, компјутерска форензика, сајбер-криминал итн. Како експерт, тој е клучен во повеќе проекти во ЕУ, како што е твининг-проектот „Обезбедување поддршка во имплементација на модернизацијата на легислативната рамка за заштита на лични податоци во Република Македонија“. Неговата презентација на темата „Сајбер-простор: наш пријател или непријател“ на исклучително високо академско и експертско ниво ги објасни современите аспекти на разноликоста на сајбер-просторот денес.
Проф. д-р Хадиб Салкиќ, од Центарот за деловни студии во Кисељак, БиХ, постојан судски вештак од подобласта мобилна телефонија на Федералното министерство за правда на БиХ, се осврна на проблематиката за вештачење на мобилните телефони, со цел докажување сајбер-напад.
Д-р Снежана Черепналковска Дуковска, од Дирекцијата за внатрешна ревизија на Народна банка, прикажа што е клучно за градење сајбер-издржливост од перспективата на внатрешен ревизор за ИТ. Таа истакна дека од голема важност е да се покаже лидерство за овој домен и да се започне со активности и унапредување во оваа област во компаниите заради сајбер-предизвиците коишто се непредвидливи. Целта на воведување на сајбер-издрживоста е да се продолжи со спроведување на деловните активности, со намален капацитет и перформанси, дури и во случај на масивен сајбер-напад.
Директорот на Институтот за стандардизација, м-р Џеват Кицара, се осврна на актуелните состојби поврзани со функционирањето на институтот и посебно истакна дека одржувањето на конференцијата се поврзува со вчерашниот Светски ден на стандардизацијата и упати посебна порака за поврзување на државните органи, институтуциите, асоцијациите, физичките лица со институтот, со цел примена на светските стандарди во оваа област.
Лилјана Хаџиевска-Антовска, дипл. ел. инж. од Институтот за стандардизација, ја објасни стандардизацијата во областа на сајбер-безбедноста.
Во втората сесија од конференцијата, следуваа презентациите на: Мартин Василковски, вработен во „Дата мастерс“, Скопје, кој зборуваше за тоа како науката за податоци (Data Science) го поддржува процесот на сајбер-безбедност; Александар Ацев, раководител на службата Национален центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT, од богатото професионално искуство навлезе во современите сајбер-ризици, закани, напади и добри практики за одбрана, и Билјана Божиновска, од „Македонски телеком“ со предавање на темата „Пристап на ’Заштита во слоеви‘ како сајбер-безбедносна стратегија“.