Фаворит од сенка
Нобеловата награда за литература оваа година ја доби Абдулразак Гурна, соопшти Шведската кралска академија на науките. Името на лауреатот кај нас е непознато, затоа што неговите дела не се преведени на македонски јазик, иако важи за еден од најголемите автори на постколонијалната книжевност, чии дела се над политичката коректност. На луѓето што имале чест да го запознаат, како што пишуваат светските медиуми, Гурна им оставил впечаток на неверојатно паметен, образован, елоквентен и одмерен човек. Оттука, тоа што кај нас е речиси целосно непознат има исклучиво врска со преведувањето, а не со неговиот статус како писател.
Абдулразак Гурна, на пример, во рамките на британската книжевност е исклучително познат автор, не само како писател туку и како теоретичар на книжевноста и професор и се занимава токму со онаа литература што ја пишува – постколонијалната. Главно се занимава со автори што ги интересираат теми што и самиот го интересираат, како што се наследството на колонијализмот во животите на луѓето што се по потекло од колониите, последиците од колонијализмот во некогашните колонии, но и последиците по животите на луѓето што се преселиле на Запад. Тој од Занзибар се преселил во Англија за да се образова, а потоа останал како и многу други.
Веројатно Абдулразак Гурна не бил во првиот круг фаворити за освојување на Нобеловата награда, затоа што се очекуваше да ја добие попопуларен и попознат писател во рамките на британската книжевност, се очекуваше дека ќе ја добие некој како Салман Ружди.
Во образложението за наградата стои дека „наградата ја добива за бескомпромисен и сочувствителен пробив во ефектите од колонијализмот и судбината во јазот меѓу културите и континентите“.
Гурна е роден во 1984 година и пораснал на островот Занзибар во Индиски Океан, но стигнал во Англија како бегалец на крајот на 1960-тите години. По мирното ослободување од британската колонијална власт, Занзибар помина низ револуција што водеше кон репресија и прогон на граѓаните со арапско потекло. Гурна бил дел од маргинализираната етничка група и откако завршил со образованието, бил принуден да го напушти семејството и да избега од, тогаш новоформираната, Танзанија кога имал 18 години.
Гурна досега има објавено 10 романи и поголем број кратки приказни. Темата за проблемите со кои се соочуваат бегалците преовладува низ неговото творештво. Започнал да пишува како 21-годишник во егзил во Англија и иако неговиот мајчин јазик бил свахили, тој започнал да го користи англискиот. Тој самиот има кажано дека неговиот пристап до литература на свахили бил речиси непостоен и дека неговото пишување на почетоците не можело да се смета како книжевност.
Неговиот најпознат роман е „Рајот“ од 1994 година, со кој беше меѓу главните конкуренти за Букеровата награда, раскажува за животот и патешествието на африканско момче, продадено при враќањето долг од неговиот татко пред почетокот на Првата светска војна. Последната книга на Гурна, „Животите после смртта“ од 2020 година, се случува пред крајот на германската колонизација на Источна Африка, во 1919 година.
– Посветувањето на вистината на Гурна и неговата аверзија кон симплификацијата се впечатливи. Ова можеби го прави празен и бескомпромисен, додека истовремено ги следи судбините на индивидуалци со огромно сочувство и резервирана посветеност. Неговите романи се одвојуваат од стереотипните описи и ни го отвораат погледот на културно различната Источна Африка, непозната за толку многу луѓе во другите делови од светот. Во литературниот универзум на Гурна, сѐ се менува – спомените, имињата, идентитетите. Ова е веројатно бидејќи неговиот проект не може да биде завршен во каква било дефинитивна смисла. Бесконечно истражување, мотивирано од интелектуалната пасија, е присутно во сите негови книги и е еднакво изразено сега, во „Животите после смртта“, исто како кога почна да пишува како 21-годишен бегалец – посочија од Нобеловиот комитет.
Гурна предава на Универзитетот во Кент. Тој, покрај признанието, ќе добие и парична награда од околу 900 илјади евра.
Годинашното доделување на Нобеловата награда започна неделава со објавување на лауреатите во медицината, како и секоја година, проследено со наградите за физика и хемија. Како и секоја година, наградите за мир и литература привлекуваат најголемо внимание.
Нобеловата награда е воспоставена со цел да се препознаат истакнати личности за нивните академски, културни и научни достигнувања, а првпат беше доделена во 1901 година.