Во студентските денови една од омилените книги ми беше „Мала хроника на Ана Магдалена Бах“. Втората сопруга на Јохан Себастијан Бах (1685 – 1850) на детален и топол начин ги опишува неговиот живот, неговото творештво, со љубов се восхитува на неговата генијалност. Ја читав книгата со истиот жар со кој ги свирев сонатите и партитите за соло-виолина на Бах. Тие беа задолжителни во образовниот процес, а книгата на Ана Магдалена Бах беше мојaта самоизбрана задолжителна лектира, мој патоказ кон доживувањето на музиката на единствениот.
Кон крајот на Хрониката, авторката го цитира Каспар Бургхолт (еден од омилените ученици на Бах и идејниот творец на оваа прекрасна книга), кој вели: „Господинот Јохан Себастијан Бах беше гениј од прв ред. Широчината на неговата душа беше толку необична, што ќе поминат векови пред повторно да видиме некој сличен на него. Свиреше клавир, клавикорд, чембало и сите инструменти со клавиши со еднаква творечка снага. Никој не владееше со оргулите како тој! Кој, кога било, ќе му биде сличен во свирењето на оргули? За својата уметност имаше извонредно згодно градени раце, со левата можеше да опфати дванаесет клавиши, а со другите три прста можеше да ги свири пасажите што се одвиваа во меѓупросторот. Го опслужуваше педалниот регистар со најголема точност, сигурност и брзина, повлекувајќи ги регистрите со таков мир и безгласност, што слушателот никогаш ништо од тоа не забележуваше туку беше изненаден со најчистата, најволшебната хармонија. Рацете му беа неуморни и можеа да издржат целодневно свирење. Беше еднакво упатен и во задгробниот живот и во хумористичниот стил. Беше виртуоз и композитор. Имаше такво царство на идеи, кое можеше да го достигне само неговиот голем син, а покрај сето тоа, имаше дарба што кај него беше претставена на најчудниот можен начин, дарба да ги подучува другите“.
Големиот Бетовен, пленет од магијата на Баховото творештво, рекол: „Ова не е поток, ова е море“ (игра на зборови, зашто на германски бах значи поток).
Лада Шоптрајанова Петровска