Во Хрватска се разгледуваат три сценарија за воведувањето неработна недела, а економистите сметаат дека сѐ поизвесно е тоа дека трговците ќе го намалат за 15-20 отсто бројот на вработените што работат во недела
Неколку земји од регионот пристапија кон законски измени во областа на трудот со кој се предвидува воведување неработна недела. Работодавците и работниците, секој од свој аспект, ги анализираат идните ефекти од примената на овој модел. Воведувањето неработна недела во Хрватска ќе предизвика пад на приходите во малопродажбата, платите на трговските работници, како и намалување на бројот на вработените лица во трговскиот и услужниот сектор. „Јутарњи лист“ деновиве презентира делови од првото јавно истражување, во кое се користени микроекономски податоци што покажуваат што ќе се случува доколку хрватската влада продолжи со реализацијата на предлогот за измени на Законот за трговија, со кој ќе се дозволат само 16 работни недели во годината. Во заклучоците на истражувањето се проценува дека неработната недела ќе предизвика пад на малопродажбата од околу три отсто на годишно ниво, што ќе се одрази и на намалување на платите за четири отсто, но и на намалување на бројот на вработените во трговијата.
Економскиот аналитичар Вук Вуковиќ, кој учествуваше во ова истражување, вели дека вкупниот негативен ефект на БДП ќе биде помала стапка на раст за околу 0,4 процентни поени, а се очекуваат и помали даночни приливи од 167 милиони куни по основа на ДДВ, што антиципира и помали приходи на данокот од одбивка за два-три отсто.
За економските последици од евентуалното воведување неработна недела биле користени репрезентативни податоци за трговијата во Хрватска во 2019 и 2020 година. Биле анализирани и податоци за прометот во периодот кога било забрането да се работи за време на пандемијата, како и „прелевањето“ на прометот во саботите или понеделниците. Во овој случај, во понеповолна позиција ќе се најдат помалите трговски куќи или малите продавнички во населбите. За пресметување на намалувањето на платите бил користен трошокот за трудот за еден час за работа во недела, кој изнесувал од 30 до 32 куни. Овој трошок во работните денови изнесува во просек 25 куни по работен час. Ова покажува дека работата во недела е подобро платена за 20-30 отсто во однос на другите денови во неделата.
Во економската анализа се разгледувани три потенцијални сценарија во случај на ограничување на работата на трговијата во недела. Првото се однесува на тоа дека фирмите во малопродажбата нема да ги зголемуваат платите за работниците, па поради тоа ќе им се намалат платите, бидејќи нема да работат ист број недели како досега. Второто сценарио претпоставува зголемување на саатницата, но затоа трговските фирми ќе остварат помала добивка. Третото и поизвесно сценарио е трговците да го намалат за 15-20 отсто бројот на вработените што работат во недела. Во Хрватска работат околу 35.000 работници во недела во малопродажниот сектор, а тоа значи и од пет до седум илјади откази, за да се избегнат намалување на платите или пад на приходите.
Во препораките што ги наведува Вуковиќ е хрватската влада да се откаже од воведување забрана за работа во недела, но доколку тоа не е политички можно, оваа област да се регулира со измени на Законот за работа, во кој ќе се дефинираат ограничување на работата во една недела по работник наместо за претпријатието. Ова значи за секој работник да се определат најмногу 16 работни недели годишно, фирмите сами да ја распределат работната сила, а продавниците или угостителските објекти да бидат цело време отворени, што секако ќе се одрази и на приходите на работниците, но секако ќе биде помалку во однос на целосна забрана за работа во недела, пренесува „Јутарњи лист“.
Од Унијата на работодавци во Црна Гора, веднаш по воведувањето на неработната недела во август 2019 година, поднесоа иницијатива за оцена на уставноста и законитоста на одредбите од Законот за работа. Исходот на оваа иницијатива сѐ уште не е познат, поради неизјаснувањето на Уставниот суд на Црна Гора. Меѓутоа, од Здружението на работодавци годинава повторно ја актуализираа оваа тема и ја поврзаа со влошувањето на условите за стопанисување поради ковид-кризата. Од Унијата на слободни синдикати на ЦГ потсетија дека воведувањето неработна недела „значи создавање достоинствени услови за работа на сите вработени во Црна Гора“.
Владата на Македонија во јули годинава, по неколкумесечни најави, ги усвои измените во законите за работни односи и за трговски друштва и тие беа испратени до Собранието. Со воведувањето неработна недела, премиерот Зоран Заев смета дека ќе се постигне рамнотежа меѓу приватниот и професионалниот дел од животот на работниците. Работниците коишто ќе работат во недела ќе добијат поголема дневница и слободен ден, кој ќе може да го користат во наредните седум дена. Станува збор за работните места каде што не е можен прекин на техничко-технолошкиот процес. На работниците ќе им следува додаток на плата за работа во недела и тие ќе добијат опција да имаат слободен ден во текот на неделата. Додатокот за работа во недела и за празници треба да изнесува најмалку 100 отсто од дневницата за секој час поминат на работа. Новиот концепт требаше да профункционира од први октомври годинава, но требаше прво законските измени да поминат во Собрание, а поради одржувањето на локалните избори гласањето за измените е одложено. Од македонските институции не се направени детални анализи што ќе значи воведувањето неработна недела врз макроекономските показатели.