Во предизборен занес за придобивање на гласачите често се надминуваат и прагот на можностите и реалноста и се навлегува во сферата на желбите и имагинацијата. Она што изненадува е и феноменот на ветувања и нудење голем број бесплатни услуги и добра кон гласачите, иако во животот и во економијата сѐ си има своја цена и ништо не е бесплатно
Во лов на гласачи со НЕРЕАЛНИ ветувања
Како што се наближува датумот за локалните избори така се интензивираат и стануваат сѐ подинамични и ветувања на кандидатите од сите партии и од власта и од опозицијата. Притоа во тој предизборен занес за придобивање на гласачите често се надминуваат и прагот на можностите и реалноста и се навлегува во сферата на желбите и имагинацијата. Она што изненадува е и феноменот на нудење голем број бесплатни услуги и добра кон гласачите доколку кандидатите бидат избрани на функција. Токму ваквиот феномен на жонглирање и посегање по бесплатното преку ветувања се покажа дека понекогаш многу скапо чини во реалноста, бидејќи во животот и во економијата сѐ си има своја цена и ништо не е бесплатно.
Сепак во широката палета на ветувања, што може да се види во говорите на трибините, кандидатите на гласачите им ветуваат бесплатен интернет, бесплатна храна за учениците, бесплатно овошје за граѓаните, бесплатен јавен превоз, бришење на долговите за дадените услуги, давање разни субвенции и стипендии, изградби на објекти што ќе им даваат бесплатни услуги на граѓаните, како и финансиска поддршка на двојки за биомедицинско потпомогнато оплодување… Во меѓувреме, политичките аналитичари и економските експерти со кои се консултиравме велат дека политичарите практикуваат ветување на нелогични политики, бидејќи се соочуваат со недостиг од вистински идеи во политиката.
Тие додаваат дека на нашата политичка сцена недостигаат наратив и реална визија за развој на општините, па токму затоа се нудат краткорочни и неодржливи решенија само за да се извојува победа, иако на партиите добро им е познато дека овие политики со бесплатни подароци на гласачите не се економски одржливи и ги празнат државниот буџет и локалните каси на општините.
Поранешниот гувернер и министер за финансии Петар Гошев вели дека политичарите од сите партии стекнаа навика да ветуваат бесплатни услуги и привилегии за граѓаните, а такво нешто во суштина не постои.
Според Гошев, станува збор за кандидати лажговци, кои додека трае кампањата и битката за гласачите се најголеми комунисти и без срам ветуваат секакви работи, а кога ќе дојдат на власт и кога во суштина ќе видат со што располагаат, тогаш тие се преобразуваат и стануваат најсурови капиталисти и никогаш не го исполнуваат она што го ветиле.
– Ваквите штети за буџетот од економска смисла не се големи, бидејќи станува збор за одредени трошоци што може да ги намири земјата, иако сите треба да ја знаат американската пословица што вели „нема такво нешто како бесплатен ручек“. Но она што е пострашно е што ваквите ветувања за нешто што не треба да се плати, оставаат голема психолошка штета кај електоратот и кај обичните луѓе. Менталитетот се нарушува бидејќи луѓето на ваков начин веруваат дека навистина некој нешто бесплатно може да пружи и потоа тие започнуваат истото тоа да го бараат од следните кандидати – вели Гошев.
Тој резимира дека ваквите политики на трка по гласачи формираат клима на хаос и во идеолошка смисла спроведуваат политики, кои на долгорочен план носат штета и за самите партии од каде што потекнуваат кандидатите што сега ветуваат невозможни економски ветувања.
Слично размислува и политичкиот аналитичар Петар Арсовски, кој додава дека партиите не прават ништо без корист, па дури и кога добиваат гласачи на политики со кои се дава нешто бесплатно.
– Голем број партии во својата кампања лицитираат токму со ваквите желби на граѓаните за нешто бесплатно, бидејќи во менталниот склоп на нашите луѓе е што сите сакаат да добијат нешто платено од општината и градот, а не од сопствениот џеб. Токму затоа механизмот функционира и е еден од поупотребуваните во оваа изборна трка, но и во минатите, бидејќи гласачите се склони да поддржат одредена партија или опција ако добијат нешто платено од буџетот на државата, градот или општината – вели Арсовски.