ТАЈНИТЕ НА ЦРНО МОРЕ
Во непрозрачните длабочини на Црно Море, роботска подморница ги пронајде бродот на Одисеј и градот на амазонките? Во аноксичниот слој на морето, кој се нарекувал Еуксин до 13 век, има остатоци од населби стари илјада години, а на песочното дно има пејзажи на вечна темнина, нема живот, освен духовите на древните морнари чии остатоци се во мирување илјадници години. Аноксичноста е својство на релативно затворени солени води, чии длабоки слоеви не се мешаат со горните, кои примаат кислород од атмосферата. Црно Море, со површина од 436.400 квадратни километри и максимална длабочина од 2,21 км, е најголемиот аноксичен морски систем. Ова е резултат на големата длабочина и на релативно ниската соленост, како и на густината на водата на поголема длабочина.
Недостигот од микроорганизми и кислород влијаел на зачувувањето на човечките артефакти стари илјада години. Научниците многу години ги пребаруваат бреговите и длабочините на Црно Море како дел од Медитеранскиот истражувачки проект, а на остатоците од дното на морето може да се гледа како на временска капсула. Најстариот недопрен бродолом е пронајден во 2018 година. Заштитен со вода, без кислород, веслачкиот брод долг 23 метри, потопен во дебел слој песок, потонал во 400 год. пр. н.е.
Благодарение на технологијата за далечинско управување и роботската подморница „Херкулес“, опремена со механички краци, тим истражувачи го започнале ископувањето на бродот. Утврдено било дека станува збор за грчки брод, кој неверојатно потсетувал на оној со кој митскиот херој Одисеј скитал по Еуксин и Егеј. Имено, слична верзија на бродот е насликана на вазна, која е изложена во Британскиот музеј, и го покажува пловење на Одисеј, покрај слатките сирени. Роберт Балард, директор на Институтот за археолошка океанографија на универзитетот „Род Ајленд“, познат по откривањето и испитувањето на остатоците од „Титаник“, започна серија длабински истражувања во Црно Море уште во 1999 година. За четири години, тој открил неколку древни бродови на брегот на Синопа. Синопа е пристаниште на јужниот брег на Црно Море во северна Турција и е најистакнатото пристаниште. Според легендата, Синопа била основана од амазонките и името го добила по нивната кралица. Најпознатото откритие во водите на Црно Море е византиски трговски брод од 6 век, пронајден на длабочина од 325 метри, наречен „Синопа Д“. Тоа е најдобро зачуваниот дрвен брод некогаш пронајден.
– Излегувајќи од темнината, го најдовме јарболот на овој древен брод. Читавме многу за византиската трговска флота, но прво ги најдовме нивните потонати бродови – вели Балард во документарецот снимен за ТВ-каналот „Национална географија“.
На местото Херсон А, рибарско село, одамна потонато, бил пронајден бродски товар од 200 запечатени амфори полни со вино. Воодушевен од пронајдокот, археологот Џон Адамс вели дека бродот превезувал вино од лозјата на блискиот византиски манастир, бидејќи се најдени гравури на кои се прикажани монаси на неколку амфори, насликани во портокалова боја.
– Отворивме амфора и го вкусивме виното, мирисот и вкусот беа божествени – рекол Адамс.
Според Адамс, амфорите ќе бидат продадени на аукција, а добиените пари ќе бидат инвестирани во нови истражувања. Тој исто така тврди дека околината и брегот Херсон нудат неверојатен увид во античкиот свет, бидејќи со векови бил дом на Грците, Римјаните и Словените, а ги преживеал и инвазиите на Хуните, Татарите и отоманските Турци.
Херсон Таурид е древен полис основан од Дорците на југозапад од полуостровот Крим во 5 век пр. н.е. Тој бил значајна грчка колонија и културен и трговски центар. Од 1827 година, 50 години по основањето на Севастопољ, започнале првите ископувања на локалитетот Херсон. Секоја година, нови куќи и улици, плоштади и цркви на античкиот град се појавуваат од археолошките слоеви стари милениуми.
Црно Море е гробница на изгубени бродови и нуди бескрајни можности за истражување, а археолозите и научниците се оптимисти за откривање на уште многу древни откритија благодарение на новите РОВ-технологии, кои од неодамна се достапни за ископувања на големи длабочини.