Поетот Славе Ѓорѓо Димоски е добитник на наградата „Антево перо“, прв пат востановена оваа година во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски.
Како што соопшти Жири комисијата во состав Венко Андоновски (претседател), Кристина Николовска, Митко Гогов, Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), наградата на Ѓорѓо Димоски му се доделува за необјавената стихозбирка „Кумова слама“. Со тоа, Славе Ѓорѓо Димоски станува прв добитник на оваа нововостановена награда.
Во образложението кон наградата се наведува дека стихозбирката „Кумова слама“ на Ѓорѓо Димоски се издвоила од сите пристигнати ракописи како најзрело поетско писмо, во дослух и со поезијата на Анте Поповски, но и со највисоките достигнувања на современата европска и светска поезија.
– Стихозбирката „Кумова слама“ на Славе Ѓорѓо Димоски претставува сјајно дело на македонската поезија. Во оваа стихозбирка, на еден современ поетски начин се тематизира не само онтолосот на поезијата, не само нејзината смисла, туку и нејзиното родно место во јазичното битие на онаа мрежа знаци што се пресекуваат на едно место, а кое го викаме поет. Уште повеќе, во оваа стихозбирка се тематизира и смислата и богатството на севкупната македонска поетска традиција, во која името на Анте Поповски е темелен и жив кардиограм, врвна изохипса без која поетската мапа на Македонија не би била – планинска мапа, односно мапа на тешко достижни врвови.
На својот заклучен состанок Комисијата, како што соопшти, во име на естетиката и почит кон највисоките поетски вредности на современата македонска поезија, а заради стимулирање на најдобрите пријавени автори на Конкурсот, решила годинава по исклучок (кој може натаму да стане и правило), да ги прогласи Михаил Свидерски и Марина Мијаковска за поети – придружници на наградениот поет, и да ги повика како почесни гости на Манифестацијата, за што ќе им биде врачено и соодветно признание, симболички поврзано со ликот и поетското дело на Анте Поповски.
Инаку, Свидерски и Мијаковска влегоа во најтесен избор за наградата со стихозбирките „Читање на времето“, односно „Соголен јазик“, од вкупно 65 пристигнати стихозбирки на конкурсот.