Кинеската литература и култура имаат понуда како ниедни други. А тие досега беа симболично застапени на македонски јазик, наспроти агресивното западно влијание, кое нè затрупа со премногу ѓубре, што со попристојни зборови го именуваме како шунд или кич, вели управителот на „Македоника литера“, претставник на земјава во здружението на издавачи формирано на крајот на август Нове Цветановски, издавач
во Пекинг

Нове Цветановски, издавач

На крајот на август, за време на одржувањето на Меѓународниот саем на книгата во Пекинг, како македонски претставник присуствувавте на основањето на здружението на издавачи „16+1“, кое има цел да ги промовира издавачката соработка и културната размена меѓу Кина и Централна и Источна Европа. По чија покана бевте и што за вашата издавачка куќа и воопшто за Македонија ќе значи ова членство?
– На основачката церемонија на здружението присуствував по покана од организаторите, односно од издавачот, кој во името на кинеската влада го организира овој настан. Поканата „Македоника литера“ да биде претставник на Република Македонија во оваа асоцијација е резултат на соработката што ја имаме последниве години со кинески издавачи и кинески автори. Ние уште пред десетина години почнавме да објавуваме кинески книги, но последниве две години имаме многу поинтензивна активност. Членството во оваа организација за нас е значајно, зашто тоа ќе ни овозможи уште поинтензивна соработка со Кина, засега во афирмацијата на кинеската литература и култура, но набргу и на наши автори и дела во Кина.

На што ќе работи здружението на издавачи „16+1“ и кои проблеми ќе можат со негова помош понатаму издавачите полесно да ги решаваат?
– Здружението ќе ги овозможи основните предуслови за соработка, и тоа не само со кинески автори и издавачи туку и меѓу самите европски издавачи. Неговото формирање е во рамките на кинеската иницијатива за соработка со 16 земји од Централна и Источна Европа, неговото седиште е во Пекинг и логично е во преден план да дојде објавувањето кинеска литература. Но ова здружение истовремено дава можност за афирмација и на литературите од 16-те земји, а тоа е многу важно за помалите литератури, односно држави, како нашата. Не е мала работа да се преведе и објави дело во држава со население од милијарда и 350 милиони жители и да се најде на тој пазар. А ова здружение треба да го овозможи токму тоа. Зашто, тоа ќе ја овозможи размената на идеи и предлози (а тоа се книгите), ќе ја олесни продажбата (или размената) на авторски права на дела, ќе може лесно да се пласира автор во Кина или во некоја од земјите-членки, ќе го олесни афирмирањето на преведените автори и дела, ќе има многу поголеми маркетиншки можности за тоа, зашто, меѓу другото, издавачите-членки тие проекти ќе ги афирмираат и на саемите на книга во Кина и во Европа, со заедничко учество на нив. Потоа, ние издавачите, на пример, ќе треба да разменуваме каталози, кои ќе бидат ажурирани еднаш годишно.
„Македоника литера“ планира за кинескиот пазар за наредната година да подготви каталог со македонски автори. Во него ќе бидат претставени десет автори, што значи дека ќе бидат понудени неколку десетици наслови. Со посебен документ се прецизирани функциите на здружението, кои даваат широки можности и олеснувања за соработка, веќе има и ќе има континуирана соработка и средби. Намерата е ова здружение да прерасне во здружение од висок светски ранг, зашто во него има членови што се меѓу најголемите издавачи во светот.

Осум кинески издавачи членуваат во новоформираното здружение. Дали досега со некој од нив сте соработувале, со оглед дека „Македоника литера“, како што самиот посочивте од престојот во Кина, последниве две години има сè поинтензивна соработка со издавачи од таа земја?
– Со три од петте најголеми издавачи во Кина, ние веќе имаме соработка. Имаме потпишано и договори за тригодишна и петгодишна соработка. Соработката се одвива во рамките на авторските и издавачките права, но имаме договори и за копродукциска соработка, односно за заеднички изданија. Веќе почнавме да објавуваме книги според тие договори. Но со формирањето на здружението на издавачи „16+1“ и со членувањето на „Македоника литера“ во него, соработката ќе се прошири и со други кинески издавачи. Мислам дека како во ниедна друга област во културата, соработката во издаваштвото ќе биде најуспешна во рамките на иницијативата за соработка меѓу Кина и Централна и Источна Европа.

Колку дела од кинеската литература годинава планира вашата издавачка куќа да објави на македонски јазик и со чија финансиска поддршка?
– Оваа година треба да ја завршиме со 20 кинески книги во нашата издавачка продукција. Најмалку толку би требало да имаме и во наредните години. Имаме финансиска поддршка од кинеската влада, но за некои изданија настапуваме како соиздавачи. Но сакам да истакнам еден факт, а тоа е дека објавуваме исклучително квалитетна литература. „Македоника литера“ е меѓу ретките издавачи во Македонија што му одолеаја на притисокот на пазарот и воопшто не објавува комерцијална литература што нема книжевна вредност, иако тешко се преживува на т.н. македонски пазар на книги (ако навистина е пазар). Во еден стеснет домашен простор, без услови за квалитет сами по себе (уште помалку од други), во потрага по добрата книга ние се свртевме кон кинеската книга. Зошто? Затоа што се работи за голема, разновидна и особено богата и квалитетна литература, но и култура и традиција – кинеската е најстарата жива цивилизација. Кинеската литература и култура имаат понуда како ниедни други. А тие досега беа симболично застапени на македонски јазик, наспроти агресивното западно влијание, кое нè затрупа со премногу ѓубре, што со попристојни зборови го именуваме како шунд или кич.


Во март годинава, „Македоника литера“ и издавачката куќа „Делфин букс“ од Пекинг потпишаа договор за формирање заедничка редакција за кинеска литература на македонски јазик, која ќе функционира во рамките на „Македоника литера“. Двете издавачки куќи имаат заеднички план да објавуваат книги на тема Кина, кои се специјално наменети за македонските говорници, вклучувајќи ги и книгите за кинеската култура и литература, книги за деца и млади итн., за да се зајакне разбирањето на македонските читатели за Кина, како и за подобрување на меѓукултурната комуникација меѓу Кина и Македонија. Оваа иницијатива ќе има значаен придонес во присуството на преведена кинеска литература во Македонија. Првиот дел од овој договор ќе биде реализиран уште годинава (есенва), со заедничко објавување на 10 книги за деца на македонски јазик, како дел од антологискиот избор на најдобрата кинеска литература за деца.

По враќањето во Скопје, какви впечатоци донесовте од Меѓународниот саем на книгата во Пекинг? Задоволен ли сте од обемот и начинот на кој, меѓу другото, таму беше застапена и третирана литературата од земјите на Централна и Источна Европа?
– Кина во секој поглед, па и саемот, е веќе отворена кон овој дел на Европа, а по формирањето на ова здружение, дефинитивно ќе има многу поголем третман и литературата од Централна и Источна Европа. Саемот во Пекинг, иако годинава беше само 15-ти по ред, е огромен, со седум саемски хали, извонредно организиран, првенствено за професионалните посетители. Иако имавме обврски со основачката церемонија на здружението и со деловни средби, кои не се одржуваа на саемот, сепак, презадоволен сум од краткото (дводневно) но рационално искористено време на саемот. Имавме успешни средби со неколку издавачи, договорени или проекти во најава. Така, на пример, со водечката издавачка куќа од провинцијата Анхиу потпишавме договор за авторските права на 12 книги од кинеската литература, филозофија, научна мисла и културна традиција Кина е иднината на 21 век, кинескиот јазик е јазикот на иднината (втор најупотребуван во светот), зашто Кина, не само во економски туку во секој поглед, станува водечка земја и култура. Нејзината култура е отворена, а се надевам дека кинеската литература и култура барем малку ќе бидат поприсутни и кај нас. А како повратно влијание на тоа – и нашата литература кај нив.