Повеќе земји од регионот на големо ги зајакнуваат мерките во однос на борбата против пандемијата од ковид-19. Мерките се движат од задолжителен сертификат за влез во продавница, па до обврзувачки ковид-сертификат за работа од дома, но и за точење гориво на бензинските пумпи
Повеќе земји од поблиското и подалечното опкружување преземаат цела низа мерки во борбата против пандемијата, па тие се движат од задолжителен ковид-сертификат за влез во продавници и продажни центри до обврзувачки документ за имунизација за работа од дома, но и при точење бензин на пумпите за гориво и сл.
Ваквите засилени мерки, според пишувањата на балканските медиуми, се присутни буквално насекаде, од Словенија на север, па до Грција на југ, a се насочени кон побрза и помасовна вакцинација на населението, што засега е единствен брз начин за излез од пандемијата, а со тоа и заживување на економиите, проблем со кој се соочуваат сите.
Последен случај во низата како се справуваат земјите од регионот со потикнување на имунизацијата што беше во фокусот на регионалната на јавност е случајот со приватните компании во Република Српска.
Имено, две приватни компании од Босанска Дубица и Милиќ ги известија своите вработени дека мораат да се вакцинираат против коронавирусот, бидејќи во спротивно може да им биде раскинат работниот однос поради можноста од ширење на инфекцијата меѓу вработените. Овој чекор во прв момент наиде на реакции во тамошната јавност, поради фактот дека вакцинацијата таму сѐ уште е доброволна. Сепак, компаниите што го издадоа ваквиот ултиматум за вработените појаснија оти ваквиот чекор е во насока за заштита на здравјето на сите вработени.
Министерството за труд на Република Српска (РС) за случајот за српските медиуми соопшти дека ова прашање не е дефинирано со одредбите од Законот за работни односи, додека Синдикатот на работодавци на РС се залага за вакцинација, но без принуда.
– Ставот е дека луѓето не се принудени, а со оглед на законските решенија, тоа не може да се примени. Мислам дека мнозинството работодавци нема да преземат такви мерки – рече претседателот на Синдикатот, Саша Тривиќ.
Во исто време, соседна Албанија вчера информира дека започна новата учебна година, а со тоа во сила стапила и одлуката на Комитетот на експерти за справување со пандемијата, според која наставничкиот кадар мора да поседува сертификат за вакцинација или негативен тест на коронавирус. Покрај мерката за образовниот кадар, таа ќе важи и за студентите од 11 октомври, а како дополнителна можност за нив ќе биде понудена алтернативна настава за невакцинираните студенти, посочи албанската министерка за здравство Огерта Манастирлиу.
Според неа, зголемениот интерес во текот на летните месеци за вакцинација довел до над 80 отсто од наставниот кадар во основите и средните училишта да е вакциниран со една доза и над 60 отсто со две дози, што, според неа, претставува висока покриеност со имунизација против ковид-19 во земјата.
Во меѓувреме, мерката за задолжителни ковид-сертификати во Словенија од викендов е малку олеснета, откако е одлучено тие да не бидат задолжителни за лицата што работат од дома, како и за оние што полнат гориво, но не влегуваат во објектите на бензинските пумпи.
Оваа одлука е содржана во декретот донесен во саботата вечер, кој следуваше по острите критики за задолжителен ковид-сертификат за оние што работат од дома, особено за самовработените.
Во земјата, исто така, се размислува и за привремено укинување на задолжителното поседување ваков сертификат за точење гориво на бензинските пумпи, мерка донесена пред десетина дена, која предизвика бурни реакции во јавноста.