Свесни за тоа дека на луѓето по сите карантински периоди им беше потребна духовна оддишка, им понудивме одлична програма и во ниту еден момент не ја загубивме својата публика, напротив, и покрај редовните поставки, МСУ организира и едукативни програми, предавања, работилници и летна филмска програма под отворено небо, велат од МСУ
Ликовниот живот го одржува континуитетот
Во „Мала станица“ е актуелна изложбата „Допирот“, дел од проектот „Ние сме тука: идни екологии“, во „Чифте-амам“ е отворена правата самостојна изложба на архитектот и ликовен уметник Стојан Павлески, во „Даутпашин амам“ е постојаната поставка од 14 до 21 век, а во Музејот на современата уметност во тек е изложбата „Пркосни слики: Џон Хартфилд и сатиричната фотомонтажа“. На локалитетот Стоби во тек е изложбата на скулпторот Петар Хаџи Бошков… Ликовните изложби и претставувања практично и не запреа во текот на целиот овој пандемиски период, со повеќе и помалку публика, континуитетот на ликовни претставувања не беше прекинат во изминатава година и пол.
Од музеите и од галериите велат дека и покрај протоколите и рестриктивните мерки и ограничувања, сепак, работат со полна пареа и се обидуваат активностите да течат непрекинато и релативно нормално, свесни за помалата посетеност на публиката.
– Со задоволство можам да кажам дека Националната галерија работи со полна пареа, во насока на реализација на планираната програма за 2021 година. Имено, во 2020 година, со појавување на пандемијата во светски размери, институцијата ги презеде сите чекори врз основа на препораките на Светската здравствена организација. Објектите веднаш беа дезинфицирани, сите изложби и проекти се реализираа според препораките и протоколите за бројот на присутни лица во даден простор, а во меѓувреме и поголем број од вработените беа вакцинирани со две дози. Како заклучок може да се изведе дека посетеноста е доста добра – вели Сузана Миновска, која е задолжена за односи со јавноста во Националната галерија на Македонија.
Посетителите развија нова култура на однесување и без проблем ги прифатија протоколите.
– Да истакнам дека во чаршијата традиционално се присутни странските туристи како посетители, кои ги има во голем број. Солидно беа посетени изложбите во „Чифте-амам“, онаа со делата на Димче Коцо по повод 110 години од неговото раѓање и онаа во „Даутпашин амам“ на постојаната поставка од 14 до 21 век. Во моментов во „Даутпашин амам“ се одбележува 70-годишнината од првата поставка во нашата институција со проектот НГМ, 70 години симбол на националната култура (1951 – 2021) – вели Миновска.
Во Музејот на современата уметност, во изминатиов период се одржа и 13. Меѓународно биенале на млади уметници „Страст за лутање“. Во рамките на биеналето беа изложени дела на повеќе од 30 локални, регионални и меѓународни уметници од Македонија, Србија, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина, Италија, Аргентина, Турција… Покрај изложените дела во МСУ, биеналето се одвиваше и на три други локации во Природонаучниот музеј, Музејот на Македонија и во зградата на Управата за хидрометеоролошки работи.
– Оние што досега немале можност да ја погледнат изложбата „Главните пунктови на македонската ликовна уметност во 70-тите и 80-тите години“ можеа да го сторат тоа во следниов период. Се работи за мултимедијален проект, во кој се застапени сите ликовни медиуми и во поставката се изложени дела од: Родољуб Анастасов, Тодорче Атанасов, Томе Аџиевски, Виолета Блажеска, Богдан Грабулоски, Владимир Бороевиќ, Жанета Вангели, Васил Василев, Иво Велјанов, Кирил Гегоски, Јордан Грабул, Мирослав Грчев, Божидар Дамјановски, Евгенија Демниевска, Марин Димески, Александар Ивановски Карадаре, Ристо Калчевски, Милош Коџоман, Драгољуб Бежан, Марина Лешкова, Танас Луловски, Петар Мазев… – информираат од МСУ.
Во моментов во МСУ е изложбата „Пркосни слики: Џон Хартфилд и сатиричната фотомонтажа“.
– И покрај тоа што беше лето, во музејот имаше посетители, особено странски туристи. Сите галериски изложбени простори во МСУ се исполнети со поставки за кои има постојан интерес. Месецов подготвивме нови сериозни и големи изложбени поставки од меѓународен карактер. Со други зборови, МСУ не запре со работа во ниту еден момент за време на пандемиската криза. Почитувајќи ги строго пропишаните протоколи, тимот на МСУ успеа за овие речиси две години да реализира успешни проекти. Свесни за тоа дека на луѓето по сите карантински периоди им беше потребна духовна оддишка, им понудивме одлична програма и во ниту еден момент не ја загубивме својата публика, напротив, и покрај поставките, МСУ организира и едукативни програми, предавања, работилници и летна филмска програма под отворено небо – велат од МСУ.