Финансискиот систем е во добра состојба и е подготвен да им одговори и на идните предизвици. Меѓусекторската поврзаност на институционалните сегменти на системот и можноста за прелевање на ризиците од еден во друг сегмент се на ниско ниво. Исклучително важно за македонската економија е што сите расположливи показатели покажуваат дека секој од институционалните сегменти на домашниот финансиски сектор добро се справува со ризиците од пандемијата. Клучно е што банкарскиот систем соодветно им одговори на предизвиците од кризата и ја потврди својата отпорност на шоковите, имајќи предвид дека од неговата стабилност е условена стабилноста на севкупниот финансиски систем. Ова се дел од заклучоците од денешната седница на Комитетот за финансиска стабилност, на којашто беше презентиран Извештајот за финансиската стабилност во 2020 година, неодамна усвоен од Советот на Народната банка.
Со седницата претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а учествуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Крсте Шајноски.
Осврнувајќи се на показателите за банкарскиот систем, гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи и дека заради подетална оцена на ризиците и на подготвеноста на банкарскиот сектор за справување со шокови во специфични услови на пандемија, Народната банка ја прошири рамката за стрес-тестирање на системот.
– Покрај редовниот макрострес-тест, за првпат спроведовме и сеопфатно и конзистентно, индивидуално стрес-тестирање за секоја банка. Резултатите од стрес-тестирањето, според двата пристапа, покажаа дека заштитните слоеви на капиталот, што ги изгради банкарскиот систем во претходниот период, обезбедуваат соодветна заштита од ризиците и овозможуваат натамошен раст на кредитната поддршка, и тоа и за домаќинствата и за корпоративниот сектор – истакна гувернерката.
Напомена дека од голема важност е што и покрај предизвиците од пандемијата, и по завршувањето на одложувањето на наплатата на кредитите, нивото на нефункционалните кредити сѐ уште е ниско.
На седницата беше посочено дека Министерството за финансии постојано ги следи состојбите во сегментот од финансискиот систем за кој е надлежно, односно финансиските друштва и друштвата за лизинг. Имено, минатата година овој сектор беше погоден од пандемијата на ковид-19, но од почетокот на годинава покажува закрепнување и позитивни резултати, како преку зголемување на бројот на друштвата коишто работат на пазарот, така и во финансиските пласмани.
– Зајакнувањето на пазарната позиција од страна на финансиските друштва во изминатиов период е дополнителен импулс за посериозно размислување за регулаторните барања и стандарди коишто треба да ги исполнуваат финансиските друштва. Од оваа причина, Министерството за финансии ја разгледува можноста за зајакнување на регулаторната рамка за работење на финансиските друштва на пазарот во Република Северна Македонија, со цел да се нагласи нивната сериозност и пристап во работата од една страна, како и да се зголеми довербата кај населението и компаниите во овие финансиски институции – истакна министерот за финансии Фатмир Бесими.
Додаде дека ова е потребно затоа што финансиските друштва треба да се гледаат како сериозни финансиски институции коишто нудат алтернатива на банкарското работење, а не само како друштва коишто му нудат краткорочни кредити на населението.
На седницата беше истакнато и дека е исклучително важно што и покрај изразените влијанија на пандемијата, ризиците поврзани со секторот „домаќинства“ се во контролирани рамки, при што задолженоста на домаќинствата и натаму е умерена. Притоа, важно е што домаќинствата ја задржаа способноста за редовно намирување на долгот, што придонесе за одржување на квалитетот на кредитното портфолио на банките.
Согледувајќи ги податоците за сите институционални сегменти на финансискиот систем, беше заклучено дека тој е подготвен да им одговори и на идните предизвици. Во тој контекст, поаѓајќи од фактот дека сѐ уште постои неизвесност во врска со текот на пандемијата и можните натамошни ефекти врз економиите, се очекува дека сите финансиски институции и натаму ќе се однесуваат претпазливо и ќе одржуваат соодветни нивоа на капитализираност и ликвидност.