Според податоците на британскиот институт на тема поврзана со шумските фондови на државите на планетата, се стигнува до заклучок дека на над една третина од сите дрвја во светот им се заканува исчезнување поради човечката негрижа, климатските промени и нелегалната сеча
Студија на британскиот институт за шумски фонд БГЦИ
Најмалку 30 отсто од дрвјата во светот се во опасност да бидат уништени, а некои видови би можело дури и целосно да исчезнат од лицето на планетата. Во моментов на глобално ниво постојат околу 60.000 познати видови дрвја, но речиси 17.500 од нив се во опасност да бидат избришани од зелениот појас на земјата. Ова, меѓу другото, се наведува во најновата студија на британската организација „Меѓународно зачувување на ботаничките градини“ (БГЦИ) од Лондон, објавен неделава, во кој се посочува дека во моментов на Земјината топка поради негрижата, лошите климатски услови, но и човечкиот фактор се исчезнати околу 142 вида дрвја. Според извештајот, ова се релативно мали бројки, бидејќи постојат и други видови шума што не е истражена и поради тоа истата таа не се смета за „загрозена“. Сепак, доколку не се преземе нешто околу овој глобален проблем од кој зависи и квалитетот на воздухот на светско ниво, може да се случи белите дробови на планетата во блиска иднина да дојдат на раб на исчезнување, пишува магазинот „ЕУ опсервер“.
Во меѓувреме, генералниот секретар на БГЦИ, Пол Смит, предупреди дека извештајот треба да биде аларм за сите во светот дека дрвјата треба да се спасат. Елизабет Марума Мрема, која е на чело на конвенцијата за биодиверзитет на Обединетите нации (КОП-2015) што ќе се одржи во октомври, во моментов ги води напорите за да ги натера земјите да се посветат на глобалните напори за зачувување на природата во наредните децении.
– Како и за повеќето форми на уништување на природата, најголемата закана за видовите дрвја е човечката активност. Во текот на изминатите 300 години, шумските области во светот се намалиле за околу 40 отсто, а 29 држави загубиле повеќе од 90 отсто од нивниот шумски фонд. Одгледувањето домашни животни и производството на житни култури се несомнено најголемата причина за загуба на живеалишта, а веднаш потоа следува сечата на дрва за огрев, од која значаен дел е противзаконска – вели Мрема.
Од друга страна, меѓународната организација за криминалистичка полиција, Интерпол, проценува дека вредноста на незаконската сеча годишно изнесува меѓу 42 и 127 милијарди евра, додека процените за законска сеча се околу 225 милијарди евра. Други причини за загуба на шумскиот фонд се климатските промени, екстремните временски услови и зголемувањето на нивото на морињата, оценуваат западните медиуми.
МН. Вредноста на дрвјата
Во исто време, студијата прави напори да покаже дека дрвјата се вредни за човечкиот живот на најразлични начини. Па така, според британскиот институт, околу 45 милиони луѓе директно или индиректно работат во шумарството и остваруваат годишни приходи во висина од 490 милијарди евра. Според организацијата, дрвјата се лек, затоа што луѓето зависат од нив во однос на нивното ментално и физичко здравје, а придонесуваат и за разубавување на урбаните центри. Дрвјата обезбедуваат храна, засолниште и гориво, а во многу делови од светот, тие претставуваат дури и центри на спиритуалноста, идентитетот и социјалниот живот.
Како што наведува студијата, Мадагаскар е еден од примерите што истражувањето го нагласува. Островската нација се соочува со една од највисоките стапки на загрозени дрвја во светот, но беше откриено дека силните меѓугенерациски локални легенди се испреплетени со баобабите. Емили Бич, која даде свој придонес во истражувањето, за „ЕУ опсервер“ порача дека многу тешко може да се изрази вредноста на дрвјата само со обични бројки.
МН. Дрвјата се игнорираат
Дополнителен предизвик со кој се соочуваат поборниците за зачувување на дрвјата е феноменот на „игнорирање на дрвјата“. Експертката за шуми и професорка, Бич, дополнува дека голем дел од светот се состои од дрвја и растенија, но повеќето луѓе го поврзуваат исчезнувањето на видовите со животните како тигрите или носорозите. Па така, според неа, луѓето можат да се поврзат со дрвјата и растенијата и доколку дојде до исчезнување на дрвјата би можело да се загрози дури и човечкиот вид на планетава.
Експертите истакнуваат дека многу повеќе пари се трошат на зачувување на животните отколку на дрвјата, а тоа има негативен контекст по квалитетот на животот на луѓето. Сепак, според нив, повеќето луѓе не сфаќаат дека ако тие се загубат, тогаш човештвото ќе ги загуби и птиците, животните, растенијата и габите што зависат од нив. Истражувањето на крајот од студијата посочува неколку решенија за ваквиот проблем. Меѓу главните е финансирање програми за зачувување и садење на дрвјата, а парите треба да бидат насочени најмногу кон најзагрозените дрвја.