Годинава на 8 мај беа одбележани 76 години од крајот на Втората светска војна во Европа. Иако војната, која однесе милиони животни на европска територија, засекогаш ќе биде запишана во аналите на историјата, конфликтот на истокот од континентот сè уште е сурова реалност во денешно време. Во украинската криза, која го опустоши регионот Донбас во земјата, бројот на жртвите надмина 13 илјади.
Како одговор на пандемијата на коронавирусот, Антонио Гутереш, генералниот секретар на Обединетите нации, побара итен прекин на огнот лани во март, истакнувајќи дека „светот се соочува со заеднички непријател и дека вирусот не познава националност, етничка припадност, фракција или вера, туку дека ги напаѓа сите еднакво додека насекаде беснеат оружени конфликти“.
Како што покажуваат податоците што беа собрани како дел од Проектот за локации на оружени конфликти (АКЛЕД), голем дел од светот е зафатен од некаква форма на конфликт. Инфографикот покажува држави во кои има извештаи за оружени судири, кои вклучуваат државни сили и/или бунтовнички групи во 2021 година. Дури и користејќи ја оваа поедноставена дефиниција, насекаде во светот може да се забележи големо присуство на војни.
За разлика од состојбата во Донбас и во Сирија, не сите конфликти спаѓаат во категоријата војна. На пример, АКЛЕД во Мексико регистрира четири оружени судири во кои беа вклучени државни сили. Секој од нив беше битка меѓу различни субјекти за спроведување на законот што дава слика за тековната борба против полициската корупција и длабоко вкоренетото влијание на организираниот криминал.