Град Скопје им додели признанија и награди на 45 наставници од седум средни училишта на Град Скопје за нивниот придонес и активно учество во унапредувањето на меѓуетничката интеграција во образованието преку реализација на заеднички часови со ученици што учат на различни наставни јазици.
„Наставниците ја имаат истовремено најтешката и најблагородна професија во едно општество. Тоа се луѓето што оставаат најдлабок белег во формирањето на личноста, а што е општеството ако не едно големо множество од личности, секоја од нив поинаква и секоја посебна на свој начин. Преку реализација на заеднички часови со ученици што учат на различни наставни јазици професорите успеваат во најчувствителниот период од развојот на личноста да ја испратат пораката дека различностите се најголемото богатство на македонското општество. Ваквите проекти најдиректно ќе придонесат, наместо тепачки во училиштата, нашите деца да научат дека со меѓусебно почитување можеме и мораме да изградиме просперитетно општество, кое е основа за подобар и поквалитетен живот за сите. Град Скопје во рамките на своите надлежности игра значајна улога и во образовниот процес и негувањето на мултикултурализмот на локално ниво како една од најголемите предности на нашето општество“, изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
Во средните училишта на Град Скопје: „Арсени Јовков“, „Здраво Цветковски“, „Браќа Миладиновци“, „Боро Петрушевски“, „Димитар Влахов“, „Јосип Броз-Тито“ и СУГС „Владо Тасевски“ во текот на минатата учебна година беа реализирани вкупно 743 заеднички онлајн-часови по разни наставни предмети. Со заедничките часови беа опфатени 42 паралелки, кои наставата ја следеа на македонски, албански и на турски наставен јазик.
Град Скопје првпат ја иницира реализацијата на заеднички часови по одредени наставни предмети во рамките на редовната настава со ученици што учат на различни јазици во текот на учебната 2018/2019 година. Во овој проект најпрвин се вклучија средните училишта на Град Скопје: „Здравко Цветковски“, „Боро Петрушевски“, „Арсени Јовков“ и „Браќа Миладиновци“. Во учебната 2019/2020 година заеднички часови почнаа да се реализираат и во СУГС „Димитар Влахов“ и СУГС „Јосип Броз-Тито“. Додека, пак, минатата учебна година (2020/2021) заеднички онлајн-часови се реализираа и во СУГС „Владо Тасевски“, кое е единствено скопско училиште во кое учениците што наставата ја следат на различен наставен јазик учат во два објекта и немаат никаква меѓусебна комуникација.
Град Скопје, во согласност со Програмата за активности од областа на средното образование за 2021 година и Стратегијата за унапредување на меѓуетничката интеграција во образованието и граѓанска вклученост, ќе продолжи со поддршка на организацијата и реализацијата на заеднички часови во осум средни училишта и во новата учебна 2021/2022 година. Оваа година во проектот првпат ќе се вклучи СУГС „Д-р Панче Караѓозов“.
Реализацијата на заедничките часови е поддржана од Македонскиот центар за граѓанско образование (проект на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието), како и од Мисијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија. Овој проект има цел да придонесе за подобрување на меѓуетничката кохезија меѓу младите преку создавање услови за позитивна интеракција и градење граѓански и демократски вредности.