Една неодамнешна анкета покажала дека 88 отсто од фудбалерките во Суперлигата за жени (ВСЛ) во Англија заработуваат помалку од 18.000 фунти годишно!
Фудбалерките треба да имаат повисока плата од сегашната за да можат во иднина да играат попрофесионално, вели една фудбалерка на Велс, незадоволна од големиот јаз што моментно постои помеѓу нив и примањата на фудбалерите. Имено, крилниот играч Наташа Хардинг прашува до кога жените ќе бидат помалку платени од мажите и вели дека тие би требало да добијат повисоки плати. Една неодамнешна анкета покажала дека 88 отсто од фудбалерките во Суперлигата за жени (ВСЛ), која се игра на највисоко ниво во Англија, заработуваат помалку од 18.000 фунти годишно, што е премалку во однос на посилниот пол. Токму затоа голем дел фудбалерки се принудени, покрај фудбалот, да се занимаваат и со друга работа надвор од теренот.
Велшката рекордерка во постигнати голови на сите времиња, Хелен Вард, е мајка на две деца, работи како фудбалска тренерка и игра за екипата на Ватфорд. Таа се надева дека во иднина сѐ повеќе жени ќе имаат можност да бидат професионални фудбалерки, без да бидат принудени на дополнителна работа надвор од фудбалот. Во сегашниот состав на репрезентацијата на Велс, која има 20 фудбалерки, 12 од нив, покрај редовните тренинзи, имаат целосно работно време, шест се студентки, а преостанатите стажистки со целосно работно време.
Според анкетите спроведени од Фифпро (Светската унија на фудбалерките), над 99 фудбалерки во женската Суперлига на Англија имаат просечна плата од 770 до 1.540 фунти. Просечната должина на договорите е 21 месец, а 11 отсто од фудбалерките немаат писмен договор со клубот. Дури 58 отсто од нив размислуваат за напуштање на фудбалската игра поради финансиски причини, а 30 отсто од нив ја комбинираат фудбалската кариера со некоја дополнителна работа. Дури 26 отсто од фудбалерките сметаат дека платата што ја добиваат не е доволна за покривање на нивните основни животни трошоци.