„Њујорк тајмс“ објави колумна од анонимен автор, кој тврди дека е дел од отпорот во администрацијата на Трамп што се обидува да ги „спречи неговите најлоши импулси“. Колумната е објавена еден ден откако „Вашингтон пост“ објави делови од книгата „Страв“ на познатиот новинар Боб Вудворд, во која тој опишува како високи функционери спроведуваат пуч против Трамп, криејќи му документи за да не ги потпишува, со цел да ги намалат потенцијалните штети
Претседателот на САД, Доналд Трамп, е исправен пред најголемиот тест во својот мандат, поголем во однос на кој било друг современ американски лидер.
Не станува збор само за фактот што истрагата на специјалниот обвинител му виси над глава. Или за тоа дека земјата е жестоко поделена во однос на лидерството на Трамп. Или дури и за тоа дека неговата партија би можела да доживее тежок пораз од опозицијата, која по секоја цена сака да го види неговиот пад.
Дилемата, која тој не ја сфаќа целосно, е дека многу високи функционери во неговата администрација работат внимателно однатре за да ги спречат деловите од неговата агенда и неговите најлоши импулси.
Јас го знам тоа бидејќи и јас сум еден од нив.
Да бидеме јасни, нашиот отпор не е популарниот „отпор“ на левицата. Ние сакаме оваа администрација да успее и сметаме дека многу од нејзините политики веќе ја направија Америка побезбедна и попросперитетна.
Но ние веруваме дека нашата прва должност е кон државата, а претседателот продолжува да дејствува на начин што е штетен за здравјето на нашата република.
Затоа многу функционери именувани од Трамп ветија дека ќе сторат сѐ што можат за да ги зачуваат американските демократски институции и ќе ги попречуваат погрешните импулси на Трамп додека не си замине од функцијата.
Коренот на проблемот е неморалноста на претседателот. Секој што работи со него знае дека не се води по какви било очигледни основни начела што би го воделе кога носи одлуки.
Иако беше избран како републикански претседател, тој покажува малку афинитет кон идеалите за кои долго време се залагаа конзервативците: слободни умови, слободни пазари и слободни луѓе. Во најдобар случај, тој се повикува на овие идеали колку само за да се повика, а во најлош случај, тој ги напаѓа.
Освен масовното рекламирање и промовирање на идејата дека медиумите се „непријатели на народот“, импулсите на претседателот Трамп, генерално, се антитрговски и антидемократски.
Не сфаќајте ме погрешно. Има и светли точки, кои не успеваат да се прикажат поради речиси непрекинатото негативно известување за администрацијата. Тие се ефективната дерегулација, историска даночна реформа, посилната армија и многу други.
Но овие успеси беа остварени, и покрај лидерскиот стил на претседателот, кој е импулсивен, противречен, тесноград и неефикасен.
Од Белата куќа до министерствата и агенциите на извршната власт, високи функционери во четири очи ја признаваат секојдневната недоверба кон коментарите и активностите на врховниот командант. Повеќето работат да ги изолираат своите операции од неговите каприци.
Состаноците со него често излегуваат надвор од темата и од колосек, бидејќи тој е пофокусиран на репетитивните тиради, а неговата импулсивност резултира со полуразработени, лошо информирани и понекогаш неодговорни одлуки, кои потоа треба одново да се разгледуваат и поправаат.
– Буквално не може да се каже дали ќе го смени мислењето од една минута во друга – изјави неодамна еден висок функционер, кој беше вознемирен од состанокот во Овалната соба, на кој претседателот одеднаш се премислил за една главна политичка одлука што ја донел пред само една недела.
Непредвидливото однесување би било уште позагрижувачко да не се незнајните херои во и околу Белата куќа. Некои од неговите помошници се прогласени за негативци од медиумите. Но тие неофицијално прават сѐ што можат за да ги задржат лошите одлуки во Западното крило, иако не се секогаш успешни во тоа.
Можеби и не влева некаква голема доверба во оваа хаотична ера, но Американците треба да знаат дека во собата има и возрасни луѓе. Нам ни е совршено јасно што се случува и затоа се обидуваме да го сториме тоа што е исправно, дури и кога Доналд Трамп нема намера да го направи тоа.
Резултатот е претседателство што се движи по два колосека.
Земете ја на пример надворешната политика. Јавно и приватно, претседателот Трамп покажува дека претпочита автократи и диктатори, како што се рускиот претседател Владимир Путин и лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун, додека покажува малку искрена благодарност за врските што нè поврзуваат со сојузниците-истомисленици.
Сепак, бистрите набљудувачи забележаа дека остатокот од администрацијата се движи под друг колосек, оној во кој земјите како Русија се критикуваат за мешање и се казнуваат соодветно, а со сојузниците од целиот свет се комуницира како со еднакви партнери и не се исмеваат како ривали.
На пример, за Русија, претседателот не сакаше да протера многу шпиони на Путин како казна за труењето на бившиот руски шпион во Британија. Тој неколку недели се жалеше дека високи функционери го натерале уште повеќе да се конфронтира со Русија и рече дека е исфрустриран што САД продолжуваат да воведуваат санкции против земјата поради нејзиното лошо поведение. Но неговиот тим за национална безбедност знаеше дека такви активности мораше да се преземат и да се побара одговорност од Москва.
Ова не е се активности на таканаречената „длабока држава“, туку се активности на една стабилна држава.
Имајќи ја предвид нестабилноста на која многумина беа сведоци, уште во почетокот на мандатот во кабинетот се шепотеше за активирање на 25-от амандман, со кој ќе почнеше сложен процес за отстранување на Трамп од претседателската функција. Но никој не сакаше да предизвика уставна криза. Затоа ќе сториме сѐ што можеме за да ја насочиме администрацијата кон вистинската насока работата да биде готова, на еден или на друг начин.
Поголема грижа сега не претставува тоа што Трамп ѝ го направил на институцијата претседател туку тоа што ние како нација дозволивме да ни го направи. Толку длабоко падневме со него што дозволивме целиот дискурс да биде лишен од каква било цивилизираност.
Сенаторот Џон Мекејн најдобро го кажа тоа во своето проштално писмо. Сите Американци треба да ги послушаат неговите зборови и да се ослободат од племенската стапица, за да се обединиме преку нашите заеднички вредности и љубовта кон оваа голема нација.
Можеби веќе го немаме сенаторот Мекејн. Но секогаш ќе го имаме неговиот пример како ѕвезда-водилка за враќање на честа во јавниот живот и во нашиот национален дијалог. Трамп може да се плаши од таквите чесни луѓе, но ние треба да ги почитуваме.
Постои тивок отпор во администрацијата од луѓето што сакаат да ја стават земјата на прво место. Но вистинската разлика ќе ја направат обичните граѓани што ќе се издигнат над политиката, ќе посегнат кон другата страна и ќе решат да ги отфрлат различните етикети во корист на единствената, а тоа е дека сите сме Американци.
Авторот е висок функционер во администрацијата на Трамп
Авторот е потпретседателот Пенс?
Во и надвор од Вашингтон веќе се нагаѓа кој би можел да биде анонимниот автор на колумната во „Њујорк тајмс“, кој ги потврдува наводите во новата книга „Страв“ на новинарот Боб Вудворд дека високи функционери спроведуваат пуч против Трамп, обидувајќи се да ги ограничат неговите испади.
Некои коментатори од стилот на кој е напишана колумната шпекулираат дека авторот би можел да биде потпретседателот Мајк Пенс, пренесува Би-би-си.
Трамп и Белата куќа за книгата велат дека е целосна измама, а за авторот на колумната тврдат дека се работи за предавник.