Со почетокот на глобалната интернет-револуција, во регионот се случува „технолошки бум“, а се појавуваат сѐ повеќе технолошки компании, софтверски тимови и докажани програмери и инженери, кои може да претставуваат нова можност за развој на бившите југословенски држави
Што е тоа што земјите од Балканот можат да испорачаат во светот, во услови кога илјадници млади луѓе и стручњаци во разни области заминуваат во потрага по подобар живот. Последните трендови во светската економија ја даваат можноста за помалите и неразвиени земји да се вклучат во т.н. извоз на услуги, за што постои потенцијал во земјите што произлегоа од поранешна Југославија, која располагаше со добра економска и научна база. Фирмите и научните институции од републиките од поранешна Југославија успешно се справуваа со конкуренцијата од другите држави. „Ал џезира“ во својот текст потсетува на пронајдокот „МП-10“, познат како „белградската рака“, првата роботичка рака на светот, која беше произведена во институтот „Михајло Пупин“, во далечната 1963 година. Оваа вештачка рака можеше да ги движи сите пет прсти, а врз основа на неа се направени и сите други роботски и бионички раце.
Југословенските фирми беа во самиот врв и во другите сектори, од производство на спортска облека до автомобили од марката „голф“, „рено“ и „фиат“. Развиена беше и електронската индустрија. Југословенските фирми беа меѓу првите што правеа телевизори во боја во Европа. По распадот на југословенската заедница, многу фабрики исчезнаа и беа лошо приватизирани. Но тоа што е најголемата загуба за националните и поделени економии е загубата на стручњаци, кои заминаа во Канада, САД, Австралија и Германија, поради војните во 1990-тите години. Се проценува дека од овие простори заминале меѓу 150 и 170 илјади инженери и над 15 илјади академици, доктори на науки и врвни експерти од разни области.
Иселеничкиот бран од балканските земји продолжува во последната декада. Според извештаите на германската сојузна служба за работа, само во оваа земја се доселиле 20.000 српски лекари и медицинари, околу пет илјади од Македонија и околу 18.000 од Босна и Херцеговина.
– Кога ќе изгубите толку врвни инженери, лекари, програмери, не можете брзо да ги замените, зашто за нивното школување и усовршување е потребно најмалку една деценија. Сите тие сега придонесуваат за развојот на ЕУ, Канада или Азија и Африка. Тие со нивните знаења придонесуваат за развојот на економиите односно земјите во кои се иселиле – вели колумнистот Бранислав Дејановиќ за „Ал џезира“.
Со почетокот на глобалната интернет-револуција, во регионот се случува „технолошки бум“, а се појавуваат сѐ повеќе технолошки компании, софтверски тимови и докажани програмери и инженери, кои можат да претставуваат нова можност за развој на бившите југословенски држави.
Срѓан Тасиќ, ИТ-стручњак, вели дека со миграциски проблеми се соочуваат и земјите од Балканот што се членки во Европската Унија, како што се Словенија, Хрватска, Бугарија и Романија.
– Земјите од регионот, пред сѐ Србија, БиХ и Македонија, мораат што е можно порано да ги усвојат принципите на „услугите како стока“ или, поедноставно кажано, за развој на извозот на услуги. Во Индија и Кина овој сектор годишно генерира десетици милијарди долари. За вакви услуги постои голема побарувачка на светскиот пазар. Оваа побарувачка ќе станува сѐ поголема, поради поголемото глобално вмрежување и растот на корисниците на паметни телефони и интернет – објаснува Тасиќ за „Ал џезира“.
Последните години во земјите од регионот се појавуваат нови софтверски компании, кои нудат услуги за големи светски корпорации. Неодамна веста за хрватската компанија „Римац“ беше во фокусот на интересирањето на технолошките и автомобилските компании, а се однесуваше на преземањето на легендарниот производител на суперавтомобили „Бугати“. „Римац автомобили“ е компанија што за помалку од една деценија стана глобален играч во областа на производството на електрични автомобили и технологија за производство на батерии за возила.
Стручњаците предупредуваат дека државите од регионот мора веднаш да се ангажираат за поголема промоција на „економијата на знаење“, претежно во информатичката индустрија, за да може целиот Балкан да го фати чекорот со развиениот свет и да се спречат нови масовни преселби на млади и пред сѐ високообразовани кадри.