Некои од американските политичари и безбедносни експерти сметаат дека ефикасната борба против појавата на „новиот тероризам“ не е можна доколку тоа не се прави директно од Авганистан

Лице од црната листа на кое му е забранет влез во Обединетото Кралство долетало со воен авион од Авганистан во земјата како дел од евакуацијата од аеродромот во Кабул. Висок претставник на граничната полиција изјавил дека пет лица на црната листа се обиделе да го напуштат Авганистан со британска помош и дека четворица биле запрени. Петтото лице успеало да се пробие до Бирмингем, во централна Англија, објави „Скај“. Оваa информација вчера беше објавена речиси во сите светски медиуми, а предупреди на можноста од „инфилтрација“ на милитантни лица од Авганистан во другите делови од светот. Иако американскиот претседател Џо Бајден повлекувањето на американските сили од Авганистан го оправда со тоа што е исполнета првенствената безбедносна цел за САД, а тоа е спречено оваа азиска земја да биде легло на тероризмот, се поставува прашањето што ќе се случува со „распуштените“ сили на талибанците и на другите екстремистички групи што дејствуваа на просторот на Авганистан.

Некои од американските политичари и безбедносни експерти сметаат дека ефикасната борба против појавата на „новиот тероризам“ не е можна доколку тоа не се прави директно од Авганистан. „Дојче веле“ пренесува изјава на еден генерал што изрази загриженост од обновување на мрежите на терористичките групи како Ал каеда и Исламската држава.
– Се враќаме во состојбата од пред 2001 година. Тоа значи дека Авганистан повторно е жариште на тероризмот – изјави републиканскиот конгресмен Мајкл Мекол.

Даниел Бајман, експерт за тероризам на Блискиот Исток, смета дека има причина за страв, но дека состојбата се изменила многу од пред дваесет години. Бајман за весникот „Форин аферс“ наведува неколку причини за тоа дека се враќа на старите позиции. Според него, Ал каеда изгуби голем дел од силата, Исламската држава е во непријателски односи со талибанците и на крајот талибанците извлекле поуки од грешките од минатото и сега се однесуваат поинаку.
– Тие не сакаат да бидат парадржава. туку таа да биде меѓународно признаена – вели Кристијан Вагнер, експерт за Југоисточна Азија во берлинската Фондација за наука и политика.

Во првиот мандат на талибанците, кон крајот на минатиот век биле признаени од три земји: Пакистан, Саудиска Арабија и Обединетите Емирати. Вагнер вели дека талибанците знаат дека мора да се однесуваат поинаку доколку сакаат да бидат нашироко признаени, а тоа подразбира и променет однос кон џихадистичките групи.
Авганистан како место во кое непречено функционираат меѓународни терористички групи не е закана само за Западот туку и за Русија, која со години одржува канали за комуникација со талибанците, а Кина од пред неколку месеци сѐ почесто разговара со нив, пишува во текстот на „Дојче веле“. Водството во Техеран, исто така, се потпира на дијалогот со талибанците, додека министерот за надворешни работи Џавад Шариф веќе понуди помош во мировните преговори што се водат во Авганистан.

Конечно, и по повлекувањето, САД не зависат само од добрата волја на талибанците кога е во прашање заштита од терористички закани. Даниел Бејман нагласува дека американската војска има добри извидувачки можности, па и да дејствува со дронови.
– Американската војска пронајде начин воздухопловните бази надвор од Авганистан да ги користи за напади или да дејствува на друг начин доколку биде неопходно – пишува Бејман.

Врската меѓу талибанците и Ал каеда останува блиска, предупредува Едмунд Фитон-Браун, шеф на мисијата на Обединети нации за надзор на терористичките групи.
– Тргнуваме од тоа дека водството на Ал каеда и натаму ќе биде под заштита – изјави тој за американската телевизија НБЦ.
Односот со Исламската држава изгледа сосема поинаку. Според извештајот на Советот за безбедност од мај 2020 година, оваа група претрпела значителни загуби, а за тоа важна улога имале и талибанските сили.

Џихадистичките групи како Ал каеда и ИС имаат поинакви цели од талибанците. Првите две дејствуваат на меѓународно ниво, а талибанците се насочени главно кон проширување на владеењето во Авганистан. Различното гледање одигра улога само во односите меѓу талибанците и ИС, забележува Кристиан Вагнер.
– ИС ги обвинува Авганистанците дека повеќе ја вреднуваат државата од исламот. Двете групи, талибанците и Ал каеда се меѓусебно поврзани со заедничкото борбено искуство во Авганистан, но во некои случаи тешко е да се одвојат. Можно е талибанците по доаѓањето на власт да го отежнат односот со Ал каеда. Многу работи ќе зависат од соодветните лични врски – објаснува Вагнер за „Дојче веле“.


По хаосот на аеродромот во Кабул во изминатите денови, еден висок талибански член на политичкото лидерство го посети Дмитриј Жирнов, рускиот амбасадор во Авганистан, за да побара од Русија да им каже на бунтовниците во долината Панџшир дека талибанците се надеваат на постигнување политички договор. Дипломатот порача дека талибанците не сакале крвопролевање во регионот. Рускиот специјален пратеник во Авганистан, Замир Кабулов, порача дека Кремљ би можел да ја признае новата талибанска влада врз основа на „однесувањето на новите власти“.

Долината Панџшир северно од Кабул, која е упориште на Северната алијанса на милиции што дејствуваа заедно со САД за време на инвазијата на Авганистан во 2001 година, е единствената област што не падна во рацете на талибанците. Ахмад Мансур, лидерот на авганистанскиот отпор во Панџшир, се надева дека ќе одржи мировни преговори со талибанците, а неговите сили се подготвени да се борат ако бунтовниците се обидат да ја нападнат долината. Меѓу другите играчи за мирно решение е и поранешниот доктор Абдула од Северната алијанса, кој му беше близок соработник на таткото на Масуд, еден од најистакнатите лидери во антисоветскиот отпор на Авганистан во 1980-тите години.

Минатата сабота, во Кабул пристигна и талибанскиот политички лидер мула Абдул Гани Барадар, кој ги претставуваше талибанците во преговорите во Катар со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Барадар неколкупати преговараше со Карзаи додека не беше уапсен и притворен од страна на пакистанската разузнавачка служба. Сепак, секој обид на новата влада да биде „инклузивна“ ќе наиде на противење од тврдокорните талибанци што дури и на Карзаи и на Барадар би им било тешко да ги надминат.