Здружението „Победа“ од хрватскиот град Осиек, кое е засолниште за напуштени животни, објави интересен текст на Фејсбук во врска со изложбите на кучиња, како и кинолошките друштва.
– Изложбите за кучиња служат за избор на совршен примерок од секоја раса во согласност со кинолошките стандарди. Активистите за правата на животните не ги дискриминираат животните што сакаат да ги заштитат. Тие јасно и гласно повикуваат не само за борба за правата на кучињата туку и за сите видови животни, бидејќи веруваат дека сите животни имаат право да постојат непречено и слободно од луѓето – се вели во соопштението на здружението.
Тогаш, зошто на активистите за правата на животните цел им се кинолошките друштва? Се чини дека овие друштва се грижат многу за благосостојбата на кучињата.
На пример, Американскиот кинолошки сојуз (АКС) издава „документи“ за секое расно куче, што е голем проблем за активистите за правата на животните, кои се обидуваат да ја запрат продажбата од одгледувачници за кученца. Кога еден одгледувач ќе каже дека неговите кученца се „чистокрвни“, многу е тешко да се убедат клиентите дека секое кученце, без разлика каде е родено, ќе добие АКС-педигре. Тоа не го прави кученцето поздраво или попожелно, особено ако е купено во продавница за миленичиња.
Изложби на кучиња
Изложби на кучиња се организираат низ целиот свет. Во САД, најпрестижните изложби се организирани од Американски кинолошки сојуз. На едно шоу на АКС, кучињата се оценуваат според серија критериуми наречени „стандарди“, кои се единствени за секоја признаена раса. Кучето може да биде целосно дисквалификувано поради одредени отстапувања од стандардот. Прецизно се одредени и нивниот начин на одење, крзното, големината и обликот на главата, опашката и телото. Некои стандарди дури бараат одредени раси да бидат осакатени за да се натпреваруваат. Треба да им се скратат опашките, а ушите хируршки да се реконструираат. Медали, трофеи и поени им се доделуваат на кучиња што најмногу одговараат на стандардот на нивната раса. Откако ќе освојат поени, кучињата можат да добијат статус на шампион и да се квалификуваат за изложби од повисок ранг. Само чистокрвни, некастрирани кучиња можат да се натпреваруваат. Целта на тие поени и изложби е да се осигури дека само на најдобрите примероци од расата им е дозволено да се размножуваат и да ја подобруваат расата со секоја нова генерација.
Проблем со размножувањето
Најочигледниот проблем со изложбите на кучиња е тоа што тие го поттикнуваат размножувањето, директно и индиректно.
– Кастрирани или стерилизирани кучиња се несоодветни за конкуренција, бидејќи целта на изложбата на кучиња е да се оцени линијата за размножување – наведено е на веб-страницата на Американскиот кинолошки клуб.
Изложбите создаваат култура базирана на размножување, изложување и продажба на кучиња, во потрага по шампион. Додека само во САД секоја година од три до четири милиони мачки и кучиња се убиваат во засолништа, размножувањето е последното нешто што ни треба.
За активистите за правата на животните, „одговорен одгледувач“ е контрадикција, бидејќи секој што одгледува не е доволно одговорен да помогне да се држи популацијата под контрола, т.е. одговорен е за раѓање и смрт на несакани кучиња. Ако помалку луѓе одгледуваат кучиња, ќе има помалку кучиња за продажба и повеќе луѓе би посвојувале од засолништа. Одгледувачите, исто така, создаваат побарувачка за кучиња и раси преку рекламирање.
Понатаму, не секој што сака да се ослободи од „чистокрвно“ куче, ќе го врати кај одгледувачот. Околу 25 отсто од кучињата во засолништата се „чистокрвни“ кучиња. На интернет-страницата на АКС може да се најде листа на заедници што спасуваат одредени раси, но тоа не е за посвојување или спасување кучиња, туку за „информации за спасување расни кучиња“. Ништо на таа страница не промовира посвојување или спасување кучиња. Наместо да поттикнуваат згрижување и спасување, нивната страница за спасувачки заедници се обидува да ја пренасочи јавноста на нивната страница за пребарување одгледувачи, препорачана страница за одгледувачници и класифицирани огласи на одгледувачи на интернет.
Секое куче купено од одгледувач или од продавница за миленичиња е глас за повеќе размножување и смртна казна за куче од засолниште. Додека изложувачите се грижат за благосостојбата на нивните кучиња, се чини дека тие малку се грижат за милиони кучиња што не се нивни. Како што вели еден судија од АКС, „ако не е чистокрвно куче, тогаш тоа е мешана раса, а мешаните раси се безвредни“.
Чистокрвни кучиња
Активистите за заштита на животните се противат на промоцијата на „чистокрвни“ кучиња, не само затоа што го поттикнува одгледувањето и парењето на сродни раси туку затоа што имплицира дека овие кучиња се попожелни од другите. Без изложби на кучиња, ќе има помала побарувачка за кучиња со одредено потекло или оние што одговараат на неприроден сет на физички спецификации, кои се сметаат за идеални за секоја посебна раса.
Додека одгледувачите се стремат да ги исполнат стандардните барања за расата на нивните кучиња, парењето на сродни раси е вообичаено и очекувано. Одгледувачите знаат дека ако се најде одредена посакувана особина во лозата, со парење на двајца крвни сродници, таа особина ќе дојде до израз. Меѓутоа, оплодувањето на крвни сродници ги зајакнува другите карактеристики, вклучително и здравствени проблеми.
Истражувањата сугерираат дека „мешаните раси“ се најздрави кучиња. Расните кучиња, сепак, се познати по здравствени проблеми, поради вкрстување на родот или самите стандарди на расата. Брахиоцефалните раси како што се булдозите не можат да се парат или да родат природно поради тешкотии при дишењето. Женките од булдог мора да бидат вештачки оплодени и да се породат со царски рез. Ретриверите со рамно крзно се склони кон рак, додека половина од расата кавалерски шпаниел страда од валвуларни срцеви заболувања.