Содржината на краткиот извештај на поранешната амбасадорка на САД во Македонија, Џилиен Миловановиќ, некои од медиумите целосно ја изманипулираа. Тие направија груб фалсификат и целосно извртување на вистината, доведувајќи ги читателите во тешка заблуда. Текстот во продолжение е единствено во интерес на граѓаните, вистината и во интерес на професионалните новинарски принципи
Поговорката дека најмногу се лаже во војна, по лов и риболов и за време на избори, отсега треба да има и додавка – се лаже и за време на референдум. Повод за оваа констатација е објавата на досега непознатата, класифицирана, депеша од поранешната амбасадорка на САД во Македонија, госпоѓата Џилиен Миловановиќ, до нејзиното министерство за надворешни работи (Стејт департмент) во врска со преговорите за името со Грција. Подетално, објаснување за ставовите на македонското раководство кон тоа прашање.
Според документот насловен „Тоа што е потребно за Македонија да го реши спорот за името“ од 29 јули 2008 година, Македонија била расположена да прифати име Република Северна Македонија, под услов тоа да вклучува признавање „македонски“ јазик и националност.
– Амбасадата на САД во Скопје оценува дека македонската влада е подготвена, поради отворање на патот во НАТО и членство во ЕУ, да се согласи на име Република Северна Македонија во сите меѓународни организации – се наведува во документот на американската амбасада во Македонијa.
Црвената линија е, се заклучува во документот, тоа што на Македонија ѝ е потребна гаранција дека нивниот јазик, националност и другото ќе продолжи да се нарекува „македонски“, а не „северномакедонски“.
Депешата во македонските медиуми е преземена од грчките, но македонските медиуми (портали и весници), поддржувачи на политиката на актуелната влада и за промена на името, го дале само едниот дел од телеграмата, само оној дел што во моментов одговара на референдумската кампања да се гласа за промена на името. Нагласувајќи ги во насловите и во самата содржина на текстовите деловите дека и поранешните влади (на Бранко Црвенковски и Никола Груевски) се согласиле и го прифатиле името Северна Република Македонија, а не објавувајќи ги и другите делови. На тој начин овие медиуми вршат груб фалсификат и целосно извртување на вистината, доведувајќи ги читателите во заблуда дека тие раководства го прифатиле тоа што е прифатено денес.
Имено, во самиот допис на амбасадорката (инаку и лична пријателка на Црвенковски) пишува дека тогашниот претседател на државата, Бранко Црвенковски, сметал дека името „Северна Македонија“ за внатрешна употреба е премногу.
– Црвенковски мисли дека Грција ќе се согласи за името Северна Македонија. Хил праша за македонскиот идентитет и јазик. Црвенковски рече дека евентуален излез е грчката позиција дека дискусијата е само за името на државата, а националноста и јазикот не се дел од разговорите. За Црвенковски како можно решение, кое ќе го потпише, е билатерален договор со Грција само за името и обемот на употреба во билатерални односи. Македонија треба да ги задржи македонскиот јазик и националност/идентитет, но ова може да биде со резолуција на Обединетите нации (како додаток), а не нешто што Грција ќе треба да го потпише, со што ќе се спаси лицето на Грција и ќе се постигне договор за името и можниот опсег на употреба. Црвенковски вели дека Нимиц го разбира овој пристап.
Црвенковски мисли дека Република (Северна) Македонија ќе може да функционира во опсег каде што сега се користи ФИРОМ. Тој вели дека обемот го смета за најпроблематичен елемент. Пред букурешката понуда Македонија да ги прифати препораките, кои нациите сметаат дека треба да се користат (или препорачуваат да се користат) договорено име во билатералните односи, наместо уставно име, но последниот предлог на Нимиц да се бара билатерална меѓународна употреба е премногу. Исто така, премногу е која било формула што бара Македонија да се вика поинаку од Република Македонија, на пример на пасошите или на продуктите. Една работа е да се дискутира како другите ќе ја нарекуваат Македонија, и под кои услови, но сосема друга работа е да разговараат за услови за диктирање Македонија да се вика поинаку од уставното име – пишува Миловановиќ во извештајот што го објави „Викиликс“.
Тоа е целосната содржина на краткиот извештај на Џилиен Миловановиќ, која некои од медиумите целосно ја изманипулираа. Како што може да се согледа од него, а тоа било и јавно соопштувано, поранешните претседатели на Владата го прифаќале името Северна Република Македонија, како што прифаќале имиња и со други географски одредници, но никој не се согласувал тоа да биде ерга омнес и за внатрешна употреба и да навлегува во Уставот на државата или постигната спогодба да има влијание врз промена на општественото уредување на државата.
Дека Република Македонија ќе го промени името беше јасно уште од првиот ден од приемот на Република Македонија во Обединетите нации, во април 1993 година. По првичната заблуда на претседателот Киро Глигоров дека проблемот ќе трае само два-три месеца (заблуда заснована на меѓународни ветувања дека прашањето брзо ќе се затвори) и нему му стана јасно дека без таква промена Македонија тешко ќе се вклопува во меѓународните односи и процеси. Неговата втора заблуда беше дека времето работи во македонска корист и што се надеваше дека со текот на времето Република Македонија како таква ќе го добие признанието од сите држави, вклучувајќи ги и САД и Грција.
Сепак, додека Глигоров беше претседател се обидуваше да најде формула за решавање на спорот. Негова беше идејата за таканаречената „двојна формула“, што значеше сите држави во светот да нѐ викаат со уставното име Република Македонија, а Грција да нѐ вика како што сака. Глигоров знаеше во многу случаи и со домашни и со странски експерти да си ги преиспитува своите позиции за името, но никогаш не ни помислуваше дека во тој спор може да бидат вовлечени и загрозени македонските национални позиции и идентитетски атрибути што ја отсликуваат самобитноста на македонскиот народ и македонската државност. Во тој контекст и Глигоров ги вртеше имињата со географска одредница, „горна“, „долна“, „северна“, „вардарска“, „горновардарска“ и слично. Нему блиска му беше идејата државата да се вика „Словенска Република Македонија“, но не само што беше свесен самиот дека тоа е неможно, туку експресно доби порака дека такво нешто Албанците во Македонија никако не може да прифатат. Сепак, кај него во најголем дел преовладуваше името „Република Македонија (Скопје)“, кое речиси да беше прифатено од двете страни уште за време на неговото владеење. Но нешто чудно се случи, прекуноќ настана некој необјаснет пресврт и решението изостана, до денес.
Како што може да се види и од извештајот на амбасадорката, на такви позиции цело време бил и Бранко Црвенковски. И во својство на претседател на Владата и во својство на претседател на државата јасно изјавувал дека Република (Северна) Македонија, ќе може да функционира во опсег каде што се користи ФИРОМ. Таквите тези ги застапувале и сите министри за надворешни работи, кои сега молчат. Име со географска одредница прифаќале и сите досегашни претседатели на Владата и на државата.
Неоспорно е дека референдумот за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ закажан на 30 септември ќе успее. Зад него застанаа сите релевантни дипломатии и држави и нема никакво сомневање дека граѓаните во мнозинство ќе се изјаснат за. Затоа неразбирливи се обидите во медиумската кампања да се користат лаги или фалсификати. Резултатот треба да биде чист, да не остава сомневања и да не биде повод за нови национални делби и оставање историски последици.