По 40 години
По сѐ изгледа Британците почнаа да го губат својот препознатлив остар хумор, а прва на удар е култната ТВ-серија „Ало, ало“. Британците велат дека серијата има премногу навредливи содржини, полна е со стереотипи и сексистички алузии.
Серијата „Ало, ало“ за едно француско село и за неговите жители во текот на германската окупација за време на Втората светска војна од неодамна се репризира и во Велика Британија, а гледачите почнаа да негодуваат на социјалните мрежи кога забележаа дека пред секоја епизода се појавува предупредување за „потенцијално навредлива содржина“. Проблематично им е пренагласеното имитирање на францускиот акцент, а тоа е така за да биде серијата поинтересна, но им пречат и претераната сексуализација на жените и големиот број стереотипни реплики.
– Оваа комедија ги содржи јазикот и ставовите на своето време, кои може да бидат навредливи за некои гледачи – се наведува во предупредувањето што е истакнато, бидејќи климата во општеството е сменета, иако оваа серија во изминатите 38 години е репризирана безброј пати.
Рене, неговата жена Едит, тештата, господин Леклер, Мишел од Движењето на отпорот, Мими, хер Флик, Хелга и другите би можеле засекогаш да бидат избришани од малите екрани и да преминат во илегала, наспроти симпатиите кај сите оние што ја задржале смислата за хумор и ги сфаќаат иронијата и сарказмот што се ѕвезда водилка на целиот серијал, кој со задоволство се гледа и кај нас. Комедијата на Би-би-си, која се прикажуваше од 1982 до 1992 година, го следи животот на Рене и случките во неговото кафуле, омилено место на Германците и параван за Движењето на отпорот.