Дури и по 25 години релативен мир, Балканот сè уште треба да ја постигне трајната стабилност што беше посакувана кога им се стави крај на војните во регионот. Но сега, кога запре процесот на интеграција во Европската Унија, не може да се исклучи можноста од појава на насилен конфликт
Со оглед на тоа што дведецениската војна во Авганистан стигна до најстрашниот можен крај, вреди да се запамети дека сега поминаа три децении откако започна војната на Балканот. И двете се студии на случај за тоа како лошото управување со војната може да има катастрофални ефекти, кои траат со децении. На Балканот, малата војна помеѓу распаднатата држава Југославија и Словенија, една од нејзините конститутивни републики, беше проследена со поголем конфликт во Хрватска. Само за една година, див конфликт беснееше и во Босна и Херцеговина. Одеднаш, европскиот „повоен“ период заврши.
Балканските војни беснееја една деценија. Дејтонскиот мировен договор го заврши конфликтот во Босна во 1995 година, но потоа дојде Косовската војна, која продолжи до 1999 година, а потоа во 2001 година следуваше сериозно избувнување на насилство во денешна Северна Македонија. Сè на сè, балканските војни однесоа повеќе од 100.000 животи, раселија милиони луѓе и го уназадија економскиот и општествениот развој на регионот со децении. Иако живееше во голема мера на кредит, старата Југославија им даде на своите граѓани подобар животен стандард од оние во другите социјалистички држави. Долгиот насилен распад на земјата го промени сето тоа.
Мировните договори што беа склучувани тогаш беа само привремени мерки. Сите сфатија дека трајната стабилност ќе бара поширока и многу посеопфатна рамка. Така, во 2003 година, лидерите на Европската Унија (ЕУ) порачаа дека сите земји од регионот треба да работат кон иднина со стабилност и траен мир во рамките на ЕУ. Никој не очекуваше дека тоа ќе се случи прекуноќ, но ниту некој помисли дека процесот на интеграција ќе биде толку развлечен како што беше. Од приемот на Словенија и Хрватска во 2004 година, односно 2013 година, проширувањето на Балканот во ЕУ практично запре.
Има две причини за тоа. Прво, политичките и економските реформи во балканските земји што не се членки на ЕУ беа неверојатно бавни, додека корупцијата и националистичкото расположение сè повеќе се вкоренуваа. Второ, поддршката за понатамошно проширување избледи во многу земји на ЕУ. Иако политичарите сè уште усно се залагаат за идејата, но не и практично, сепак новите пречки и одложувања се пречекуваат со олеснување во неколку клучни членки од Унијата.
Покрај тоа, проблемите во балканските земји се сериозни. Четвртина век по Дејтонскиот договор, меѓународната заедница смета дека Босна е толку политички нефункционална, што наложува нов висок претставник со широки овластувања (јас бев првиот што имал таква функција, служејќи од 1995 до 1997 година), што ефективно ја одвраќа земјата од агендата за пристапување во ЕУ. Во меѓувреме, Србија се најде под власта на авторитарен режим, кој еден ден флертува со Кина, а следниот ѝ се поклонува на Русија, додека нејзините владини претставници продолжуваат да се претставуваа во добро светло пред Европската комисија во Брисел. И покрај огромните напори и од ЕУ и од САД, отворените прашања меѓу Србија и Косово не се ни блиску до решавање. Конечно, откако ѝ беше блокиран пристапот во ЕУ од страна на Грција (поради спорот за нејзиното име), Северна Македонија сега се најде на удар на Бугарија од причини што датираат од далечната историја на регионот (но немаат важност во сегашноста).
Дополнително усложнување на работите е тоа што борбата на ЕУ да ги заузди нападите на унгарската и полската влада врз владеењето на правото и независните медиуми го намали апетитот за преземање ризик со потенцијално нелиберални нови членови. Кога Унгарија ја нуди својата силна поддршка за кандидатурата за пристапување на Србија, многу други во ЕУ гледаат скриена агенда што треба да се блокира.
Приодот на ЕУ во 2003 година беше храбар и мудар стратегиски чекор. Но сега, кога исчезнуваат шансите за балканска интеграција, сегашната фарса не може да продолжи. Наместо тоа, политичките лидери мора да ја прифатат реалноста и да започнат со мапирање реални привремени чекори што би можеле да ги подобрат условите во регионот без напуштање на конечната цел. Добра почетна точка е иницијативата „Отворен Балкан“, креирана за да ја зголеми трговијата помеѓу Албанија, Македонија и Србија. Но тоа не е доволно. ЕУ треба да го преземе водството со предлагање нов договор, кој вклучува понуда за членство во нејзината царинска унија и единствен пазар.
Пред три децении, балканските војни започнаа со мал десетдневен конфликт на границите на Словенија. Сега, Словенија е таа што претседава со Советот на Европската Унија. Неговата агенда за лидерство вклучува самит помеѓу сите земји од Западен Балкан и членките на ЕУ овој октомври. Тој повод треба да поттикне јасно и реално размислување од сите страни. Алтернативата за Западен Балкан би била враќање на насилството. Тоа веќе претходно се случи. Тоа се случува сега во Авганистан, но не смее да се повтори во Европа.
Автор е поранешен шведски министер за надворешни работи и премиер. Меѓу другото е истакнат меѓународен дипломат, кој служеше како специјален европски пратеник во поранешна Југославија и висок претставник за Босна и Херцеговина. Исто така беше специјален пратеник на ООН за Балкан и копретседавач на Дејтонската конференција